Младен Србиновски: Меѓу удбашите

Има и повеќе од петнаесет години, бев на Велигден во мојот Вруток и во дворот на новото училиште до Главардар, налетав на една распадната, небаре надвор со нозе шутната книгичка стара педесетина години, Со партизаните, од Владимир Назор. Се разбира, ја зедов. Ќе ја залепам, ќе ја зачистам… Токму во ова издание сум читал како стариот поет отишол во титивите партизани. Па тоа е книга од нашата, стара училишна библиотека…

Утредента на враќање за Скопје, старата книга само што почнав да ја врткам, во полупразниот вагон на шинобусот влегоа и двајца помлади полицајци, веројатно возна патрола. Кимнавме едни на други за поздрав и од толкуте празни седишта, седнаа баш пред мене… Овој пат мојата преплашеност беше без основа. Двајцата полицајци имале подруга намера. Сакаа безбели на ретките патници да им покажат дека се и тие од семејството на читателите. Извадија дваесетина фотокопирани листови, па заедно сите тројца ќе читаме. Вовед во криминологијата, јасно ги прочитав големите букви на една од страниците што ги  поделија читачите меѓу себе. Беше очигледно дека пред мене седнаа амбициозни полицајци кои вонредно студираат безбедност. Овие ќе напредуваат…

Читачите пред мене почнаа да читаат и по пет минути откако тргнавме, нишањето на шинобусот приспивно им подејствува и гласно закркореа. По еден час, на влегување во Скопје, двајцата се разбудија.

  • До каде си со материјалот? – му вели мустакестиот на дебелиот.
  • До никаде. Читам, ама ништо не памтам. Ти барем читаш и памтиш.
  • Што дека памтам, а, почнам да читам, веднаш заспивам…

Побројните патници нечитачи немаа баш можност да видат како помалубројното, читачко семејство културно се воздигнува. И врз мене парталосаната книга в раце рассејувачки подејствува…

Понекогаш, во време на летниот распуст, ќе слушневме дека неранимајковци влегле и во училишната библиотека и искинале и изнафрлале книги… Дали тие освети кон книгите беа после земените училишни оценки, најточно не се сеќавам, но очигледно е дека првиот таен заговор на младешката аздисаност секогаш е против книгата.

            Во пристојно снабдената училишна библиотека во мојот Вруток, уште од најмал ги читав и книгите за мојата возраст и оние за повозрасните. Наставниците и клучот од библиотеката ми го даваа да издавам и прибирам вратени книги.

Нечитачите веднаш се познаваа… Да ги молиш да ги вратат книгите што не ги отвориле и некому ако му здодееш, а никако нејќеш да го кажеш затоа што вчерата си читал таква книга каде што по никоја цена не се издава свој другар, нечитачите за благодарност често ми ја враќаа книгата со шутирање. Што станаа читачите во животот нама да зборувам. А нечитачите, макар што добро шутираа, не станаа фудбалери. Многумина станаа полицајци.

И подоцна, јас кога почнав да пишувам и објавувам, моите школски другари намуртени полицајци, наместо ракување дека одамна не сме се виделе, напреку и низ заби само ќе ме прекореа, што тоа сум серел, по тоа весниците и книгиштата. Очигледно многуто читање лошо ми повлијаело на мене.

Не се свесни колку се во право. И самиот незнам колку длабинско и судбински повлијаело читањето врз мене. Родени сме да бидеме меѓу полицајците, а цел живот се бранам да не тргнам со удбашите.

 

  1. СЕМИЊА НА ОМРАЗАТА, ’РКУЛЦИ НА ЉУБОВТА

 

Љубовта цути, не се збира и в китка не се врзува, но се намирисува, а омразата се сее и жнее. И жетвата никогаш не потфрла, не се дособира. Семето сме ние. И доказот. Што сееме, не можеме да дожнееме… ’Ркулци сме од нечија љубов, но пркнати во запустена бавча од бурјанот на омразата, расте тој коров во нас и не обзема штом во себе троа не потплевиме. Најтешкото. Нема потешко е од себе плевел да корнеш… Нужно е секој ден, секој момент во себе да се плевам, страче омраза во мене да не остане и штом мислам тој отровен коров во моја бавча веќе не расте и можам рацете да си ги измијам, таа отровна билка од некаде, сепак, ќе даде знак некоја преостаната жиличка на омразата дека сеуште рие, низ мене некој порано недооткорнат нејзин корен веќе пронаоѓа почва…

