ФОТО: МБП присуствуваше на традиционалната панихидата за Тодор Александров одржана на неговото вечно почивалиште во село Сугарево

Претседателот на здружението „Македонско-Бугарско пријателство“, Петар Колев, генералниот секретар Димче Петковски, заедно со членови и симпатизери на организацијата присуствуваа на панихидата за Тодор Александров, која се оддржа вчера на гробот на големиот водач на ВМРО кај параклисот „Свети Илија“ во селото Сугарево во околината на Мелник.

Панахидата традиционално беше организирана од политичката партија ВМРО од соседна Бугарија. Претседателот на ВМРО и министерот за одбрана на Република Бугарија, Красимир Каракачанов оддржа говор во чест на големиот водач на историското ВМРО. Во својот говор Каракачанов ја подвлече големината на саможртвата на еден од најголемите револуционери, кои целиот свој живот го посветиле за ослободувањето на Македонија од турска, српска и грчка власт.

МБП му одаде почит на ликот и делото Антон Попов, близок соработник на последниот водач на ВМРО, Иван Михајлов, активист на МПО во САД и редактор на печатниот орган на организацијата- весникот „Македонска трибуна“.

        Тодор Александров Попорушев е роден на 4 март 1881г. во Ново село, Штип. Потекнува од будна преродбеничка фамилија. Многу млад се вклучува во редовите на ВМОРО и брзо бидува забележан од еден од апостолите на Организацијата- Дамјан Груев, кој за младиот штипјанец ќе каже дека еден ден ќе биде голем војвода и водач на Организацијата.

Александров учествува во Илинденско-Преображенското востание од 1903 г. За време на Младотурската револуција од 1908 година не подпаѓа под лажните ветувања на Младотурците и за разлика од одредени дејци на Организацијата (како Јане Сандански и неговите поддржувачи од Серскиот округ) останува посветен на делото и на борбата за ослободување на поробена Македонија. Тодор Александров учествува како офицер од Бугарската армија и во двете Балкански војни од 1912-1913 г., а исто така и во Првата светска војна од 1915 г. Заради својата смелост за време на воените активности е награден со медал „За храброст“ од страна на бугарската армија и медал „Железен крст“ од страна на сојузниците од германската армија. Во 1919 година заедно со Петар Чаулев и Александар Протогеров ја возобновува ВМРО и во периодот до својата смрт на 31 август 1924 г, се покажува како еден од најголемите водачи на Организацијата.

За период од не цели 5 години, Александров ја воздигнува ВМРО од речиси уништена организација до фактор на меѓународната политичка сцена. Тодор Александров станува легенда и често пати е нарекуван „последниот цар на планините“. Тодор Александров е убиен на 31 август 1924 г., заедно со својот телохранител Панзо Зафиров од страна на блиските соработници на Алеко Василев- Пашата, петричките војводи Динчо Вретенаров и Штерју Влахов.

        Антон Најденов Попов е роден на 5 август 1928 г.  во селото Горна Брезница во околината на градот Петрич. Во 1953 г. пребегува во Југославија, а во 1955 година е уапсен од УДБа и пратен во логор. Со помош на ООН е ослободен и успева да стигне до градот Капуа. Таму во центарот за емигранти е забележан од страна на Асен Аврамов, близок соработник на Иван Михајлов и во 1956 заминува за Рим, каде што се запознава со последниот водач на историското ВМРО. Во 1958 година е испратен од Иван Михајлов во САД, за да се вклучи во активностите на МПО. Во периодот 1972-1982 е главен уредник на весникот „Македонска трибуна“ и секретар на ЦК на МПО. Од 1982 година се враќа во Рим и е новинар во бугарската секција на Радио Ватикан.

Антон Попов почина во Рим на 2 април 2016 г. Тој и беше сопруг на г-ѓа Вида Боева, долгогодишна секретарка на Иван Михајлов. Пепелта на Антон Попов во урна е закопана на неколку метри од гробот на Тодор Александров во Пирин планина.

 

 

Поврзани вести