Бугарија одобри 150.000 евра помош за Македонија за справување со последиците од поплавите

Како дополнување на техничката и хуманитарната помош која што Република Бугарија и ја даде на Македонија за справување со последиците од поплавите во скопскиот и тетовскиот регион на 6 и 7 август, Владата во Софија денес одобри и финансиска помош од близу 150.000 евра, пишува порталот мкд.мк.

Средствата се обезбедени од фондот за развој и хуманитарна помош од буџетот на Министерството за надворешни работи и ќе бидат префрлени дел на Црвениот крст на Македонија, а дел на Министерството за финансии за справување со материјалните штети, вклучувајќи и поправка на разрушената инфраструктура, јави БГНЕС.

На тој начин финансиската помош ќе придонесе како за покривање на краткорочните потреби на погоденото население, така и за подобрување на условите на погодените во поплавените подрачја на среднорочен и долгорочен план.

Инаку, Бугарија беше првата држава која испрати помош за настраданите во поплавите, а бугарските спасувачи неколку дена помагаа во одводнувањето на куќите и во санирањето на штетите.

You May Also Like