Полесно, најлесно е да корнеш подзакорчени рани од колената на детството солинати од туѓи сопки, обично од сопките на посилните и поголемите. Така, така некако ми изгледа македонската и пошироко балканската општествено политичката клима, на луѓе до непрепознатливост обраснати од бурјанот на омразата кои одбивајќи во себе да требат, одбиваат да возраснат и вечно корнејќи си ги подзагноените корки од раните на колената успеваат да предизвикаат кај оние одоколу што ги набљудуваат болно слатка жртвена сочувственост.

Такво некакво на едно око отворено е и темнотото кусо саботно попладне во студениот 17 декември 2016. пред зградата на бившата НИП Нова Македонија во Скопје. Во високата зграда на една од главните скопски раскрсници е сместено седиштето на Државната избирачка комисија. Збунувачко, веќе неколку дена, комисиските седници директно се пренесуваат од повеќе национални телевизии за гледачите.

 Комисијата расправа горе на катовите за прегласување во едно избирачко место со нецели петстотини гласачи со резултати при прегласувањето кои не би можеле да ја оспорат тесната победа од два пратеници на дотогашната владеачката структура. Но, протестираат тие, староновите победници. Зашто?

Сообраќајот е блокиран на фреквентната скопска раскрсница од собрана неколкуилјадна очајничка разгневеност на владеачката партија ВМРО ДПМНЕ на кои од импровизирана бина им се обраќаат највисоките партиски функционери. Избирачката комисија не е Парламент или протестот пред Државната избирачка комисија е само повод за излив на само на нив разбирливата нивна разгневеност? Немирковците многу нешто од светкавите и намигнувачки властосласни перформанси на играчката Македонија со која што се забавуваа десет години години ѝ уништиле и сега на глас пиштат и вриштат народниот подарок в раце што не им функционира. Зашто? Тие сепак се какви такви победници на какво таквата играчка. На крајот им се обраќа и претседателот на партијата, Никола Груевски. До скоро, една деценија македонски премиер, Груевски се изжали на странски амбасади дека се мешаат во внатрешните работи на државата и се закани дека нема никогаш да дозволи никаква кантонизација и федерализација на државата, двојазичност, манување на идентитетот… Зашто?

Опозициската СДСМ на штотуку одржаните парламентарни избори му се доближи на владеачката ВМРО ДПМНЕ. И наместо бројните нивни партиски кадри да ликуваат што се во можност со коалиционен партнер да стасаат до потребното парламентарно мнозинство и формираат нова Влада, ужалено штуро на фејсбук, едвај по некој ќе напише по една реченица дека досегашниот режим не би смеел и понатаму да опстане на власт. Зашто?

И партиите на Албанците даваат скржави изјави дека прво ќе издадат заедничка платформа со политички барања, па потоа ќе определат со кого ќе коалицираат. Зашто?

Ова се главните три политички ногарки од македонското политичко троножно столче. Троножникот е најстабилен стол, а само македонскиот политички троножец е вечно нестабилен. Зашто?

Невладините организации на постизборните прес конференции површно истакнуваат дека гласачкото тело на етничките Македонци покажало конзервативност, а албанскиот електорат пројавил почитувачка граѓанска свест. Зашто? Безизлезот е најприродната состојба на Македонија,тоа големо и наше вечно ЗАШТО како ченгел фатило, тегне и не дава да мрднеме. Неброени прашања и прашалници, и наместо јасни и разбирливи одговори за потонатиот во секакви проблеми обичен човек, македонската политичка и интелектуална елита молчи. Жалната и вечна наша македонска состојба. Македонија сведена на фејсбук статус, а емоциите на македонските граѓани се тркалаат по улица…

