Синоќа во хотелот Александар Палас се одржа традиционалниот прием на Бугарската амбасада по повод државниот празник на Бугарија, 3 март. Амбасадорот на Република Бугарија Ангел Ангелов во својот говор стави акцент врз патот на нашата земја на патот кон Европската Унија и НАТО и напорите на Бугарија да помогне што е можно повеќе во овој процес.
Амбасадорот напомена дека Македонија може да смета на Бугарија како сојузник во сите свои стратешки намери за заедничка иднина во големото евроатлантско семејство. Ангелов ја поздрави нашата земја за напредокот што го има постигнато и им посака истрајност на македонските политичари, во напорите за подобра иднина на Македонија. Во својот говор амбасадорот даде и објаснување за важноста на 3 март во историјата на Бугарија и на Балканот.
На приемот во Александар Палас беа присутни голем број македонски политичари, новинари, јавни личности и пријатели на Бугарија. Свои претставници на свечениот настан имаше и здружението Македонско- Бугарско пријателство, чија делегација беше предводена од претседателот Столе Велков.