Гевгеличани излегоа на референдум и одлучија дека не сакаат во близина на нивниот град да се отвори рудник за злато. Без да навлегувам во непотребно словосквернавење за тоа дали тие што гласале против се во право или не, сакам да погледнам на проблемот околу самиот референдум од една малку поопшта перспектива.
Успешниот референдум во Гевгелија како да ги разбуди луѓето, упорно успивани од зрачење со „Звезде гранда“ и ексклузивните турски серии, кои речиси секојдневно се емитуваат на провладините телевизии. Сега го очекуваме и домино ефектот роден од тоа ненајавено разбудување на граѓанската свест. Вакви локални референдуми се очекуваат и за планираните рудници крај селото Иловица, Струмичко и Валандово. Луѓето едноставно се исправени пред изборот, дали својата здрава животна средина да ја продадат за злато, или да им кажат не на големите корпорации.
Гледано од поширока перспектива, кога ќе ја повлечеме цртата за да го видиме есапот, излегува дека во Македонија за еден референдум да биде определен како „успешен“, е потребно истиот да биде спроведен на локално ниво. Македонија нема добро искуство со референдумите спроведени на целата територија на државата. Неуспешен е дури и референдумот од 1991, кој „го удри“ печатот на македонската „независност“. Зашто велам неуспешен? Затоа што во самото референдумско прашање беше ставена замката на зависноста… Се сеќавате ли на моментот: „…со право на влез во иден сојуз на суверени држави на Југославија?“. Тоа ли е таа независност? Ние сме за независност, ама утре ако на Белград му текне да си прави некаква нова Југославија (Србославија), народот нема проблем да стане дел од играта. Тука се работи за условена независност. Токму таа условена независност по 1991 г, не и дозволи на Македонија да тргне по својот пат и да ги остави во минатото некои антимакедонски политики (насочени против единството на етничките заедници во државата), кои упорно беа спроведувани од Белград. Токму тие политики не донесоа и до војната во 2001 г, само 10 години по „успешниот“ референдум.
Само три години после војната, во 2004 г. во Македонија се спроведе уште еден општодржавен референдум за територијалната поделба на земјата. Тогаш, ако се сеќавате „некои прашања не заслужуваа одговор“, и навистина стана така, прашањето не доби одговор. Македонците не делуваа заеднички, за да дадат отпор на промените што тогаш им ги наметнаа, а токму тие промени требаше да бидат во темелот на Македонија уште од 1991 г. , а имено, државата да се изгради како дом на сите, без разлика на нивната етничка или верска припадност. Кажано со други зборови, истите тие, кои се потрудија да ја остават Македонија во сферата на влијанието на Белград, 13 години подоцна се сетија да глумат демократи и да воведуваат некаков „праведен“ систем. Гледано од македонска перспектива, референдумот од 2004 потфрли, а потврда за тоа се Струга, Кичево и скопски Чаир.
Сликата е едноставна, Македонецот не знае што е тоа единство, кога треба да се реши одредено прашање од јавен интерес. Македонецот е капсулиран и не гледа подалеку од таблата на своето место на живеење. Референдумот во Гевгелија беше успешен, затоа што се спроведе на локално ниво, ако требаше целата македонска јавност да го каже своето мислење за тоа дали сака во Македонија да се отвори рудник за злато, резултатите верувајте дека ќе беа запрепастувачки. Тоа е така поради огромниот ривалитет што постои на секое ниво во македонската реалност. Ривалитет и незаинтересираност. Нешто од типот: „Што ми е гајле дали во Гевгелија ќе се отруе почвата, ако се отвори рудникот“. Македонецот не мисли толку на далеку. Неговите мисли започнуваат од фрижидерот и завршуваат со уклучувањето на телевизорот. Токму затоа, за да се навикнеме на успешни референдуми, еден бесплатен совет од мене, правете ги посебно за секоја општина. Македонија нема добро искуство со референдумите спроведувани на територијата на целата држава. Тоа е непобитен факт и моменталната состојба на нашата земја го докажува тоа. Веќе 26 години се наоѓаме во зависна независност.
Пишува: Атанас Величков