Толку ли сме лицемери? Да, исплатливо е. Тоа е нашата државна идеологија, нашиот стил на живот, нашата втора природа. Македонизмот најпрво е лицемерие, па потоа останатото. Живееме во бескрајно неправедно општество. И тоа е нормално. Живееме во бескрајно неслободно општество. И тоа е нормално. Живееме во бескрајно корумпирано општество. И тоа е нормално. Живееме во шовинистички поделено општество. И тоа е нормално. Во Македонија нормалноста плаши. Овде лицемерието е нормалност, држава. Тоа се темалите на државата. Опозициската СДСМ сакаат да победат за да ја вратат Македонија во нормалност. Или, во провереното нивно лицемерие, за нив нормалност…

* * *                           

Се расчу… Дваесеткатната зграда на Македонстата радио и телевизија ѝ се доделува на македонската полиција и по еден месец, директорката Стошиќ почна со нашето бркање од работа…

Од некаде му надоаѓа, но само незаштитениот во беспомошноста се врти кон искреноста. Или, си го врти и другиот образ… за двојно понижувачка шлаканица. Со новонастаната состојба, по случајност, се поклопи и изборот на ново синдикално раководство во најголемата синдикална организација на МТВ. Одеднаш, околу мене се навртија и оние кои нејќеа со години и да ме поздрават. Тебе ќе те ставиме претседател на синдикатот на Општи служби, а после и на целиот синдикат. Кај тебе само нема да поминат… Се бранев, им велев, како што секогаш сум им велел, вие знаете во каква држава живееме, ако решиле, ништо не помага… Пријатели сме, успејаа, ме ставија и се разбира, за тоа краткото време, почнав да ги заштитувам вработените. Одеднаш чудо, мојот избор не го поддржува Сојузот на синдикатите на Македонија. Каков грев му имам направено сега пак на Синдикатот? Одев во Синдикатот, барав прием кај претседателот и растресени мечкести чиновнички секогаш имаа изговори да ме вратат.

Сепак, изнајдов можност и се сртетнав со тогашниот Претседател на синдикатите на Македонија. Со очите недоотворени од дуваџиство, ни едно ни две, ми вели, ти, од ванчомихајловистите си на синдикатот во МТВ? Вработените таму убаво знаат кој сум и ништо не им пречи, му велам, ама поткасано… Ова, ова е нашата држава, ова се удбашките наши распрдени функционери и интелектуалци. Немаат ли оправдување и аргумент, (а скоро никогаш ги немаат) аргументот им е невредата, денунцирањето или, “мерки и активности“ со памбук крвта да ти ја испијат… Кој ѓавол ме тераше да се нафатам и по секој начин да изнајдам можност на Државна безбедност создадена да си ги понижува и уништува своите граѓани да ѝ го подадам и вториот образ. Ни прв пат ми е, ни последен… Прав е Исус во Библијата. Не кажал само колку време да ги вртиме образите на злотворот дури самиот не се свести што прави. На улавата и палава УДБА веројатно не ѝ беа доста седумдесет години…

Празнејќи ги канцелариите на МТВ за да се всели на наше место МВР, работните бироа требаше да ги раздолжиме во македонското радио. Завршуваше мојата прва и последна работа што сум ја добил од државата. Те земе ли УДБА на заб, биди среќен и ако преживееш… Знаев какви пеколни децении на голо преживување се пред мене и не брзав со раздолжувањето. По неколку дена, меѓу последните, ја завлеков работната маса од осумнаесеттиот кат кон лифтот и на приземје не требаше да прашувам на каде да затуркам.

Лизгањето на бироата на претходно раздолжените веќе имаа исцртано дебели црни траки по зелениот линолеум. По поминатиот тесен ходник кон радиото, од зад агол, во огромната подрумска просторија, одеднаш: статична глетка за вечноста издвоена од делничноста. Двесте, триста, петстотини, колку ли бироа беа накамарени едни врз други?

