После нападите што беа упатени кон нашата организација, од страна на некои медиуми, а во врска со отвореното писмо на нашиот претседател Петар Колев до Општина Штип со молба за дислоцирање на едно спомен обележје од Основното Училиште Ванчо Прќе во истиот град, би сакале да укажеме на неколку работи.
Во своето писмо Петар Колев, не повикува на уништување на спомен обележјето, туку на негово дислоцирање во некој музеј, бидејќи според општо прифатените европски вредности местото на комунизмот и комунистичките симболи е во историјата. Според нас е недопустливо во XXI век една осудена од целиот цивилизиран свет идеолошка матрица да се користи за одржување на стереотипи на етничка база. Токму таков е случајот и со спомен обележјето каде што стои дека Бугарите се злогласени окупатори кои измачувале и убивале. Нашата организација нема намера да држи лекции по историја, сакаме само да укажеме на тоа дека вокабуларот искористен во текстот на тоа спомен обележје се коси со сите норми на прикажување на историски настани. Јазикот на омраза кон нашата соседна и пријателска земја Бугарија карактеристичен за времето на Поранешна Југославија се гледа од авион. Според нас историјата треба да им се остави на историчарите, а не преку неа да се креираат проекции и стереотипи кон одредени етнички групи или цели нации.
Во своето писмо претседателот на нашето здружение укажува на фактот дека нема ништо против постоењето на такво обележје во спомен на загинатите од овој историски период, но во истото време подвлекува дека агресивноста на текстот не оди во прилог на европските вредности за помирување и заедничко дејствување во иднина.
Во својот одговор до претседателот на Советот на Општина Штип д-р Влатко Миташев, Колев поднесе податоци од страна на детски психолози според кои, јазикот на омраза што секојдневно е гледан од страна на деца од 6 до 14 годишна возраст, ќе остави траги во нивното сознание и ќе доведе до креирање предрасуди, кои според нас немаат место во семејството на обединета Европа.
– Нашата организација на прво место го става европскиот развој на Македонија и напредокот на народот на Македонија. Според нашите видувања најкраткиот пат за Македонија до влез во Европската Унија и НАТО е помошта од страна на Р. Бугарија.
– Нашата организација нема за цел да биде сметана како „кружок на романитичари занесени во историјата“. Ние сме сериозни луѓе и како такви нашите активности не смеат да бидат третирани како евтини провокации или обид за убедување на некого во нешто. Секој си има глава на рамениците и секој сам одлучува во какви приказни да верува.
Би сакале да подвлечеме дека сите членови на нашето здружение се лојални граѓани на Р. Македонија. Секој еден од нас плаќа данок во таа земја и имаме право да го искажеме своето мислење во врска со било кој настан или појава, кои според нас пречат на европскиот развој на Македонија. Ако според одредени кругови, борбата за градење мостови на добрососедство, соработката во сферата на културата и напорите Македонија да се доближи што е можно поблиску до Европа и европскиот начин на размислување се лоши дела, тогаш, тоа не е наш проблем и по никаков начин нема да не натера да скршнеме од нашиот пат.
За крај би сакале да потсетиме дека поканата за тв дебата од страна на нашиот претседател Петар Колев до претседателот на Советот на општина Штип, д-р Миташев е отворена. Го повикуваме почитуваниот господин, кој доаѓа од редовите на ВМРО-ДПМНЕ да одбере телевизија и водител за да ги изложи јавно своите ставови и да се соочи со нашите позиции. Според нас само преку патот на јавната дебата различните ставови можат да стасат до широката јавност, за да може таа самата да ги направи своите заклучоци.
Со Почит:
Здружение за Македонско-Бугарско пријателство