Тукашниот севкупен народ, во основа, навистина не ги мрази Албанците колку што врескаа груевистите против нив, но народот чувствува и гледа дека Албанците само поентираат, а него неговите партии на што и да го насочат, отпосле увидува дека секогаш го насамаруваат. Секогаш е на губитничката страна. Зашто?
Македонизмот ја изведе целата бескрупулна историја на бесчестието врз својот народ и пак не успеа. Како да им објасниш на нашиве одбрани македонистички тапчовци дека и за нив лично помало ќе е бламирањето ако воопшто ништо не бранат и од никого не не заштитуваат. Сакаш ли нагледно да учиш вежбање на одвратност – гледај вечерни тв дебати на нашите телевизии. Македонците се мразат себе си, Албанците влакно не даваат да падне и на она што баш секогаш не им служи на чест…
Југославија од сите страни веќе се нишаше и на година и пол пред нејзиниот распад, дури во 1987, во додатокот на “Лик“ на “Нова Македонија“, никој друг, туку академик Гане Тодоровски во неговото интервју порача дека е време на народот да му се каже дека српскиот јазик треба да се воведе како втор службен јазик во република Македонија. Неговото интервју предизвика лавина реакции. Значи, баш секогаш не се молчеше. Му се спротивстави, поетот Голооточанец, сега покојниот, Душко Наневски, на него се надоврзаа уште многумина јавни личности, повеќе против, малкумина за и таа идеја застана. Оној што сака да ја провери целата оваа полемика, излезена е и во посебна книга. Јас како новинар во научно популарната програма на МТВ, тогаш направив емисија со многумина од вклучените и невклучените во ваа полемика и најмногу ме зачуди кога од малкумината од оние кои ја поддржуваа оваа идеја беше и Блаже Ристовски.
Во истата таа 1987 година, Собранието на социјалистичка република Македонија изгласа закон со кој на народните пратеници Албанци им се забранува да зборуваат од собраниската говорница на својот јазик… Макар што таа нивна уставна можност ретко кој на албански јазик ја ползувал.
Ако некој за последниве триесеттина години бескрајно ги иритираше граѓаните со македонистички терор за неможно идеолошко помирување на мртвите и граѓанско сплотување на живите беше токму академик Ристовски. Денеска од времето замолчан, но вечно семоќниот “фолклорист“ и “протагонист“ особено ги провоцираше македонските Албанци со се нови и нови заложби за учење на македонски јазик на училиште: не од петто, од трето, не од трето од прво, не од прво од предшколска, не од предшколска, од градинка, не во дневници, само во службени книги, не во службени книги, само на официјални документи… Албанците со векови никој кога не ги принудуваше да учат македонски наречја и знаеја да се разберат со своите соседи, сега македонистичките душегрижници им го згадија на македонските Албанци и чаршискиот македонски и нејќат да го зборуваат, но веќе и со дебели оправдувања дека државата ги малтретирала…
Какви беа тоа идеолошко партиските тела и високи функционери во КПЈ кои направија списоци со албански лични имиња кои не смеат да им се даваат на новородените Албанчиња? Лиродона? На наше Слободанка… Баш е убаво сега пак да излезат тие партиски листови со проскрибирани албански имиња.
Ја читав и преведената и на македонски пред дваесетина години, Книгата за Ветмохими (за Самомонижувањето) на косовскиот Албанец, Адем Демачи и се чудев. Дело без дело, неможно за споредба и со средни книжевни остварувања на албански јазик, но со биографија на авторот достојна за нобеловец – дисидент која што му ја пишувала УДБА цели дваесет и осум години. Од четириесет и пет години на постоење на титова Југославија, за ништо, политички затвореник дваесет и осум години! По Нелсон Мандела, најголем затворски престој во светот од политички причини! Толку ли омразата им ја заслепила свеста, во задникот ли им беше мозокот на југословенското партиско раководство? Уништувајќи му го животот заради застапувањето на кој знае баш колку обмислена кај него идеја за,“ Косово – република“; идеолошкиот фанатизам на Партијата покажува дека не била подалеку од Адем Демачиевата младешко мисловна закостенетост. Вадејќи пиштол на секоја мува, наместо само со рака да мафнат, еднопартизмот се натпреваруваше и ликуваше во покажаната суровост на сенешто застанато на идеолошкиот пат, со кое што само потхрануваше сечие и секакво незадоволство. И ширум, како во случајов, отвораше порти не само за република, туку за Косово – држава.