Преплашен од ништо, одеднаш позинав како подотворените фиоки заканувачки што висеа од бироата рашрафени и распарани, со подадените органи од несошиените стомаците на бирократијата. Со криви ногарки или без ногарката што им се изгубила, и скоро сите со подуништен фурнир дури осветнички дотука ги дотуркале, нивните довчерашни корисници од нив разделувајќи се, ги навртеле како им дошло во оваа заедничка подрумска гробница на бироата. Едни кон други, едни во други, наопаку, на плеќи, токму во состојбата и положбата на нивните корисници кои до скоро меѓу себе потајно или поотворено како очи што си вадеа или тајно се сакаа… Бироа од разни периоди и моди на работењето, владеењето и напредувањето; од оние што никогаш не напредуваат во работата какво што беше и моето тукушто дотуркано, со железни ногарки со еден ред фиоки, без клучалка и без параван со иверична табла за заштита од ѕиркање во нозете, до оние на преуспешните со огромни, тешки, сверично закривени бироа со два реда фиоки кои чиниш летаат заедено сосе заседнатиот зад него… Нафрлани едни над други и сите со видливи лузни од немарното нивно удирање по ќошеви дури дотуркале до ова дереџе, самите бироа кажуваа повеќе од секаков збор за личните премрежија на нивните ползувачи од кои веќе вчерата се разделиле.

Можеше ли пометафорична, а реална слика да ми излезе пред очи? Сјаен почеток за роман… Немаше тогаш уште паметни мобилни телефони за да ја штракнам ова самооформена сценска глетка достојна за насловна на Тајм. Смајано подникнувачки се стресов во подрумскиот застојан воздух со мирис на прав и пилевина. Па, ова, државата пропаѓа!? Или само мене така ми се чини и просто поттрчав на враќање.

Прелагата ги одржува немоќните во живот и сликата од понебеси работните бироа остана повпечатливо врежана во мене од сите подоцнежни општествени превирања, улични протести или телевизиски дебати со раздразнетата размрданост на македонистичките актери кои во немоќ да го спасат или обноват скршениот систем од времето, најчесто потсетуваа на речни комарци на кои немирни Албанчиња на плажа им ставиле сламка во задникот и ги пуштиле во етерот да летаат… Баеги во нив е проникната баналноста на злото, што вели Хана Арент и од шовинизмот растворен во нивната мрачна глупост која за миг ги престорува од клеветници од најдолен тип во потенцијални злосторници, не се срамеа од тоа што го прават затоа што во Македонија така напредуваа. Сега кочат, кочат со идеологијата на омразата без сопирачки, но фајдето е мало, свесно или несвесно, со на себе ставените коњски амови за да гледаат само низ шовинистичката мисиркова клучалка на омразата, неможат веќе да се извлечат од реколтата на оваа горчлива жетва. А тоа, тоа им е нивниот поглед на светот.Тоа се македонистите…

Во средината на јули 2008., беше организирана една од промоциите од мега проектот на Министерството за култура, Сто и триесет тома македонска литература. На онаа промоција во Битола бев и јас. Свечено ни беа поделени по пет авторски примероци, бевме нагостени во Епинал и по полноќ тргнавме кон Скопје. Во владиното мини бусче бевме шест – седумнаесет писатели, Гане Тодоровски, Ташко Георгиевски, Иван Чаповски, Марко Китески, Тодор Чаловски, Миле Неделкоски, Раде Силјан, Бранко Цветкоски, Веле Смилевски, Трајче Крстески, Блаже Минески…

При попријатното враќање на полната месечина, со изгаснатите светилки во бусчето, спокојно, од средина и без воведи, како што го прават само свои со свои, како само да ја продолжуваа својата одамна започнатата расправа, на моменти, де сочувствено пријателски, па потоа, де нервозно поврескаво, Ташко Георгиевски и Миле Неделковски за време на целиот, три, четири часа пат, од Битола, до Скопје, ја расправаа нашата заедничка, болна и (не)пријатна тема, бугарството.

Возачот, учтиво тивок дебелко, негрешен Васил Тупурковски од пред дваесет и пет години, од она што го слушаше, незнмам во некој ендек како не не истумба… Дали пред тоа уште на маса започнале, незнам, но остарените писатели, врсници и пријатели, во аргументите, во основа, се сложуваа. Да, нашите предци се чувствувале македонски Бугари, да, дедо ми бил егзархиски, бугарски учител во моето Кронцелево, ама јас сега сум Македонец, му одговараше тивкиот Ташко на поизбувливиот Миле. Но, на прашањето, зашто тоа не му го кажеме на народот, зашто го лажеме, чии државни интереси штитиме, зашто првите томови од едицијата ги фалсификуваме, немаше одговор ни од двајцата соговорници, ни од некој од нас уста три и пол часа што не отвори. Дали беше провокација, не верувам, но само за неупатените, во случајов, веројатно само за возачот, и сега за читателите, слушнатото е шокантно. Таков затечено вџашен ни е и целиот народ, од свои даноци што ги плаќал да е опкружен од свои исшколувани лицемери. Врховната удбашка заповед е народот жеден преку вода да го пренесуваме и нешто и ако слушне, да се притеснува од тоа што е подразбирливост за сечија култура и историја, па и нашата.

