Скопје и Софија заедно ќе го слават Свети Климент

Под покровителство на УНЕСКО во 2016 год. треба да се одбележат 1.100 години од смртта на Климент Охридски.

Македонија и Бугарија преговараат во 2016 година заедно да ја одбележат 1.100-годишнината од смртта на Климент Охридски и тоа да се направи под покровителство на УНЕСКО. Во изјава за софискиот весник „Преса“, тоа го најави претседателот на Бугарската академија на науки (БАН), Стефан Воденичаров. Тој додава дека во почетокот на февруари ќе допатува во Скопје за со претседателот на МАНУ, Владо Камбовски, да ги договорат деталите за овој заеднички проект.

Како што јавува „Преса“, Националната комисија за УНЕСКО на Бугарија веќе испратила допис во Париз (каде што е седиштето на агенцијата на ОН), со кој предлага 2016 година да биде Климентова година. Воденичаров вели дека на крајот од минатата седмица и македонските институции испратиле таков допис до УНЕСКО, во кој се предлагало заедничко одбележување со Бугарија. Според информациите, на оваа иницијатива речиси сигурно ќе и’ се приклучи и Италија поради неколку причини – славистиката таму е во подем, а и гробот на учителот на Климент, Кирил, се наоѓа во Рим. Полска, Словачка и Русија веќе најавиле дека ќе ја поддржат иницијативата.

Колку и да е добар овој предлог за надминување на некои разлики во толкувањето на историските настани и личности, тој, сепак, треба да ги помине телата во УНЕСКО. Напролет комисијата за култура на УНЕСКО ќе ги разгледа предлозите, а на есен треба да донесе одлука дали 2016 ќе биде означена како Климентова година под негов патронат. Ако донесе таква одлука, тоа ќе биде година заведена како година на Климент Охридски и ќе биде окарактеризиран како средновековен книжевник и писател, а не како светец. Причина за тоа е што УНЕСКО не сака под своја капа да ги донесе црковните почести и церемонии.

Оваа идеја на двете академии е еден од начините за подобро поврзување на двете држави и народи, особено по заладувањето на политичките односи последниве години и условите за добрососедство што Софија ги поставува за нашиот напредок кон ЕУ. Ако УНЕСКО го прифати предлогот на двата соседа, тоа ќе биде важен чекор кон потпишувањето на договорот за добрососедство.

Климент Охридски е еден од учениците на Кирил и Методиј, кој бил заедно со нив во Моравската мисија. По смртта на Методиј дошол во тогашното бугарско кнежество, а во 886 година во Охрид ја формирал книжевната школа, од која излегле 3.500 ученици. Умрел во 916 година. Тој е познат како патрон на македонскиот народ. Македонија и Бугарија го сметаат како една од клучните личности во нивната средновековна историја. Државниот универзитет во Софија го носи неговото име, а кај нас универзитетот во Битола.

Поврзани вести