Темата на овогодинешниот меѓународен симпозиум што се одржа изминативе два дена во Софија е “Културата и одржливиот развој”. На симпозиумот учествуваа претставници од Македонија, БиХ, Србија, Хрватска, Грција, Грузија, Молдавија, Романија и Косово.
Симпозиумот се одржа како регионален проект за перспективите на соработката на полето на културата меѓу земјите од ЈИЕ, а домаќин беше Министерството за култура на Република Бугарија.
Македонија ја претставија Васко Шутаров, директор на Културно-информативен Центар на Македонија во Софија и Кристина Бисева, советник во Управата за заштита на културното наследство на РМ.
Главни теми на симпозиумот беа поврзани со перспективите за соработка поддржани од европските програми, како и регионалните иницијативи и структурните фондови, како поддршка на културата во функција на севкупниот одржлив развој. Посебни тематски панели беа посветени на културниот туризам, културниот менаџмент и програмите на “Креативна Европа”.