ИГРА НА ЈАРБОЛИ

Би сакал да им се обратам на двајцата „херои“, кои си дозволија да го симнат македонското државно знаме во Куманово.

            Не е на арно, кога ти недостасуваат книги, а кај вас непочитувани, ситуацијата е алармантна. Толку сте лесни за манипулација со вашиот плиток „патриотизам“, што би требало да ви биде незгодно и да се срамите. За среќа срамот е познато чувство, само на природно интелигентните луѓе, а вие не можете да се пофалите со тоа. Осудени сте, да бидете маалски херои за лица кои достојно можат да ви парираат со својата ментална ограниченост. Само такви особи би ве пофалиле за вашето „херојство“. Жално е, ама таква е реалноста околу вас.

            Демонстрацијата, што ја направивте за неколку минути слава, ми личи повеќе на маркирање на територија преку мокрење (како кај некои животни), отколку на херојски чин, што ќе се најде во учебниците во историја. Моите пријатели Албанци, вашите браќа по крв никогаш не би направиле такво нешто. Живееме во различни светови и на вас не ви е проблем дека заради вашата „херојска“ постапка, ставате црна дамка врз сите, без разлика дали се работи за црвите без 2 грама мозок како вас или за луѓето, кои знаат дека со одредени работи не смее да се игра, затоа што тие работи се симбол и не смеат да бидат користени за меѓуетничко поткусурување и мерење на полови атрибути.

            Играта на јарболи, што така елементарно ја изведовте, нема да го постигне замислениот ефект. Премногу празен простор има помеѓу вашите уши, за да го разберете тоа, ама мое е да ви го кажам онака отворено.

            Грд ви е патриотизмот бе другарчиња. Грд и погрешно разбран. Толку ви е капацитетот и тука ви нема спас. Времето кога требало да се надоградувате, поминало одамна. Вие можете да бидете само дел од масата луѓе која со животинска стрв извикуваат неартикулирани пароли со цел да не се разделат од стадото. Токму тоа е и причината да паднете толку ниско. Не сакате да се разделите со чувството дека припаѓате во стадото овци, кои освен за стрижење, доење и давање курбан, не ги бидува за ништо друго. Луѓе сте, ама не знаете како со луѓето, а тоа е страшно.

            Бидејќи сум сигурен дека себеси се сметате за албански патриоти, би сакал да ве посоветувам да се запознаете со книгите на еден вистински албански патриот, кој за жал не напушти пред 10-тина години. Неговото име е Ибрахим Ругова, а го нарекуваа балканскиот Ганди. Во неговите дела нема да сретнете упатство за тоа, како на најбрз начин да симнете едно знаме и да го замените со друго. Во неговите книги патриотизмот е опишан како цигла за градење, а не како алатка за самозадоволување. Откако ќе се запознаете со вистинското лице на патриотизмот, ќе разберете и колку бедна беше вашата постапка.

            Бидејќи не сакам да ја должам приказнава до неповрат, би сакал да напоменам дека користењето на државни симболи за покривање на простотилукот и ограниченоста е строго забранета. Ниедно државно знаме не смее да биде вовлечено во евтини игри. Го посрамивте и вашето знаме, само не знам колку сте свесни за тоа. Таму на вашето знаме стои фамилијарниот грб на големиот Ѓерѓ Кастриоти Скендербег, зарем не помисливте дека е срамота да си играте со тоа? Немате време вие за мислење и тука е проблемот, немате време за морал и почит прво кон самите вас како единки и кон другите со кои не делите исти идеали, ама делите иста земја.

            Свесен сум дека ниту еден збор, од напишаното досега нема да допре до вас. Вие и сличните вам, не се оптеретувате со читање и со пишување. Вие сте силни на друго поле. Таму каде што владее глупоста и очајот. Силни сте во играњето со чкорчиња во близина на лесно запаливи материи… Може и да ви успее да го „дрпнете“ ѓаволот за опаш, ама после тоа ќе си ги поднесете и последиците. Денеска покажувате сила, утре ќе се гледаме преку нишан. Ќе ве молам само да не плачете… Оти плачењето откако ќе те постават таму каде што ти е местото, не е херојски чин. А вие, како што ве сфатив го сакате токму тоа, преку ноќ да станете херои. Па макар и со глупост.

 

Стојан Глаушев

 

You May Also Like