Ви лав Тв, ви лав Трамп

Изгледа ќе почекаме за покачувањето на платите. Барем додека не завршат сите постапки околу декемврискиве избори, кои се во надлежност на „професионалната, финансиски, техничко и кадровски“ обезбедена Државна изборна комисија.

            Која сеуште не е начисто – што по ѓаволите се случува со избирачкиот список. Повторно.  

 

Sons of anarchy

 

          За да стекне што поголема популарност, да создаде голема публика, да го задржи вниманието на гледачите, продуцентите ангажираат познати актерски имиња. Основната приказна се расплетува од сезона во сезона. Ако приказната наиде на очекуваната гледаност, тоа ги мотивира продуцентите да креираат нови и нови заплети, расплети, интриги и драми, да ги фрла јунаците во што е можно подраматични ситуации, внимавајќи во композицијата да има доволно гламур, секс, насилство и се разбира, компилација на широк спектар од ликови, така да секој од нас има можност да се поистовети со среќата или несреќата на избраниот лик и да ужива во моментите на катарзата.

Нашиов серијал пред да премине на малите екрани, почна скромно, како радиодрама, во која ние слушателите можевме да уживаме и да се соживуваме со нашите јунаци. Актерите беа на висина на доделените улоги. Извлекоа максимум во тој помалку потценет денеска медиум. Целосно ни ги доловија гламурот, насилството, моќта, драмата, личните конфликти на омилените ликови кои на моменти самите признаваа дека се луди. Се разбира, за голема среќа на слушателите, таквата популарност мораше да заврши на малите екрани.

           Ја добивме телевизиската  серија „Политичката криза во Македонија“ која во конкуренција со силните турски серии, со семожните ѕвезди на разни грандови и владини грантови, бесконечни реклами и …пак реклами, се проби заслужено на првото место според гледаноста.

          Но, иако сите ние верните фанови, приврзаниците и приврзоците, помалку и се плашевме дека нашата омилена серија е при крај, продуцентите, иако не директно, сепак преку регулираните медиуми, па и кај некои помалку регулирани, ја раширија веста дека ќе има нова сезона. Дека ние и следната година ќе уживаме во омилениот серијал, ќе ја имаме омилената семејна забава и понатаму.

          Веројатно во тоа помогна и масовното собирање на најфанитичните меѓу нас. Тие и во овие студени декемвриски денови се на улица пред седиштето на „Мрежата“. Иако како возрасни личности се свесни дека станува збор за фикција, дека тоа е просто измислица, одбиваат да се простат од своите јунаци. Такво нешто му се случило на Конан Дојл кога решил да го „убие“ Шерлок Холмс. Читателите протестирале пред објектот на издавачот на авантурите на популарниот детектив, па Дојл немал избор, па го „воскреснал“ Холмс.

          Според приказните кои се разменуваат меѓу фановите на социјалните мрежи, продуцентите подготвуваат вистински пикантерии за уште сега нестрпливите обожаватели. Интриги, злосторства и казни, изневерени пријатели и необични сојузници, јунаци и помалку јунаци, сето тоа спакувано и спастрено со најсовремена технологија. Некои веќе лиферуваа и одредени трејлери (снимките се со лош квалитет) кои имаат вртоглава гледаност на сајтовите каде што се поставени.

          На крај, верувам дека сите со нетрпение ги очекуваме празниците за да го проследиме документарецот „Како се снимаше Политичката криза во Македонија“ кога ќе имаме прилика да слушнеме од самите актери, од сценаристите, од режисерот и од сите кои се дел од екипата, за тоа како им влијае на секојдневието таквата популарност, и дали им недостасува да бидат обични и непознати луѓе како нас. Уживајте.

Телевизорџијата

You May Also Like