МБП-Прилеп ја одбележа 119 –та годишнина од раѓањето на Димитар Талев

Огранокот на здружението „Македонско-Бугарско пријателство“ во град Прилеп ја одбележа 119-та годишнина од раѓањето на големиот бугарски писател со потекло од Прилеп, Димитар Талев. Официјалниот дел од прославата се оддржа во фоајето на НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп.

Официјални гости на овој културен настан беа конзулот на Р. Бугарија во Р. Македонија, Н.Е. Веселин Богданов и првиот секретар на амбасадата на Р. Бугарија во Р. Македонија, г-н Ивајло Кашканов. На прославата исто така присуствуваа, претседателот на МБП, г-н Петар Колев, потпретседателот на здружението г-н Георги Трендафилов и генералниот секретар г-н Димче Петкоски.

Официјалниот дел на манифестацијата започна со кратко запознавање со ликот и делото на големиот прилепчанец Димитар Талев,кој беше презентиран од страна на Атанас Величков, еден од организаторите на настанот.

Пред присутните со пригоден говор од името на амбасадорот на Р. Бугарија, Н.Е. г-н Иван Петков, се обрати првиот секретар на амбасадата г-н Ивајло  Кашканов. Основен акцент во говорот на г-н Кашканов беше големината на Димитар Талев и пред се неговата истрајност и верба во идеалите за кои се залагал и работел.

Пред гостите се обрати и претседателот на здружението „Македонско-Бугарско Пријателство“ г-н Петар Колев. Во своето обраќање Колев го изрази своето задоволство од фактот дека големите личности, кои оставиле трага во историјата не се заборавени и нивните идеали се живи и денес. Тој исто така ја подвлече и важноста на тоа дека Прилепчани и највеќе младите луѓе имаат шанса да се запознат со ликот и делото на овој голем нивен сограѓанин.

По официјалниот дел, прослата продолжи во ресторанот на хотел „Atlas City Center“, каде беше организиран коктел за присутните гости.

На првото одбележување во чест на Димитар Талев од таков вид во градот Прилеп, присуствуваа членови и симпатизери на МБП од Охрид и Кичево, а исто така и прилепчани заинтересирани да научат нешто повеќе за овој голем писател, кој потекнува од нивниот град.

 

Поврзани вести