МБП го отвори својот огранок во Прилеп

Прилеп во саботата на 14.05.2016 година беше градот во кој се отвори уште еден огранок на Здружението за „Македонско – Бугарско пријателство“. Свеченото отварање и коктел се случи во ресторанот Македонска куќа во присуство на дел од заинтересираните граѓани, како и гости од останатите ограноци.

Претседателката на здружението, Маринела Петреска, се обрати на присутните со краток осврт на работата на истото, како и за важноста од неговото формирање во повеќе градови, прераснувањето во најголемо здружение во нашата земја и заложбите за понатамошна успешна работа.

Свое обраќање имаше и бугарскиот конзул Теодор Русинов, кој рече со голем интерес ја следи работата на здружението и им посака успех на раководството на огранокот во Прилеп. Само преку пријателство и добрососедство на Република Македонија и Република Бугарија ќе има успех во иднина, истакна Русинов.

Г. Петар Колев, кој е еден од основачите на здружението, исто така имаше свое обраќање во кое ја нагласи потребата од активно учество на сите граѓани во општествените случувања, со цел да се направат промени во повеќе сегменти од нашето живеење кои досега, иако беа наши основни права, не ни беа достапни на сите подеднакво. Здружението ќе ја има токму улогата да после толку време во Македонија издејствува, не исклучиво политичките партии, туку самите граѓани да бидат тие кои ќе одлучуваат за важни прашања, секој како посебна индивидуа, а не како бројка. На таков начин е возможна многу побрза интеграција на Р.Македонија кон европското семејство заедно со Р.Бугарија.

Пред присутните се обрати и Претседателката на прилепскиот огранок Христина Сиљаноска Ѓорѓиоска, која рече: „Чест е да се учествува во подигнувањето на свеста на граѓаните на Прилеп на европско ниво и во градењето на подобра и поуспешна идина на младите во овој град. Нашата канцеларија ќе биде отворена за сите, без оглед на национална, верска или политичка припадност. За нас сите граѓани на Прилеп се еднакви и ги заслужуваат истите права и можности. Ќе работиме во спроведување на најразлични проекти од областа на спортот, образованието, културата, земјоделието, всушност за сè она што е од интерес на Прилепчани.“

Функцијата потпретседател на огранокот во Прилеп ќе ја има Гордана Сваќароска, а за секретар е назначена Оливера Иваноска.

 

Поврзани вести