Од дваесет и три години на суштествување на Караѓорѓева Југославија, затот на Тодор Александров, радовишанецот Коце Ципушев одлежува дури деветнаесет години затвор. И Венко Марковски е на таа светска топ десет на Амнести интернешенел, (за кого мојата скромност ја напиша драмата “Македонскиот Фауст“) со шеснаесетина години затворенички стаж.
Со таа мрачна топ листа за долго робијање од идеолошко политички причини, ние Македонците можеме ептен да “се пофалиме“, со многу, со стотици имиња кои што од политички причини поминале на Голи Оток и во Идризово, ситница, од пет до десет години. Но, таква е човечката вечна, без одговор и разрешница, бескрајната приказна за односот на државата кон граѓаните…
Петнаесеттина години пред познатиот вевчански случај, но медиумски останат потполно во мрак, во раните седумдесетти години, градот Гостивар решил, пак, уште еднаш да зема вода од изворот на Вардар. Најспонтано, вруточани и Македонци и Албанци, појдоа в гостиварската општина да им објаснат на општинските власти дека на триста метри до изворот, отаде црквата, има уште едено големо извориште, Шапатинец, очигледно крак на нашата прочуена река и него нека го земат за експлоатација, нека не го чепкаат уште еднаш познатиот извор… Што би се рекло со јазик на денешниве невладините организации, граѓанска самосвест, иницијатива и меѓунационално самоорганизирање за пример… Но кој да им објасни на аздисаните општинџии од кај повторно да земат вода за градот што се шири и што “се дави“ во вода од секоја Шарпланинска тумба над него? За инает на воздигнатите селани, пак ќе земат вода од изворот на Вардар, па макар екскурзијантите и посетителите веќе да не видат и капка од изворот – македонски симбол! Настана период на народно вриење, моите повозрасни вруточани окркаа по некоја полициска палка, но не се предаваа. Отидоа неколку пати и до “ЦеКа“ во Скопје, ги примил Папеш, ги примил некој полковник, ги примил некој со главата меѓу уши, ја побараа божем за разбирање и старата селска познаничка, илегалката што цела зима ја криеле во време на НОБ по вруточките куќи, Веселинка Малинска, но потиштено се враќаа. “Сите биле исти лајна“… Збрчеа ликувачки булдожерите на Главардар за да им покажат на дрзниците кои се повисоките национални интереси и повеќе од половина од изворот го каптираа за гостиварските чешми и индустриска вода за претпријатија што произведуваа само – загуби. За да се разбие единството на селото, многумина потоа потшепнуваа дека меѓунационално ги раскаруваат…
“Е, како ме спаси, бе Младен, во дежурствата од голема белја,“ – ми вели неодамна дури пиеме кафе, другар ми Веап, најстариот од тројцата браќа, сопственици на прочуената кафеана со риби на изворот на Вардар.
“Баш не се сеќавам“, му велам.
“Како бе, не се сеќаваш? Во осумдесеттите кога не тераа со список да вардиме некој да не напише антидржавни пароли?
“Тоа го знам, ама што сум те спасил, не се сеќавам“.
“Ние двајцата, по еден Албанец, еден Македонец, сме биле од десет, до дванаесет навечер… Ти си излегол, си ме барл, ме виде кога слегов од автобус, ми кажуваш, ајде, ние двајца сме на дежурство овие два саата, јас почнав да пцујам, нема да дежурам, јас ли ќе ги довардам некои ако сакаат нешто да напишат, ти ми велиш, еј, Веап, ајде ќе муабетиме два саати низ село, гледаш дека е ова будала држава, зашто да настрадаш за ништо. Зашто некој да те пријави? Се знаеме кои сме, писмен бара писмен, лопов бара лопов, курва бара курва, чесен бара чесен, домаќин бара домаќин, за нив нема националност“. И сум почнал да му набројувам албанско македонски примери на такви “занаетчиски“ дружења од нашиот крај. “ Со тие зборови некако ме смири и го направивме дежурството. Често пати ова го раскажувам на луѓе“.
