На 19 август во Прилеп на плоштадот Александрија, камена бина, се одржа манифестацијата „Изворен балкански фолклор 2016“. Манифестацијата беше во организација на ЦК Марко Цепенков од Прилеп, во рамки на Прилепското културно лето 2016. Учествуваа Културно уметничи друштва од Македонија, Бугарија и Србија.
Здружението „Македонско – Бугарско пријателство“ се приклучи во соработка со ЦК Марко Цепенков и обезбеди присуство на ансамблот „Гоце Делчев“ од Софија, Р.Бугарија. Притоа, членовите на ансамблот, заедно со директорката Маргарита Недкова, за време на нивниот краток престој во градот, беа гости во прилепскиот огранок.
Средбата меѓу членовите на ансамблот и претставниците на здружението помина во пријатна атмосфера со музика, песна и оро. Низ неформалниот разговор и двете страни останаа отворени за понатамошна соработка. Убавото расположени се префрли и во центарот на Прилеп каде ансамблот имаше настап на отворено пред прилепчани.
Ансамблот „Гоце Делчев“ е бугарски ансамбл за народни песни и ора основан во 1945 година од бугарски бегалци од Егејска и Вардарска Македонија по иницијатива на композиторот Димитар Динев. Ансамблот зад себе има бројни турнеи и на тој начин го чува, пренесува и презентира фолклорот во Бугарија и надвор од неа. Учествувале на многу фестивали, натпревари и истовремено добиле бројни награди. Се гледаме на некој сличен настан, повторно во позитивна атмосфера.