ПОЗИЦИЈА НА ЗДРУЖЕНИЕТО „МАКЕДОНСКО-БУГАРСКО ПРИЈАТЕЛСТВО“ ВО ВРСКА СО МОМЕНТАЛНАТА ПОЛИТИЧКА СИТУАЦИЈА ВО МАКЕДОНИЈА

Здружението „Македонско-Бугарско пријателство“ во интерес на европскиот развој на Република Македонија ги повикува Претседателот на РМ, г-нот Ѓорѓе Иванов и лидерите на политичките партии што добија пратенички мандати во новиот состав на македонскиот парламент, да најдат што побрзо решение околу формирањето на новата македонска Влада.

Водени пред се од загриженоста за развојот на нашата земја, сметаме дека е време да се стави крај на политичката криза, што е една од главните пречки Македонија да зачекори по својот европски пат.

Уверени сме дека Претседателот на РМ и политичките партии дел од македонскиот парламент треба да ја преземат својата одговорност пред граѓаните, кои ги изгласале и кои се надеваат дека реформите во сите сфери на општеството ќе продолжат.

Според нас, ако во овие тешки денови за македонската државност не се преземат остри мерки за сузбивање на политичката криза, Македонија не ја очекува ништо добро.

Време е декларативните пароли од предизборната кампања да се стават на втор план, а одредени фигури да заборават на своите суети, барем за извесно време.

Македонија нема потреба од испокарани кланови, кои имаат заедничка цел, што се разликува од онаа примарната цел на политичарите, кои себеси се нарекуваат државници, а имено борбата за економски развој и добробит на народот.

Македонската политичка елита не смее да дозволи нашата земја да губи повеќе време во интриги, партиски превирања и евтин политички театар.

Време е за акција и според нас секој потег што ќе донесе проветрување на македонската политичка сцена, со јасен европски карактер, треба да биде поздравен.

You May Also Like