Грчките црковни достоинственици решиле да го донесат черепот на светителот за да го зголемат чествувањето на 1.100-годишнината од упокојувањето на свети Kлимент Охридски, која се празнуваше вчера во оваа соседна земја. Донесувањето на главата на светителот предизвика големо внимание во бугарската јавност, а ова според сознанијата, ова е второ носење на светителот во Софија по подолго време.
Во грчката делегација беше и игуменот на манастирот „Свети Јован Претеча“ кај Верија, архимандритот Порфириј, кој на почетокот на минатиот месец престојуваше во Македонија во Бигорскиот манастир каде што најави дека се моли и надева дека овој дел од моштите ќе биде донесен и во ова светилиште.
– Се молиме да ја прославиме заедно илјадагодишнината на вашиот свет манастир овде и со нас да ја имаме меѓу нас и чесната глава на свети Kлимент. Јас од 2007 година сум во неговиот манастир. Светителот, самиот знае зошто, постојано ни ги покажува неговата љубов и неговата утеха – рече тој во своето обраќање пред бигорските монаси.
Грчката и Бугарската православна црква имаат добри односи, а бугарските владици имаат проблеми само со вселенскиот патријарх Вартоломеј, кој пред неколку месеци побара Софија да ги врати реликвиите одземени во Првата светска војна од грчките манастири. Бугарските медиуми не информираат кога и на кое ниво меѓу бугарските и грчките владици било договорено донесувањето на черепот на светителот. БПЦ наведува дека благослов за ова донесување го дал и грчкиот архиепископ Ероним.
Инаку, на официјалната интернет-страница на Бугарската православна црква, во текстот посветен на празникот на овој сесловенски светител, се наведува дека тој бил роден во Солун или некаде во неговата околина, а дека по смртта на свети Методиј, кога бил избркан од Моравија, наишол на добар прием во својата родна Бугарија.
– Благоверниот цар Борис го испратил Kлимент во југозападниот дел од својата голема држава, во македонската област Kутмичевица, со главните градови Девол и Охрид. Таму тој работел со голема ревност меѓу новопокрстените Бугари како учител и свештеник. На соборот во Преслав (893 г.) Kлимент бил избран за прв епископ на бугарскиот јазик. Kако свештеник и епископ тој неуморно работел 30 години на прифаќањето на христијанската вера меѓу својот народ. Дење тој обучувал деца и млади, а ноќе се молел, пишувал и преведувал книги од грчки на бугарски јазик – се наведува во статијата на БПЦ.
И во информативниот текст на бугарската црква се искажува задоволство што има можност да се изврши поклонување пред првиот епископ на бугарски јазик, пред светилката на родната земја, пред учителот и проповедник на спасителното слово на Христовото евангелие.
– Да се потврди православната вера со тоа што тој ни го остави како ученик на светите Kирил и Методиј. Тој е најдобар студент, најсветла фигура во нашата книжевна работа. Не случајно нашиот универзитет го носи неговото име – порача во обраќањето бугарскиот патријарх Неофит.