МБП со честитка и писмо до шефот на делегацијата на ЕУ во Македонија по повод 9 мај- Денот на Европа

Здружението за „Македонско-Бугарско пријателство“ по повод 9 мај-Денот на Европа, ги поздравува сите свои членови, симпатизери, претставниците на дипломатскиот кор и сите македонски граѓани со желба нашата земја Р. Македонија, што е можно побрзо да тргне по патот кон влез во големото европско семејство.

Овој 9 мај го пречекуваме со голем број предизвици на локално и на меѓународно ниво. Македонија продолжува да стои во место, кога се работи за нејзината интеграција во Европската Унија. Нашето здружение се надева дека македонската политичка елита, во најбрз можен рок ќе ги преземе потребните чекори, за европската иднина на Р. Македонија, да не биде само формално искажана заложба.

Денешниот ден е симбол на заедничкото живеење, на отворените граници и неограничениот пазар на идеи. Денешниот ден нека биде и потсетник за тоа, дека македонскиот народ не треба да биде изолиран и да биде заложник на одредени неодговорни политички кругови. Денот 9 мај, е ден на победата. Ден во кој Македонија јасно може да ја види силата на здружениот напор на европските земји за подобра иднина.

По повод 9 мај денот на Европа, здржението за „Македонско-Бугарско пријателство“ испрати и честитка до шефот на делегацијата на ЕУ во Скопје, почитуваниот г-н Самуел Жбогар.

Почитуван, г-не Жбогар, водени од основниот принцип на нашето здружение за „Македонско-Бугарско пријателство“, а имено градењето мостови за соработка меѓу народите во сите сфери на општественото работење, би сакале да Ве поздравиме по повод 9 мај- Денот на Европа и да Ви посакаме пред се здравје и истрајност во извршувањето на Вашата одговорна функција. За нас како здружение, што со сите сили и расположливи средства работи за приближувањето на нашата земја Р. Македонија кон Европската Унија, ден како 9 мај е од огромно значење. Ние сме убедени дека пред Македонија нема друг пат освен европскиот и силно се надеваме дека Вие и Вашиот тим ќе се потрудите да го направите овој пат колку што е возможно полесен. Примете ги искрените честитки по повод овој голем ден за Европа, од страна на сите наши членови и симпатизери.

 

Со почит,

Здружението за „Македонско-Бугарско пријателство“.

You May Also Like