Две смртти нема-без една не може

Денеска се навршуваат 100 години од смртта на полковник Борис Дрангов, воен теоретичар, командант на 5 македонски полк и војвода во Илинденското востание од 1903 г. Дрангов е пример пред се за саможртвата, што секогаш оди рака за рака со најхрабрите. Тој е човекот, кој пленувал со својата љубов кон родината и кон своите војници. Дрангов не пател по еполети, за него многу поважно било неговите војници да не легнат гладни. Дрангов не го сакал луксот, живеел како што живеат неговите момчиња. Јадел од истата храна и секогаш бил рамо до рамо со својата „верна дружина“.

            Денес таквите примери се непознати. Сигурно ги има, ама таквите луѓе за жал не го добиваат потребниот публицитет. Во денешно време сме „бомбардирани“ со ситни души и суети, нема место за позитивните примери. Токму поради таа причина должни сме да се сеќаваме на хероите. Ако ги заборавиме нив, ќе ја загубиме и нашата суштина.

            За претходниот систем Дрангов беше неподобен. Бидејќи претходниот систем сакаше да го избрише споменот за хероите. Контролиран заборав, бидејќи ако некои историски личности беа „поштедени“ од ударите на системските историчари, други требаше да останат во мемориите на своите потомци и покрај сите притисоци. Ниту една тоталитарна власт не остава ништо на случајноста. Секоја тоталитарна власт се плаши од силата на народната почит, која не е наметната со репресија туку природно извира од душата на обичниот човек.

            Денес работите се сменети, жарчето на вистината ги гори „спуштените од горе“ лаги. Одредени работи не можат да се скријат и покрај сите обиди. Денес ликот и делото на Дрангов повторно го осветлува патот на сите кои сакаат Македонија да опстане како држава и да оди напред кон својот природен развој.

            Дрангов воспитува херои. Неговото дело е живо и тој ги има своите следбеници, кои скромно секој ден го даваат својот придонес за Македонија. Таа магична и романтична Македонија од спомените на комитите и војводите, а не онаа Македонија, која ги заборава своите деца.

            Дрангов живее за инает на сите кои ги поставија границите таму каде што не требаше. Дрангов живее за инает на тие кои во топилниците на железарницата во Скопје гореа историја, за на нејзино место да донесат друга фалсификувана. Дрангов е жив, бидејќи и покрај преместувањето на неговите посмртни останки од цркавата Св. Димитрија во Скопје во градските гробишта во Бутел, неговото име не е заборавено.

            Би сакал да им порачам на сите душегрижници и разбирачи, кои се осмелуваат на секаков можен начин да го омаловажат ликот и делото на овој македонски комита и бугарски офицер. Дрангов веќе си го заземал местото во народната памет. Опеан е во една од најубавите патриотски песни „Гордеј се мајко Македонијо“, вашата судбина нема да биде толку блескава. Анонимусите кои наместо пример за храброст, сеат омраза никој не ги помни. Тие се осудени на заборав. Можеби ќе имате некаква моментална сатисфакција ако плукнете по ликот и делото на овој голем човек, но тоа нема да ве излечи од вашата болест-омразата.

            Еве  преку дел од цитатите преку кои историјата го помни полковникот Дрангов.

„Няма умирачка по-достойна за човека, от юначната смърт на бойното поле. Няма заслуга, по-висока от тая — да сложиш живота си за благото на родната земя.“

„Колкото и да ни струва победата, всякога поражението ще ни струва повече.“

„Предпочитай да бъдеш осъден за излишна смелост, отколкото за излишна предпазливост.“

„Животът не се мери по дължина, а по съдържание.“

„В смъртта няма нищо страшно, защото е сладко да се мре за България.“

„Две смърти няма, без една не може!“

 

Пишува: Атанас Величков

https://www.youtube.com/watch?v=KqMAV0czEGo

You May Also Like