Повикот на Претседателот Ѓорге Иванов, Бугарија да ја прегрне Македонија, како најблиска земја, според поранешниот шеф на бугарската држава Петар Стојанов е повик за зближување на двете земји, објавува Сител.
,,Во последните шест месеци трипати се видов со претседателот на Македонија, по различни поводи и многу сум наклонет да верувам дека неговите зборови за Бугарија се токму повик за поинтензивни односи меѓу Бугарија и Македонија‘‘, истакна Стојанов.
Стојанов во изјава за бугарските медиуми за перспективите на односите меѓу двете земји смета дека треба да се има предвид оти Бугарија, е стара држава, со историја и традиција, но и земја-членка на НАТО и ЕУ, и затоа треба да им ги прости повремените провокации на Македонците.
,,Од време на време треба да им простуваме на одредени македонски новинари и публицисти за ситните грешки поврзани со Бугарија, затоа што поблиска држава од Македонија немаме. Меѓу најважните улоги на Бугарија во ЕУ е да биде адвокат на Македонија во нејзините напори за членство во ЕУ‘‘, смета Стојанов.
Сител пишува, Петар Стојанов беше претседател на Бугарија од 1997 до 2002, а и во негово време беше откочено потпишувањето на билатералните договори помеѓу Македонија и Бугарија со изнаоѓање компромисно решение за јазиците на кои се потпишуваат.