Тринаесеттиот огранок на Здружението „Македонско – Бугарско пријателство“ беше отворен во градот Велес на 21.05.2016 год. И овојпат голем број членови на здружението од другите градови и граѓани на Велес се собраа на свечен коктел во хотелот Романтик на Велешкото езеро.
Пред нив се обрати претседателката Маринела Петреска со осврт на целта од отварање на огранокот во овој град, а посочи и на бројните реализирани проекти на Здружението во изминатиот период и заложбите за понатамошна успешна работа. Петреска ја истакна и потребата од градење на добри меѓусоседски односи на Република Македонија и Република Бугарија, се’ со цел приближување на нашата земја кон Европското семејство.
Претседателот на огранокот во град Велес, Ѓорѓи Трендафилов, рече:
„Чест и задоволство е да се биде вечерва меѓу вас, ја користам приликава да им се заблагодарам на сите кои ни ја подарија довербата и не прифатија и нас велешани во големото семејство на Здружението за Македонско-Бугарско пријателство.
Во духот на заложбите на Здружението, ќе сториме се што е во наша моќ да ги доближиме до велешани вредностите кон кои како држава тежнееме од независноста, а кои постојано ни се измолкнуваат од рацете. На јавноста ќе и понудиме конкретни проекти пред се,од областа на културната размена, во рамките на образованието, широк дијапазон на различни студиски програми во Бугарија и земјите од ЕУ, конечно, на деловната заедница од Велес и нудиме контакти и соработка со потенцијални деловни партнери од Бугарија.
„ Мудрите ја следат судбината, глупавите се влечени од неа”, да не дозволиме и понатаму да бидеме вброени во вториве, да го ставиме во функција сиот наш потенцијал за да ги доближиме нашите луѓе од двете страни на границата, неуморно да трагаме по она што не спојува, не по она што не разделува.“
Огранокот на Здружението за Македонско-Бугарско пријателство Велес, ќе се нарекува „Вардар” во чест на Љубен Весов, поет, револуционер и еден од основачите на „Македонското студентско друштво Вардар“.
Должноста претседател на здружението ќе ја извршува Ѓорѓи Трендафилов, потпретседател е велешкиот адвокат Аце Николов, а секретар Лазар Насков.