Преку ваквите неапсолвирани горливи проблеми кои се кршат од секој што фатил и една страница текст да напише за нашево дезориентирано секојдневие и кои што сега како магепсана непремостливост ни ја парчосуваат државата, со децении и децении се одвиваше и одвива суровата македонистичка хајка по неистомислениците од секој вид. Ваква срамна мачнотија сигурно била отприлика и атмосверата кога пред тртиесетина години настрада актерот Ристо Шишков. Или случајот со Јован Котески, Живко Чинго, со т.н. либерали… За безбројте постари случаи од педесеттите години на минатиот век, од монтирани судски процеси на докторите, до случајот со Венко Марковски и да не зборуваме… Само кога би можеле масите во кафеаната кај, веќе покојниот Јоле, на Друштвото на писателите да зборуваат…

Немањето и грам можности за дијалог ја уништи и Југославија. Европската унија во седумдесеттите години на минатиот век кога Југославија ја канеле за полноправно членство и без никакви додатни исполнувања на услови, кој можел на Тито да му подрече дека тоа е за сите полезно, дека тоа ќе е само нова успешна и повисока стапка од развојот на државата…

Силите што најмногу ја рушеа Југославија, а кои сега крокодилски солзи леат по неа, јасни беа уште со невиденото бербатење на младешките текстови кон словенечкиот весник Младина на крајот од осумдесеттите години за Европа сега(здај). За несреќа на останатата југословенска заедница, а за нивна словенечка среќа, словенечкото општество и тогаш имаше капацитет да ги подзаштити своите младинци од наша јужначка правоверност. Се пушти ли идеологија по писател, новинар или некаков филозоф мисловно да го дисциплинира, тоа да знаете, е најдобар знак за државата дека си ги брои деновите до исчезнувањето.

На ја мразев Југославија. Немам симпатија за оние, па и за Тито, кои нејзините животодајни разнородности ги злоупотребуваа за беспотребни, вечни секташења. Макар што меѓу оние кои треба да жалат за Југославија, сигурно сум и  јас. Можеби си вообразувам, но моите романи и текстови во тој простор сами ќе си најдеа југословенски издавачи, критичари и читатели. Во екот на најголемите  хајки овде кон мене, текстот “Балканска кошница копнеж“ ми го преведоа и објавија, никој друг, туку белградските “Речи“ на проџинџиќевската Б92. Едноставно, сакале да се информираат за македонската бура во чаша вода. И им благодарам. Моите текстови се моите горила и тој текст и денес ме брани, покажувајќи и пред дваесет години како сум мислел и што сум предлагал. Англискиот јазик да биде втор службен јазик во Македонија.

Самостојна Македонија ништо не научи од југословенските превирања и македонската кревкост може да опстои само ако е демократска. Затоа што таа е пред се, идеја. Чудо за свое време од високософистицирана граѓанска внатрешна “платформа“ на Организација на потлачените (тогаш) македонски Бугари која не пропагира освета. Која ни бели образ и дома и во сегашнава независност пред Европа. Тогаш, зашто на сите дебати тукашниве наши албански интелектуалци секогаш се поубедливи со “надворешна антиевропска платформа за Голема Албанија“ од нашиве македонистички интелектуалци? Едноставно: немаш “аргументи“ за затскриено увезената платформа за Голема Србија како антимакедонски и антиевропски македонизам и да бидеш умен. Без оглед дали се викаш Владимир Милчин или Митко Маџунков, Слободан Унковски, Димитар Димитров, Љубиша Георгиевски или Мирослав Грчев… Сето нивното и од останатите од нив поситните е само шмирантство од ист македонистички театар, а граѓански нереформираниот македонизам во самостојна Македонија еве дваесет и шест години, губитнички е. Некои од нив ревносни се критичари (и со право) на појавното и опасното кај ДПМНЕ, но слепи со децении за базичниот канцероген македонизам кого го јаваа, од кого блика нашиот вечен авторитаризам и од кој се испили и беше од сите здушно поддржуван и Груевски. Македонизмот е колективна пијанка која во време на југослеовенството ни создаде еуфорично расположение, а сега токму тој не уништува и не беше препорачливо наше трезнење се до влегувањето на разулавените толпи во април 2017г. во Собранието. На среќа, без жртви. Како, навистина проевропскиот Заев овде европски да работи? Ќе можеме ли ние оттука на соседна Србија освен народни песни да ѝ извеземе и малку европејство?

