Интервју со Столе Велков, пренесува трибунамк .
Г-не Велков, поминаа неколку месеци откако го презедовте претседателското место во здружението Македонско-Бугарско пријателство. Кажете нешто повеќе за себе и секако за активностите на здружението.
Јас сум Столе Велков, дипломиран политиколог на Софискиот Универзитет „Св. Климент Охридски“, член сум на Здружението од 2015 г. Мојата животна приказна ја отсликува врската помеѓу Македонија и Бугарија бидејќи работам и живеам во двете држави. Ми било пишано да поминувам многу време на релација Кочани (мојот роден град)- Софија (местото каде што дипломирав и успеав професионално да се реализирам). Пред да бидам избран за претседател на Здружението, бев дел од неговиот управувачки совет. Основната дејност на здружението за Македонско-бугарско пријателство е позната. Ние работиме за општествено-културно зближување на двете најблиски земји на Балканот- Македонија и Бугарија. За активностите на Здружението, граѓаните можат да се информираат од нашиот веб сајт www.mbp.com.mk.
Кој беше Вашиот основен мотив да ја преземете одговорноста да раководите со здружението, чиј заложби веќе станаа и дел од државната политика на нашата земја?
Ме радува фактот што по потпишувањето на Договорот за добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија, нештата за кои ние како невладина организација се залагаме веќе се дел и од официјалната моментална политика на нашата земја. Околу личниот мотив би сакал да истакнам дека нема ништо поважно од градењето на пријателства и добри контакти за соработка, бидејќи тие се во основата на напредокот. Јас како млад човек сакам да градам иднина, и одбивам да бидам заробеник на предрасудите од минатото. Моето студирање и живот во Бугарија ми донесоа многу пријатели и прекрасни моменти, кои ми дадоа до знаење дека правилниот начин за градење на иднина е размената на искуства, отворениот пријателски однос и заедничкиот интерес за подобро утре. Да се биде дел од Здружението за мене е огромно задоволство, а од друга страна го докажува фактот дека правилниот начин за развој на двете држави е обединувањето а не разделувањето.
Кој според Вас е најлесниот начин да ја доближите Бугарија до обичниот македонски граѓанин и обратно да ја доближите Македонија до бугарските граѓани?
Видете, не мислам дека треба да навлагаме во непотребни убедувања и докажувања за тоа колку блиски се двете земји и граѓаните од двете страни на границата, бидејќи во моментот Скопје и Софија ги живеат најдобрите меѓусебни односи од многу години наназад. Контактите што ние како Здружение ги остваривме преку нашите активности, доволно зборува за тоа дека меѓу луѓето во Македонија и Бугарија има искрено пријателство и комуникација. Блискоста меѓу Македонија и Бугарија е закодирана во нашите гени. Можам да гордост да споделам дека активностите на Здружението се пример за тоа нешто.
Кој се плаши од македонско-бугарското пријателство?
Луѓето со предрасуди и стереотипни сфаќања, кои никако не можат да разберат дека иднината е во заедништвото а не во поделбите.
Што делат според Вас луѓето од двете страни на границата?
Ги делат истите проблеми поврзани со животниот стандард, проблемот со иселувањето, со намалувањето на наталитетот, а од друга страна ги спојува истиот фолклор, традиција, култура и обичаи.
Факт е дека Бугарија е сојузник на Македонија на патот кон ЕУ и НАТО. Можеме ли да се надеваме на поголем сојузник од нашите пријатели во Софија?
Не. Македонија никогаш нема да има поголем сојузник од братска Бугарија за својата интеграција во Европската Унија и НАТО, тоа е така не само поради блискоста на двете држави, туку и чисто поради геостратешкиот интерес на Бугарија. Да не забораваме дека таа прва ја призна Македонија како независна земја и секогаш помагала за нејзиниот развој и интегритет. Потврда за тоа дека Бугарија е голем сојузник на Македонија е и отворената заложба на Бугарската Православна Црква да помогне во добивањето на автокефалност на Македонската Православна Црква-Охридска архиепископија.
Која е вашата порака до обичните граѓани? До тие кои гледаат со симпатија на дејноста на Вашето здружение и до оние кои имаат одредени резерви?
Ние сме отворени за соработка со сите граѓани на Република Македонија. Сакаме да ги прошириме активностите на здружението со отворање на нови канцеларии со цел нашите идеи да стигнат до поголем број луѓе. Идејата е едноставна, мораме да работиме на тоа обичните граѓани да ги запознаат нашите идеи, за да се убедат дека во нив нема ништо од што треба да се плашат или пак да имаат резерва. За крај би сакал да спомнам дека во план сме да отвориме нови канцеларии во Берово, Виница и Радовиш и да ги зголемиме активностите на веќе постоечките. Би сакал исто така да ги поздравам сите наши активисти и симпатизери и да им порачам да продолжат со давањето идеи за идни проекти и соработки.