Делегација на Здружението Македонско – Бугарско Пријателство (МБП), вчера оствари средба во Софија со европратеникот г-дин Ангел Џамбаски. На средбата стана збор за повеќе актуелни прашања, а во фокусот беше можноста за унапредување на соработката.
На почетокот од средбата, од страна на потпретседателот Ѓорѓи Трендафилов и генералниот секретар Димче Петкоски го информираа г-дин Џамбаски за промените во организациската структура на Здружението, кои произлегоа од последното Собрание, и накратко му ги претстави плановите и програмата за следниот период.
Џамбаски од своја страна, изрази подготвеност да помогне за развивањето и понатамошното етаблирање на МБП. Од средбата произлезе и конкретна идеја во следниот период членови на Здружението да бидат практиканти во Европскиот парламент, за одблиску да се запознаат со начинот на функционирањето на институцијата, како и да го искористат престојот во ЕП за промоција на Здружението и проширување на меѓународните контакти. Во таа насока, уште на самата средба беше договорено, наскоро да биде објавен јавен оглас за сите заинтересирани.
Освен тоа, г-динот Џамбаски упати покана до раководството на Здружението МБП да оствари официјална посета во Брисел, на која уште еднаш ќе бидат афирмирани заедничките заложби за доближување на европските вредности, кои се една од темелните вредности на Здружението. Истовремено, г-динот Џамбаски најави дека по негова иницијатива наскоро во посета на Скопје ќе дојде делегација од европратеници за од прва рака да се запознае со активностите на Здружението МБП.
Во однос на меѓународната соработка, г-динот Џамабски изрази заложба и лично да се ангажира и да го актуелизира прашањето за средствата кои и стојат на располагање на Македонија од ИПА фондовите за инфраструктурни проекти, кои неодмана беа блокирани поради истрага. Уште повеќе што со нив директно се загрози израдбата на пругата кон Бугарија и изградбата на екпресниот пат до граничниот премин Деве Баир кој е дел од меѓународниот Коридор 8.
Средбата беше искористена и за размена на мислења за актуелната политичка ситуација во Македонија, која произлезе по изборите од 11 декември. Г-динот Џамбаски го следи одблиску развојот, а и лично го следеше изборниот процес како дел од Набљудувачката мисија на ЕП.