MБП СО ПОДДРШКА НА ПЛАТФОРМАТА ЗА ДЕМОКРАТСКА МАКЕДОНИЈА

Раководството на „Здружението за Македонско-Бугарско пријателство“ на работниот состанок  на ден 17.09. 2016 год. во Прилеп, на кој присуствуваа и претставниците на петнаесетте локални ограноци во земјава, ја донесе следната одлука:

Во Република Македонија принципот на јавен интерес е заменет со принципот на партиски интерес, државните институции секојдневно го губат (некои и одамна го изгубија) својот авторитет, бидејќи нивната функција не е во рамките на законските обврски кон граѓаните, туку кон нивните партиски (и деловни) наредбодавачи.

Република Македонија се претвори во земја во која правната сигурност, правото на заштита во рамките на Уставот на Република Македонија, станаа невозможни пред она што се уште во земјава се нарекува правен систем. Највисоките избрани и именувани функционери беа изложени и пред домашната и пред меѓународната јавност во крајно засрамувачки и инкриминирачки активности.

Уверени сме дека оваа состојба е во спротивност со желбите и очекувањата на граѓаните на нашата земја.

Индивидуалните права и слободи, правото на сопственост, работа, образование, адекватна социјална заштита и ефикасен здравствен систем, се права кои граѓаните на Република Македонија ги имаат согласно Уставот. Тие не се исчезнати, укинати или одземени, ние само „ дозволивме“ да бидеме убедени дека не ни се потребни.

Како граѓанска организација која голем дел од својата енергија посветува на промовирање на соработката,  дијалогот, размената на идеи, споделување на искуствата, сосема е очекувано дека ние и како граѓани и како организација, не сме воопшто рамнодушни на политичките случувања во нашата земја. Напротив, политичката нестабилност, економската несигурност и неизвесност, придонесоа Република Македонија денеска да биде запоставено подрачје во Европа.

Во периодот зад нас, многу од нашите членови својот револт од состојбите во земјава го изразуваа индивидуално како граѓани, денеска тој индивидуален револт, пркос, како и да го наречеме, станува дел од нашите секојдневни обврски како организација.

Затоа, Здружението за Македонско-Бугарско пријателство  како дел од граѓанскиот сектор во Македонија,  реши да ја поддржи  Платформата за демократска Македонија.

За таа цел, Здружението ги задолжува ,,Петар Колев, Димче Петкоски и Ѓорѓи Трендафилов, да ги усогласат идните активности и обврски кои се однесуваат на Здружението, а произлегуваат од придружувањето кон  Демократскиот фронт за иднината на Македонија и Широкиот опозициски блок.

Во оваа прилика, уште еднаш ја изразуваме нашата верба во демократскиот капацитет на граѓаните на Македонија и вербата во просперитетна и европска Македонија.

 

Поврзани вести