Не раскара, не осиромаши, не искраде, не исселени, згора на тоа и не лаже, македонизмот е единствената пречка за наше влегување во ЕУ и НАТО. Сакаме цел свет да го “превесламе“ и како македонисти таму да не примат. А, тоа, некако европејците не го пијат. Македонизмот, мисирковштината беше можна и е можна само со  полициски патерици. Со диктатура. Македонизмот е капитуланство, молчење, нечиста совест, корумпираност од секаков вид… Затоа, вистината на маса. Колу на прв поглед болна, вистината (веројатно во овие времиња подзаборавивме) уште повеќе е лековита. Ништо не лечи поубаво од вистината. Мораме да ѝ погледнеме в очи. Зашто го нејќеме тоа? А тогаш, само тогаш прв пат ќе почувствуваме дека сме и групно силни и социјално пелцани. Не историски документи, не Зијадин Села, Божидар Димитров, Ван Хауте, Ангела Меркел и недоброј други оттука и од светот да ни кажуваат кои сме и што сме и како да ја уредиме државата. Сами да одговориме на тоа огромно “ЗАШТО“ што не дави и уништува. Сакаме ли воопшто некогаш да излеземе од оваа каша во која од македонизмот сме втурнати?

ПРОДЛЖУВА…

 

Младен Србиновски е писател од Република Македонија и публицист. Роден е во 1958 година во село Вруток, Гостивар.Високото образование го стекнал на Филозофскиот Факултет при Универзитетот „Св Климент Охридски“, на катедрата по социологија. Сепак, и покрај тоа што е дипломиран социолог, неговото професионално дејствување досега било насочено повеќе кон новинарството и пишувањето книги. Така, тој работел во Македонската Телевизија како новинар во редакцијата за наука, сè до 2000 година, кога станува директор на Народната и универзитетска библиотека „Св Климент Охридски“. На ова работно место тој не се задржува долго, па така веќе во 2001 година почнува да работи како помошник на генералниот директор на Македонската Телевизија, Љупчо Јакимоски. Функцијата на помошник на генералниот директор на МТВ ја врши до 2002 година, а во периодот што следи повторно се враќа во новинарските води, но овојпат тоа е во секторот а истражување и развој на Македонската Телевизија.

Тој пишува и издава повеќе новели, од кои ги издвојува Година со тринаесет месеци и Чувар на виножитата. Освен овие новели, тој ги има напишано и книгите есеи Македонските Авгиеви штали и Обеди Ништожност, како и повеќе драмски текстови, меѓу кои Марко КралеИтар Пејо и Македонски Фауст. Претставата Македонски Фауст, според текстот на Србиновски, а во режија на Сашо Миленковски, ја имаше својата премиера во јули 1999 година на Самуиловата тврдинаво Охрид, како дел од манифестацијата Охридско лето. Потоа следуваат романот Грабнувањето на мртвиот Дизни и најновото дело на Србиновски насловено Приказни од Долна Земја. Овој роман кој излезе од печат во 2005 година е инспириран од историските и животни вистини за (не)возможниот соживот меѓу Албанците и Македонците. Неговиот роман „Шашма“ излезе во 2010 година и ја разработува македонската шашма од 1913 година до сегашните денови. Него критиката го споредува со Орхан Памук и со Иво Андриќ.

You May Also Like