МБП ја посети Регионалната Дирекција за пожарна безбедност и заштита на населението во Благоевград

Претставници на Здружението за Македонско-Бугарско пријателство, во рамките на посетата на Благоевград ја посетија „Регионалната Дирекција за пожарна безбедност и заштита на населението”. Пожарникарите од Благоевград беа меѓу првите кои излегоа да му помогнат на населението од Скопскиот регион кое го погоди невремето пред десет дена.

Посетата беше прилика да им се изрази благодарност за нивните напори, па од името на Здружението за Македонско-Бугарско пријателство, на директорот на Регионалната Дирекција, Георги Христов Пармаков кој и го предводеше тимот во Скопје, му беше врачена благодарница.

Вреди да се истакне дека при сите средби, без разлика дали стануваше збор за формални средби со претставници на локалните власти, или пак за приватни контакти, сите покажуваа нескриена и искрена емпатија за населението во Скопскиот регион (жителите на Благоевград преку акции веќе донираа помош за населението во Скопје).

Нашите претставници својата посета на Благоевград ја завршија во Бело поле, каде беа дел од народниот собир по повод празникот Успение на Пресвета Богородица.
И за крај, искрена благодарност за љубезноста и укажаното гостопримство до Иван Стојчев, кметот на Бело поле, Георги Василев, Методиј, Георги….до скоро видување им посакуваме се најдобро.

 

You May Also Like