“Зар едно беше. Не, навистина не се сеќавам на слученово, ама ете, и јас некогаш знам да бидам умен. Да, порано знаев да бидам умен, сега нешто на старост се избајкушив“, – му велем низ смеење и наместо да ме облее бран на задоволство, од помислата на неслученото: да не сум го сретнел и некоја селско кафеанска разлаена уста да рече не дошол, ме облазуваат морници како на ветрето покрај Главардар на моменти кога ги притресува поседнатите на кафеанските столови.
Не само опипливите и имагинарните, вообразените од нас и во нас стравови со иста, ако не и со поголема силина не оптоваруваат и притискаат во бездната Македонија без крај и излез од помислата, колку мала небрежност може овде на човека трајно да му наштети. Колкумина се тие на кои ништо не сме им згрешиле, а кои молкум потајно нешто ни памтат? Поставеното такво, среќно измечтаено општество што ќе не ослободи од внатрешните стравови во секој момент да не сме потенцијален предмет за изживување на садистичките секогаш кај нас неказнети матни наумници, внатрешно ќе не ослободи за да почувствуваме и речеме сме навистина граѓани во граѓанска, европска држава.
Двајцата веќе подостерени пријатели и соселани со иста судбина, овој пат со запамтена заедничка среќна постапка, шмркнаа од кафето.
Меџит, помладиот брат на Веап, за време на воениот конфликт 2001, кон брат ми, Мирчета, покажал човештина што не се заборава. “Ако се чувствуваш несигурно, со целата фамилија, кај мене. Како ќе поминам јас, така и ти“…
Стреите од родните куќи во Вруток ни се потчешуваат со онаа од куќата на Михаило Јовановиќ, нашиот прв сосед. Дојден од Србија за време на градењето на хидроцентралата, се оженил со вруточанката Бранка Јанеска со кои имаат две деца, Драгутин и Томислав, мои врсници и другари од првиот наш ден на овој свет. Чичко Михаило беше буквално со златни раце и нема албанска и македонска куќа и вруточка и во околните неколку села во која нешто не подработел. Сегашниве вруточки и речански автомобили и трактори сеуште се чудам како можат да одат без неговите поправки. А за најбрзите санки на Дракче и Томче само јас можам да потврдам кога од лизганицата, често завршував во Вардар…
Чичко Михаило и тетка Бранка веќе неколку години не се меѓу нас и нивната куќа повремено се отвара. Дракче денес е бизнисмен во Канада, Томче на работа во Швајцарија и кога се во можност, доаѓаат. Можеби и си вообразувам, но со чувство сум дека по малку доаѓаат и заради мене. Ниту порано, ниту при сегашните наши средби сум ги прашал како национално се изјаснуваат, ниту тие мене такво нешто ме прашувале. Знам само дека за нив сум најважното, само нивниот другар Младен, и за нив двајца ако се Срби и Србин сум само да се дружиме нека доаѓаат…
Овдешната опасна општествено интелектуална гротеска како таен антинароден заговор се спроведува доследно и систематски, што е можно потивко и треба убаво да се запрашеме дали се во право странските набљудувачи или амбасдадори кога често пати велат дека сме со недоволен демократски и државнички капацитет. Непрецизни се само на кого ова се однесува, на народот или на неговата елита? Нам само календарите на минатото, деновиве пред години, ни покажуваат колку е важно една средина да има слободомислечка интелектуалната елита. Македонија наместо интелектуалци хуманисти, има лажговци и фалсификатори, удбаши ерга омнес преку македонизмот да ја изведуваат диверзијата на државата, затоа што македонизмот е класична диверзија. На нашите мекедонисти како посветеници, адепти на лагата, за ширење на нивната како наша колективна вистина за внатрешна употреба најважно им е долготрајните историски општествени движења со кои се стасува до крајната цел, до државноста, да ги знаат што помалку луѓе…
Ние непрестано митотвориме, легенди шириме за избраните удбашки недопирливци и кога почна македонското осамостојување и плуралниот живот, срамежливо, но се прозбореа и теми што само на маси се шепотеа. А тогаш, сепак, сеуште имаше многу живи сведоци за сите дејанија на државата од по Втората светска војна. Една од тие теми беше и за скандалозниот повоен судски процес меѓу јазичарите Ѓорѓи Киселинов и Блаже Конески. Неомилениот од власта Киселинов го тужел миленикот на новата власт Конески дека ми ја препишал неговата Граматика на македонскиот литературен јазик. Киселинов изгубил, бил осуден, а со тогаш фамозниот Закон за граѓанска чест било забрането неговото име и да се спомнува во јавноста.
