Нови шест договори за превод и изданија на македонски млади писатели се потпишани во Софија преку изразениот интерес од бугарските книгоиздателствата „Персеј” и „Изида”…
Поттикнати од поддршката за преведување на македонски автори што ја предлага нашето Министерство за култура, но и од одличното претставување на младите македонски писатели пред публиката во Софија, бугарските книгоиздателства пројавија голем интерес за објавување дела на бугарскиот книжевен пазар.
Вчеравечер во КИЦ на Република Македонија во Софија се одржа и официјалното претставување на младите македонски писатели. Пред публиката во Софија нив ги претставија Нове Цветаноски од книгоиздателството “Македоника литера” кој е иницијатор и носител на овој проект и Васко Шутаров од КИЦ на Република Македонија во својство на организатор на овој настан.
Пред бројни писатели, преведувачи, претставници на книгоиздателства, љубители на литературата, извадоци од свои прозни текстови читаа авторите Јулијана Величковска, Фросина Пармаковска, Михајло Свидерски, Давор Стојановски, Петар Андоновски, Живко Грозданоски и Верче Карафилоска.
Во текот на вчерашниот ден, беше остварена посета на Универзитетската библиотека на Софискиот Универзитет, каде нашите млади автори даруваа по еден примерок од своите дела.
За третиот ден од гостувањето, ќе бидат остварени средби во Сојузот на бугарските писатели и средби со пертнери во подготовка за Саемот на книгата во Софија.