Колку претседатели на политички партии се потребни за да се промени сијалица?

 

Продолжија преговорите меѓу претставниците на политичките партии, потписнички на договорот од Пржино … Претставниците на четирите политички партии денеска продолжуваат со преговори во Клубот на пратеници … Ќе дојде ли моментот кога партиите конечно ќе се договорат за решение на политичката криза … Нема договор – работните групи ги напуштија преговорите … овие и сличните написи беа секојдневно четиво, јавноста со должно внимание им посветуваше време како и кон дневниот хороскоп, временската прогноза, интересот во некои денови беше рамен како интересот за најновите гласини во фудбалските трансфери.

Конечно, македонскиот труст на мозоци, со голема помош на нашите пријатели од меѓународната заедница самозадоволно и гласно викна – На одмор, покрај река, планина или езеро, можеби и море! Силна воздишка на олеснување се слушна ширум нашава татковина, следниот едикојси министер за внатрешни работи ќе смее да смени некого, било кого, барем до 31 август сме договорени, па да уживаме во договореното.

Се разбира, како што е и ред, само владата нема да ужива во заслужениот одмор, таа е решена и додека останатите одмараат, таа ќе не работи како и досега, блиску е септември и новата рунда од … Продолжија преговорите меѓу претставниците на политичките партии, потписнички на договорот од Пржино … Претставниците на четирите политички партии денеска продолжуваат со преговори во Клубот на пратеници … Ќе дојде ли моментот кога партиите конечно ќе се договорат за решение на политичката криза … Нема договор – работните групи ги напуштија преговорите …

 

Ѓорѓи Трендафилов

You May Also Like