Убеден од свој опит дека за одбраните во Македонија, се што лета се јаде, во пресвртната 1991год. професорот Ѓорѓи Марјановиќ го побарал ова судско досие, се разбира, без проблем го добил, правнички го разгледал, бил фрапиран од целосната криминална судска постапка и пресуда, напишал и книга и одеднаш, в раце добивме едно црвено книвче, полно со факсимили од судскиот процес, со правни толкувања и куп сочни епитети за академикот – присвојувач од Небрегово. Граматиката на Киселинов, главниот аргумент во тужбата на овој жален наш научник кој што никогаш не ќе биде рехабилитиран, во истата таа небранета удбашка година, излезе во засебна книга.
Овој очигледен интелектуално и правнички чесен потег, а македонистички престап од незнаење, набрзина се забошоти како да не се случил, никој не го спомнува, а тајните сили само подзабрзаа на Филолошкиот факултет во Скопје да му прилепат и додавка, Блаже Конески.
Во осамостојувањето божем тргнавме добро, се фалевме дека заедно со Словенија водиме во реформите за членство кон НАТО и ЕУ. И одеднаш, се престоривме во земја – проблем на која како да ѝ нема спас. И… спасот ни се Албанците. Тие ни ги туркаат работите.
ПРОДЛЖУВА…
Младен Србиновски е писател од Република Македонија и публицист. Роден е во 1958 година во село Вруток, Гостивар.Високото образование го стекнал на Филозофскиот Факултет при Универзитетот „Св Климент Охридски“, на катедрата по социологија. Сепак, и покрај тоа што е дипломиран социолог, неговото професионално дејствување досега било насочено повеќе кон новинарството и пишувањето книги. Така, тој работел во Македонската Телевизија како новинар во редакцијата за наука, сè до 2000 година, кога станува директор на Народната и универзитетска библиотека „Св Климент Охридски“. На ова работно место тој не се задржува долго, па така веќе во 2001 година почнува да работи како помошник на генералниот директор на Македонската Телевизија, Љупчо Јакимоски. Функцијата на помошник на генералниот директор на МТВ ја врши до 2002 година, а во периодот што следи повторно се враќа во новинарските води, но овојпат тоа е во секторот а истражување и развој на Македонската Телевизија.
Тој пишува и издава повеќе новели, од кои ги издвојува Година со тринаесет месеци и Чувар на виножитата. Освен овие новели, тој ги има напишано и книгите есеи Македонските Авгиеви штали и Обеди Ништожност, како и повеќе драмски текстови, меѓу кои Марко Крале, Итар Пејо и Македонски Фауст. Претставата Македонски Фауст, според текстот на Србиновски, а во режија на Сашо Миленковски, ја имаше својата премиера во јули 1999 година на Самуиловата тврдинаво Охрид, како дел од манифестацијата Охридско лето. Потоа следуваат романот Грабнувањето на мртвиот Дизни и најновото дело на Србиновски насловено Приказни од Долна Земја. Овој роман кој излезе од печат во 2005 година е инспириран од историските и животни вистини за (не)возможниот соживот меѓу Албанците и Македонците. Неговиот роман „Шашма“ излезе во 2010 година и ја разработува македонската шашма од 1913 година до сегашните денови. Него критиката го споредува со Орхан Памук и со Иво Андриќ.