ИНТЕРВЈУ СО ПЕТАР КОЛЕВ

Петар Колев е претседател на организацијата Македонско-Бугарско пријателство. Мактел направи интетвју со него вчера, ви го пренесуваме во целост:

Мактел:  Господине Колев, како гледате на разврската на политичката криза во земјава, како ви изгледаат работиве, што зборуваат во Бугарија за кризата, како гледаат и они затоа што сте во комуникација со нив верувам редовно?

Петар Колев: За жал повеќе од две години Македонија изгуби во оваа досега не видена во нашата земја политичка криза. Сметам дека основните играчи направија многу груби грешки во целиот процес. Мислам дека уште пред почетокот на сето ова раководството на ВМРО-ДПМНЕ имаше можност да создаде подобри позиции за себе и целиот овој процес да заврши по брзо, но реалноста е таква каква што е.

Сметам дека кризата веќе е во својата завршница и покрај големите ризици преземени од СДСМ тие успеаа да извечат максимум. Во мојата комуникација со повеќе политички и општествени фактори во Бугарија, често сме разговарале на оваа тема и она кое најмногу сме се залагале е овој процес да заврши мирно, а дамократијата во Македонија да остане основен приоритет.

За нас како невладина организација а сметам дека и за нашите пријатели во Бугарија основен приоритет е членството на Македонија во ЕУ и НАТО, а тоа нема како да се случи без нормализирање на работите ви Македонија и без враќањето на основните демократски процеси.

Мактел: Изминативе 10 години се карактеризираа со силен национализам промовиран од режимот на ВМРО ДПМНЕ во кој жртва беа малцинствата и нашите соседи, со исклучок на Србија. Очекувате ли да се подобрат сега релациите на Македонија со соседите и малцинствата?

Петар Колев: За моја огромна жал, ВМРО-ДПМНЕ од политичка структура со јасно про евро-атланска ориентација замина во сосема друга насока. Тоа немаше како да не се одрази и врз начинот по кој ќе ја водат внатрешната политика и се разбира во односот кон нашите соседи.

Во целото размислување нема како да се амнестира и улогата на ДУИ, затоа што тие често помагаа во тој процес. На секаде во Европа а и во развиените западни држави е докажано дека таканаречениот мултиетнички или малцинствен модел не работи. Граганскиот концеп на западната демократија е најдоброто решение кое човештвото го нашло до сега. Затоа мислам дека нашето општество има потреба сериозно да размисли за тоа.

Колективните права се повод за конфликт во обштеството, зошто според мене секогаш некој би се чуствувал оштетен. Гарант за стабилност се индивидуалните човекови права и сметам дека тоа треба да се развива.

Обидот да останеш на власт, претставувајќи ги сите различни од тебе по етнос или религија за опасност за државата, а притоа заборавајќи дека и тие се граѓани на истата државаа и плаќаат даноци, се родиле и сакаат да живеат со свои деца во неја е опасна игра, која нај често ќе се сврти против тој што ја промовира. И ете веќе е факт, ова раководство на ВМРО-ДПМНЕ е изолирано како внатре така и надвор од Македонија. А за исклучокот во одностите кон Србија, за моја огромна жал имам некако објаснување кое вообшто не ми се допаѓа.

Ако во раниот период на самостојност на нашата земја, а и во самиот процес за осамостојување, СДСМ беше оној синоним за србоманство и почва за инсталации на старите структури на УДБА и КОС, тогаш со жалење можам да констатирам дека денеска тоа е ВМРО-ДПМНЕ. Се измешаа работите до крајности, СДСМ од про-Југословенски позиции, денеска промовира евр-атлански погледи, а ВМРО-ДПМНЕ од про-западна организација денеска е промотор на Југословенството. За мене не разбирливо, но е факт.

Мактел: Очекувате ли во СДСМ Заев да успее да ја намали омразата кон Бугарија која е историска и влече корени од 1945-та па наваму во таа партија која е наследник на СКМ? Во првите изјави по падот на режимот на ДПМНЕ, Заев дава доста храбри и нетипични изјави за еден лидер на СДСМ, иако и Бучковски едно време беше доста позитивен спрема Бугарија и предложи заедничко славење на некои празници но беше потоа растргнат од македонската јавност…

Петар Колев: Сите индикации водат во правец дека СДСМ ќе ја предводи новата влада во Македонија. Пред таа влада ќе има многу сериозни предизвици. Се надевам дека ќе бидат на височината на предизвикот, зошто Македонија нема повеќе време за губење. Познато ми е минатото на СДСМ и се надевам дека тие го имаа преосмислено и имаат извлечено поуки од тоа. Денеска Бугарија е членка на НАТО и ЕУ, гарант за стабилноста во регионот.

Сметам дека треба да се оди на поблиски односи и комуникација, да се развиваат условите за трговска размена, да се градат заедничките инфраструктурни проекти каков што е Коридорот 8 и.т.н. Сето тоа треба да биде крунисано со договорот за добрососетство, а редовните заеднички седници на владите на Р.Македонија и на Р. Бугарија да не се новина или шокантна вест а нешто сосема нормално.

Во СДСМ има цела нова ѓенерација политичари кои имаат шанса да направат сериозни чекори како за самата партија така и за Р. Македонија. Зоран Заев покажа смелост, но времето ќе покаже, колку и да сум оптимист, сепак останува мала скепса.

За Македонија нема друга алтернатива освен полноправно членство во ЕУ и НАТО, а тоа минува преку добрите односи со соседите и особено со Бугарија.

Мактел: Што треба да направи Македонија во иднина за да се подобрат односите со Бугарија, има ли некакво очекување во бугарската јавност?

