Алеко Пашевци на XXI-виот век

Алеко Василев, познат како Алеко Пашата бил војвода на ВМРО во Петрич и околијата. Голем војвода бил, а и бајаги тежел, некаде околу 120 килограми. Се шпекулира дека килограмите ги натрупал од многу „одење по планините“ и од „скромните оброци“ со кои си го заситувал гладот додека работел посветено за Организацијата. Истиот тој Алеко, наречен од народот Пашата, си земал за право да си купи автомобил „Штаер“ со пари на Организацијата. Возилото секако се „прокнижило“ како „потреба за организациони работи“.         

            Позната приказна нели? Се земаат едни народни пари и се трошат онака за лично удобство. Луксузирањето никогаш не било туѓо на луѓето со ниски страсти и цели, без разлика дали тие биле големи војводи од ВМРО или високи функционери на СКМ. Тука би требало да нема дилеми.

            Овој мал вовед беше потребен бидејќи во последно време одредени „патриотски“ кругови си земаа за слобода да се китат со името, ликот и делото на Андон Лазов- Ќосето. Морам да ги потсетам дека Ќосето немал автомобил купен со народни пари. Не се доживувал себе си како господар, од кого зависи дали некој ќе живее или ќе умре.

            Ќосето бил извршител на наредби. Посветено ја работел својата работа. Револуцијата во негово време не се кревала со свирчиња и  балони полни со боја , туку со кама и револвер „Нагант“. Ќосето не се луксузирал, како Пашата и некои денешни „изгорени за делото патриоти“, бил плаќан за тоа да си ги валка рацете наместо идеолозите Делчев и Груев. Овој факт, никако да исплива на површина. Двата завојувани табори си најдоа гума за џвакање и ајде да ве видам сега натерајте ги да ја плукнат.

            Денешниве „нафатирани“ патриоти повеќе потсетуваат на Алеко Пашата. Под капата на патриотизмот, тие го бркаат само личниот интерес изразен во богатење и луксузирање на секој можен начин. Готови се да го „потегнат“ и чкрапалото, само и само да си го зачуваат личниот комодитет. Зборот потегнат го ставив во наводници, бидејќи се работи за виртуелна подготвеност за соочување нишан преку нишан. Нафатираните патриоти и нивните послушници никогаш не би ја ризикувале сопствената кожа, за идеалите, кои им служат само за филување на нивните задни намери.

            Ќосето не бил таков тип на човек. Тој не парадирал, едноставно го чекал следното име внесено во „црниот“ список на Организацијата и додека Гоце разкажувал за „културнииот натпревар меѓу народите“, Лазов го посетувал предавникот на кого Организацијата веќе му пресудила. Без бучава, без помпезност, жаргонски кажано „профи“.

            За денешните „патриоти“ кои уживаат во тоа да се покажат и да ја демонстрираат својата моќ пред, а во некои случаи и врз народот, е преголем комплимент да бидат нарекувани Ќосевци. Тие се многу далеку од посветеноста и професионалноста со која, актуелниот во последно време војвода бил познат. Одредени кругови не сакаат да го прифатат тоа, но вистината е таа и не се менува. Секој што е запознат со револуционерното дело на Организацијата, нејзините дејци и нивните активности ќе го сфрати тоа. Не е потребно да биде академик по историја за да разбереш дека 2 плус 2 е еднакво на 4.

            Оставете ги коските на Ќосето на раат. Свртете го вниманието кон денешните „војводи и комити“, за кои патриотизмот почнува од џебот на народот и завршува во нивниот сопствен џеб. Видете го возниот парк на патриотите. Сигурен сум дека таму нема да го видите коњот на Андон Лазов или пак некоја запрежна кола со која се придвижувал Стариот (Тодор Александров). Меѓу луксузните возила ќе го видите автомобилот на Алеко Пашата, скромниот војвода, кој се „поарчил“ за Македонија. Ако се загледате поубаво ќе ги видите и сите останати луксузни автомобили чие гориво и оддржување ги плаќал и продолжува да ги плаќа измачениот народ на Македонија.

            Токму поради таа причина ве молам, не барајте ги Ќосевците таму каде што ги нема. Побарајте ги Алеко Пашевците, тие се насекаде околу нас, доволно е само да имате очи за да ги видите.

 

Стојан Глаушев

 

 

 

You May Also Like