Со огромно олеснување може да се констатира дека ерата на Демократска алтернатива во ВМРО-ДПМНЕ заврши. Уште по среќен сум што во коалицијата ВМРО за Македонија (ВМРО-НП, ОМ и ДОСТОИНСТВО) вообшто и не започна. Знаете, има структури кои брзо се орентираат и менуваат дрес, но овој пат направија грешна проценка. Да, за човек со десни разбирања и почитувач на идеологијата на ВМРО, жално е што нештата отидоа толку далеку и ВМРО стана синоним за бандитизам, кражби, закани, уцени, местенки и слично, но време е за разум, одговорност и дејствие. Десницата во Македонија е во нокаут. Онаа организација која ја рушеше Југославија и беше евро-атлантси орентирана, денеска е синоним за Путинизам, србоманство и русофилство. Кое идеолошко лудило. Жално е што наследниците на идеологијата на Михајлов, Александров, Сарафов, Делчев, Груев, Татарчев се претворија во Алеко-пашевци на 21 век. Нашите дедовци почитувани не го дадоа животот за сметки во Белизе, бизниси, акции и слично, а за СВОБОДА и ЧОВЕШКИ ПРАВДИНИ.
Десничарите во земјата треба добро да размислиме и да извлечиме поука од она што се случи. Тупурковите чеда не донесоја до момент во кој со нестандартни средства да се обидуваме да ја срушиме нивната хегемонија. Стигнавме до таму да ја подржиме левицата, само и само да се спасиме од сенката на лудилото наречено портокалово движење, ако сте заборавиле да ве потсетам, имаше период кога црвено-црното беше заменето со портокалово. На десницата и треба реформа, свежа крв, нови лица и јасна идеологија. Ајде доста си игравме на ЈУГОСЛОВЕНСКО ВМРО. Нека ги вратиме основите на идеологијата и да ја дигнеме десницата на нозе.
За огромна моја жал ги следам и нагоните на емоција кај представниците на левицата. Се уште не седнати во фотељите веќе размислуваат за мерки против своите политички опоненти. Господа, обичниот член на ВМРО-ДПМНЕ или на која и да е друга десна партија не ви е непријател. Имам многу пријатели членови на ВМРО-ДПМНЕ и верувајте луѓето вообшто не се виновни што партијата им беше узурпирана од група бандити кои имаа за цел да владеат и да се богатат. Да, тие како подржувачи на таквите политичари ќе си ја сносат одговорността пред историјата и особено пред нивните деца за тоа што подржувале едно такво лудило. Но, не заборавајте, ако режимот покажа заби кон вас, тоа не многу редко касаше по своите. Не го заборавајте примерот со Љубе Бошковски, него го фрли во затвор не неговиот вечен политички противник СДСМ, а неговите браќа од ВМРО-ДПМНЕ.
Ајде овој пат да не се занимаваме со реваншизам, а да фрлиме енергија и сила да ја нормализираме земјата. Дајте да се обединиме околу важните приоритети на Македонија тоа е членство во ЕУ и НАТО. Но во никаков случај тоа не значи дека ако некој политичар крадел или под друга форма го нарушил законот да не отговара. Секој треба да си ја понесе својата одговорност, но по цивилизиран и европски начин. Нека изградиме силни институции согласно устав и закон и тие да си ја завршат работата, а не како досега да се нарачуваат пресуди по телефон. Па во крајна сметка ако некој од политичката елита помине неколку години во затвор заради криминал не е и чак толку страшно. Утре пак сонце ќе грее и пак Вардар ќе тече. ВМРО преживеало и ќе преживее и по тешки ситуации.
Пишува: Петар Колев