Над десет милиони евра за проекти за прекугранична соработка Македонија-Бугарија

Договорите за финансирање на 45 проекти во вкупен износ од повеќе од десет милиони евра од првиот јавен повик за проекти за прекугранична соработка меѓу Македонија и Бугарија, беа потпишани во средата во Софија.

Средствата во износ од 10,5 милиони евра се обезбедени од ИПА Програмата на Европската унија за прекугранична соработка „Бугарија – Македонија 2014-2020“. Кофинансирањето за проектите од македонска страна го обезбедува министерството за локална самоуправа, во висина од 15 отсто.

Заменикот министер Пренџов изрази задоволство од покажаниот интерес на јавниот повик на кој беа доставени 213 проекти, од кои во транспарентен процес на оценување беа одобрени четириесет и петте најдобри.

„Од страна на Европската унија, на располагање беа ставени 7,2 милиони, но поради големиот интерес беа обезбедени дополнителни 3,3 милиони евра. Програмата за прекугранична соработка меѓу Македонија и Бугарија во првиот програмски период имаше најголем успех со имплементација на околу 90 отсто од расположливите средства и склучени договори за реализација на сто проекти“, рече Пренџов.

Истакна дека меѓу нив има исклучително успешни проекти коишто имаат значително влијание врз животот на граѓаните во општините во коишто се имплементирани, како изградбата на новата модерна детска градинка во Општина Василево или туристичката автентична населба во Општина Конче.

Одобрените 45 проекти се од областите определени во јавниот повик: приспособување кон климатските промени, поттикнување на развојот на туризмот, на културното и природното наследство, подобрување на конкурентноста, бизнис средината и развојот на мали и средни претпријатија, трговија и инвестиции, како и социјална инклузија.

Најголемиот број од проектите се насочени кон зајакнување на конкурентноста на малите и средни претпријатија, како што се проектите во Струмица, во Босилово, во Радовиш, а во Штип конкретно за зајакнување на конкурентноста на текстилните компании. Во Штип ќе се имплементира и проект од областа на јавното здравство, во Струмица во Кочани и во Ранковце проекти за социјална инклузија на маргинализирани групи. Во Куманово проект за интеркултурен дијалог, има проекти насочени кон подобрување на условите за производство на здрава храна, за развој на туризам и други.

За вториот ИПА програмски период, конкретно за реализација на Програмата за прекугранична соработка со Бугарија до 2020 година, од страна на Европската Унија на располагање се ставени вкупно 20 милиони евра. Другите средства ќе бидат реализирани во рамките на вториот јавен повик на кој, како и на првиот, ќе можат да учествуваат општини, установи, организации, асоцијации, универзитети и други непрофитни субјекти од Североисточниот, Источниот и од Југоисточниот плански регион од Македонија, во соработка со партнери од регионот на Благоевград и Ќустендил, во Бугарија

You May Also Like