ЕУ НЕ НИ ТРЕБА ЗА СОВЕТ ЕУ НИ ТРЕБА ЗА ЏИПОВИ

    Еврокомесарот за проширување на Европската Унија Јоханес Хан, дојде со пакет совети за македонските политички „играчи“ и си замина за да им олесни. Сега на раат можат да си ги продолжат активностите поврзани исклучливо со нивните партиски интереси. Интересот на Македонија како држава, а имено напредокот во евроатлантските интеграции и не е толку важен.  На македонската политичка „елита“ совети и насоки од Брисел не и требаат. Друга е приказнава со донираните од ЕУ,  33 теренски возила за потребите на МВР. Донациите се примаат без приговор. Јака е ЕУ, без разлика дека потајно се надеваме дека ќе се распадне и онака чисто како дечиња се радувавме после Brexit-от. Јака е ЕУ, нека донира, сепак сите знаеме дека од Македонија почнува се… Работава испадна „не ми соли памет, дај ми пари“. Хан дојде да ги потсети политичарите дека пред себе ја имаат одговорноста државата да се исправи на нозе, сакам да верувам дека ги сфатиле неговите препораки.

            Македонската политичка „елита“ треба да ја осознае и да ја прифати реалноста, пред Македонија има еден пат и тој пат води кон Брисел, а не кон Москва и Евразиската Унија на Путин. Македонија треба да стане нормална европска земја. Токму затоа дојде и Хан. Да им каже на политичарите, дека откако ќе го најдат излезот од кризата, ќе имаат доволно време да си ги споредуваат политичките програми и платформи.

            Еврокомесарот повика на зрелост. Тој побара одговорни потези од сите политички субјекти. Тоа значи дека никој не е привилигиран, па макар и да живее во филм дека „од него зависи формирањето на новата Влада“. Да бидам искрен, од никој ништо не зависи, но тоа е тема на еден друг разговор. Со посетата на Хан, Брисел демонстрира загриженост за случувањата во Македонија. Тоа е она црвено светло што треба да се запали во главите на македонските кандидати за власт. Македонија треба да се исправи на нозе. Тоа може да стане само со одговорност и подготвеност за компромис во името на заедничкото добро. Си велам дека токму тоа сакат да ни го кажат Европејциве.

            Македонската политичка „елита“ не е навикната да прави компромиси со сопствените тесно партиски интереси (без разлика на бојата на знамињата). На прво место секогаш е личниот интерес. На Македонија се гледа како торта од чоколадо, позитивните промени ќе се осетат тогаш кога на Македонија ќе почне да се гледа како на држава. Држава на сите кои живеат на нејзината територија без разлика на етничката припадност и верските убедувања. На лик изгледа  едноставно, ама „паметните“ глави го прават да биде ептен сложено.

            „Паметните“ глави, немаат потреба од солење памет, тие го имат во изобилство. Во случај ако се работи за теренски возила, е тоа веќе не се одбива. Кој одбива џип во денешно време? Да се надеваме дека на „паметните“ глави ќе им дојде умот и ќе почнат да мислат и работат за доброто на земјата. Можеби ќе сфатат дека народот не може да си дозволи луксузи како избори на секои шест месеци или пак стоење во место додека останатиот свет „јури“ напред. Играњето „на ти го дај ми го“ е најлесно. Ќе си се вртиме во круг и ќе ги чекаме Марсовците да дојдат. Можеби и тие ќе донесат некоја донација. Можно е претходно да не посоветуваат нешто, ама нам совети не ни требаат, итри сме ние, итри ко Итар Пејо. Пари ни требаат, пари за проекти, пари за смирување на партиски војници, пари за лични потреби, пари за ситници, абе за се си требаат пари да не се лажеме.

            Хан ќе дојде пак. Нема да помине многу време до следната негова посета. Ќе дојде за да им каже на македонските политичари, како тоа се излегува од круг во кој сам си се пикнал и ти се заарнило од вртењето во место. Пазете вамо, ти се заарнило, а не ти се слошило!!! Европа бара одговорност, а ретки се политичарите кои знаат да се носат со одговорности. Тие политичари ги викаат државници. Такви биле Ф.Д. Рузвелт, Черчил, Лех Валенса, Жељу Желев. Од македонската политичка „елита“ зависи дали следниот пат кога ќе ни дојде Хан на посета, ќе треба да ги повторува истите муабети или ќе донесе добри вести за нашата европска иднина. Од македонските политичари зависи следниот пат Хан да не донира бензин за теренските возила, бидејќи како што тргнала работата за жал и ваквите донации нема да задоцнат.

Стојан Глаушев

You May Also Like