КОЈ СО КОГО ЌЕ ВОЈУВА?!

Ситуацијава е повеќе од комплицирана, а прашањето од насловот, дури плаши со својата непосредност. Каква е претставата што ни ја нудат слабите глумци, кои некој ги наместил, за да ги глумат, главните улоги? Нискобуџетен пир  со злоупотребена музика и лито сценарио. De javu од кој и агол да го погледнеш. Имаме два племенски сојузи, кои упорно не убедуваат дека нивниот водач е најарен, а во истото време, водачите се најлесно достапната роба за продажба. Секој од секого може да биде „шитнат“. Тука дури водачите не се осигурани, па што остана за анонимусите од „збиените“ редови на „револуцијата“ и „контра-револуцијата“.

            Денеска рамо до рамо, утре нишан преку нишан. И така додека Алеко Пашевците за кои пишував во минатиот мој напис си се возат во скапите автомобили, а нивните „идеолошки“ ривали, со завист им го пресметуваат возниот парк. Гром не ги бие таквите, како лебарки се, не им чуе за атомски бомби и разноразни чудесии. Се снаоѓат во секоја средина и лесно менуваат боја.

            Останатите никому неважни глумци во претставата ќе војуваат, ќе војуваат па може и да се сетат, дека крвта не е излезот. Кога ќе се зацрни првата куќа, ќе изгорат само најблиските, кога со црно ќе се завие и последната, тогаш ќе биде доцна. Тогаш ни сите Богови собрани на куп нема да знаат како да ви го вратат мирот. Тогаш сите помпезни пароли и „светли“ идеали, ќе ја отсликуваат само вашата морална немаштија.

            Никогаш не е доцна да се дојде до некаков степен на созревање. Да се сфати реалноста, таква, каква што е, без романтичарски приказни за силувано „херојство“ и ситно парадерство, што оди во гарнир со лошо сервирана „слава“. Вжештените глави ќе избегаат. Тоа е проблемот во целата таа приказна. Тие ќе се кријат во најразлични дупки, додека трае пожарот, што со животинска желба го имат најавувано. Уверенијата од докторите, дека тој и тој јунак „не е арен со главата“ ќе почнат да се лепат од една влезна врата до следната преку две куќи.

            Ќе се накоти една мала армија од „оправдано отсутни“ поранешни парадери, кои додека е „жешко“ ќе си седат на сенка, оти од сонцето ги боли глава, а пак главата им е најслабото место. Нели токму ради проблемите со тој дел на телото, тие го добија своето оправдување. Ќе заминат некаде, кај што дури пукот од петарда се доживува како реметење на здодевната монотонија. Ќе ги снема и трпеливо ќе чекаат, смислувајќи разно разни “херојски приказни„ за да имаат што да раскажуваат откако ќе заврши се. Нивниот план ќе се оствари, ако имаат публика. Главното прашање е: Дали не и се смачи веќе на публиката? Едни и исти приредби, слични на броењето овци, кога сака некој да заспие. Токму тоа е и целта. Сакаат да ви дојде елан не за нешто критичко и креативно, туку за сон. Народ што спие и се буди само по нарачка не е народ. Не е тешко за разбирање, едноставно е исто како и одговорот на прашањето што го поставив во насловот на овој напис, а имено, кој со кого ќе војува?

            Ретки, како бисери се луѓето, кои сакаат и знаат како да живеат со одговорите на горчливите прашања. Тие, скоро секогаш како да го знаат одговорот пред време. Нив реалноста не може да ги изненади, како инспекција на УЈП или проверка дали се прекршува законот за пушење на јавни места. Масата народ, плебсот, мора да ја знае вистината, бидејќи токму од неговите редови, како во некаква ѓаволска наградна игра ќе бидат извлечени „среќните“ добитници, кои ќе војуваат. Просто е и не бара многу филозофија.

            Ќе војуваат Петре, Африм и Рамче… Тие никогаш се немаат кафе напиено, ама денес се подготвени да си пресудат еден на друг. Зарем не е згрешен редоследот?! Зарем не ви е нелогично?! Да се напиеле барем по едно кафе, па после нека си ги нишанат телата. Поентата е да нема такви „кафесувања“, ја земаш кобурата и трчаш да не го испуштиш возот за во планина, додека некој друг се шири како во „титов“ воз, на некое монденско одморалиште.

 Стојан Глаушев

Поврзани вести