Петар Колев: Македонија би требало да промени многу работи пред се заради самата себе. Ние како граѓани на земјата очекуваме стабилизација, развој и интеграција во евроатланското семејство. Сметам дека во Македонија онаа анти бугарска а во последно време и анти европска реторика треба да остане во минатото. Илјадници граѓани на Македонија се и бугарски државјани, голем дел од добрите специјалисти во Македонија во најразлични области завршија во бугарските универзитети, голем број компании како македонски така и бугарски инвестираа во двете земји. Сето тоа беше табу тема, но како што гледаме денеска е сосема нормално. Македонија треба да биде прагматична во своите потези а не емоционална. Емоциите не се добар советник.

Мислам дека е дојдено времето да се дебатира и работи во насока на надминување на разликите во сферата на историјата. Бугарската академија на науки и Македонската академија на науки и уметност треба да ја интензивираат својата соработка и да го затворат и тоа прашање. Барем во науката не би требало да е толки тешко, се разбира ако станува збор за наука а не обид некој да прави политика од тоа.

Мислам дека најважното е Македонија да покаже дека има волја да ги решава проблемите. Јас сум убеден дека со братска Бугарија тоа можеме да го направиме искрено и одговорно. Денеска и во Македонија се очекува нова влада, во Бугарија веќе има нова влада. Ние како невладина организација ќе дадеме се од себе да се нормализираат работите и да се бараат јасни и конкретни решенија.

Сметам дека само така, без многи празни фрази и демагогија а со јасни потези и решенија ќе се врати довербата и ќе се нормализираат односите. Но времето е пред нас останува да видиме.

Мактел: Основани ли се стравовите кај некои дека Бугарија ќе ја уценува и блокира Македонија во патот кон ЕУ и НАТО со цел негација на македонскиот идентитет?

Петар Колев: Жал ми е што после 25 години од признавањето на Македонија од страна на Бугарија, која меѓу другото тоа го направи прва, некој спинува и ја држи оваа тема на дневен ред. Како што знаете ставот на Бугарија е јасен дека ние сме братски земји и тука нема дилеми.

Правото на самоопределба е индивидуално човеково право, гарантирано со Уставот на Македонија но и со низа меѓународни конвенции и договори. Јас навистина жалам што некој верува дека некој друг може да му определи како да се идентификува. Ова се однесува и на сегашноста но и на минатото. Секој сам определува како да се декларира. Оваа според мене е безпредметно во 2017 година.

Мактел: Очекувате ли конечно да се направи пругата со Софија па дури и со некаква помош на Бугарија сега кога Бугарија е многу побогата од нас, некои кредити и слично?

Петар Колев: Тоа е една од темите според нас кои треба да бидат меѓу првите разгледани од новите раководства на Македонија и Бугарија. Јас длабоко верувам дека после толку године овој проект ќе се реализира. Не ја исклучувам и улогата на ЕУ. Има специални фондови за такви големи инфраструктурни проекти и ако Македонија и Бугарија застанат заедно зад него мислам дека ќе се реализира. Исто така очекувам и дека ќе се отворат нови гранични премини, а постоечќите ке се модернизираат. Тоа ќе биде од огромна помош на економијата но и на граѓаните.

Мактел: Во земјава сеуште се гаи омраза кон Бугарите, преку разни стереотипи за Бугарите кои се дури и расистички, има вицеви со исмевање на Бугарите и слично, постои ли можност некако со ЕУ фондови да се помогне медиски проект за рушење на тие стереотипи во земјава со порака за соработка со Бугарија, запознајте ја Бугарија, промовирање на туризмот во Бугарија, историски дебати итн итн?

Петар Колев: Многу често сум се среќавал со тие стереотипи и предрасуди. Според мене тоа е плод на недостатокот на комуникација, но и на едни други структури кои не сакаат Македонија да има нормални, братски односи со Бугарија плашејки се дека тоа е опасност за нивните лични интереси. Македонија ако стане дел од ЕУ ќе биде надворешна граница за некои наши соседни земји. Но мислам дека на човечко ниво, работите се многу по различни. Ова е еден од предизвиците за кој треба да се работи. Се надевам дека скоро особено со помошта на европските институции и овој проблем ќе се надмине.

Мактел: Што очекувате да се случува со македонската десница по овој дебакл кој им се случува и кој допрва ќе им се случува на судски план?

Петар Колев: За моја огромна жал, како почитувач на историското ВМРО, десницата денеска се наоѓа во нокаут. Се надевам дека ќе собере сили да се реформира.

Ако сакаме да имаме нормална држава, тогаш ќе мора да сватиме дека без правила и закони кои да важат подеднакво за сите тоа е невозможна мисија. Секој кој се огрешил пред законот ќе треба да одговата. Десницата ќе треба да се освежи и модернизира, ново поколение да застане на нејзино чело. Според мене не е изклучено и создавање на нови политички проекти во тој сектот, ако нештата останат вака како што се. Десницата чувствува глад, недостаток на идеи и лица.

Мактел: Што се случува на политички план во Бугарија, има ли опасност Бугарија да се Oрбанизира и Ле Пен-изира?

Петар Колев: Бугарија има јасна евро-атланска насока на развој. Одамна нашите браќа зедоа решение дека сакаат европска и развиена држава. И во таа насока има континуитет на водената политика без разлика кој ќе е на власт. Сметам дека пред Бугарија предстои спокоен период имај го во предвид и фактот дека во 2018 Бугарија ќе претседава со Европската Унија, тоа е уште една голема чест и одговорност за Бугарија и можност за Македонија да скокне неколку чекори напред кон ЕУ.

Мактел: Ви благодарам за интервјуто.

Петар Колев: Нема на што, ви стојам на располагање и понатаму.

Линк Мактел.мк

You May Also Like