Здружението „Македонско – Бугарско пријателство“ изразува длабоко сочувство до сите семејства кои ги изгубија своите блиски како последица од невремето кое на 06 август го зафати градот Скопје, посебно околните села Стајковци, Смилковци, Арачиново и Сингелиќ. Исто така, жалиме за целата штета која им е нанесена од невремето. Затоа, и ние апелираме за да се обезбеди потребната помош на населението од засегнатите области. За таа цел, во нашите ограноци во сите 14 градови утре (08 август) од 10 часот ќе бидат отворени пунктови каде ќе може да се донират средства или да се понуди друг вид на помош за населението во Стајковци и останатите погодени места.
Помошта да се состои во:
- храна (да се донира трајна сува храна која не е лесно расиплива и за која не се потребни посебни услови за чување)
- средства за хигиена (посебно средства за сува дезинфекција на рацете)
- пелени за бебињата и бебешка храна
- свеќи
- вода или други напитоци
- облека и ќебиња
- гумени чизми и ракавици
- важно е да се обезбедат и возила за пренесување на собраните средства до потребното место
- потребна е и физичка сила за расчистување на домовите и околината, при што треба да имате соодветна опрема за тоа.
Продолжете да донирате и финансиски средства на телефонскиот број објавен од страна на Црвениот крст на Р.Македонија 143 400 на сите оператори. Со еден повик донирате 100 денари.
Исто така, Црвениот крст апелира: „Помошта може да се предаде во магацините на Црвениот крст на РМ во Момин Поток, Скопје од 0 8- 18 часот (телефон за контакт 02/3096 227). Заинтересираните правни субјекти и граѓани дополнително можат да се вклучат и со обезбедување на парична помош:
– Жиро сметка на Фонд за солидарност 300000001327966 ДБ 4030984271620 – Комерцијална банка –
– Донација на средства во странска валута:
NAME OF THE ORGANIZATION: MACEDONIAN RED CROSS BANK NAME: KOMERCIJALNA BANKA AD SKOPJE BANK ADDRESS: UL. ORCE NIKOLOV NO.3, 1000 SKOPJE, MACEDONIA BANK ACCOUNT: 300000000000133 25730522-11 SWIFT CODE: KOBSMK2X IBAN CODE: MK07300701000001228
Како Здружение изразуваме благодарност до властите на Р. Бугарија и Премиерот Бојко Борисов, кој нареди надлежните бугарски институции да ја контактираат администрацијата во Македонија за да се прецизира како може бугарската влада побрзо да помогне во совладување на ситуацијата во земјата и да им се пружи помош на настраданите.
Координацијата е доверена на началникот на политичкиот кабинет на премиерот. Бугарскиот европратеник Андреј Новаков, пак, стигнува како доброволец за расчистувањето на Скопје од катастрофалната поплава. Градоначалничката на град Софија, Јорданка Фандакова испрати специјални спасувачки тимови, кои ги предводи Красимир Димитров, сè со цел да се помогне на населението во Скопје и околината во тешките мигови.