Во салата на Советот на Општина Штип денеска беше промовирана книгата „Спомени“ од малку познатиот но историски исклучително значаен штипјанец Васил Хаџи Кимов.
Хаџи Кимов е исклучително активен револуционер. Бил, приврзаник на ВМРО на Александар Протогеров и член на ВМРО (Обединета).
„ Уште како ученик во гимназија, во 1922 година станува член на Комунистичката партија на Југославија, за три години подоцна ќе стане член на ММТРО (Младинска Македонска Тајна Револуционерна Организација). За време на Втората светска војна бил организационен секретар на Бугарскиот Централен Акционен Комитет, за што по војната бил осуден на повеќегодишна затворска казна. По издржувањето на казната работел во библиотеката „Св. Климент Охридски“ во Скопје. Долго време живеел и работел во Бугарија. Се вратил во родниот Штип во 1991 година, каде и починал“- кажа Кире Филов, приредувач на Спомените на Хаџи Кимов.
Промоторот на ова научно дело Проф. Д-р Трајче Стојанов за време на промоцијата истакна дека спомените на Хаџи Кимов се исклучително интересно и повеќе слојно дело, што може да се проучува од повеќе аспекти.
„Од литературен аспект може да се проучува стилот на пишувањето, за психолозите интересна би била личноста на Хаџи Кимов која се оцртува во книгата, а за историчарите влијанието на Бугарија во формирањето на комитети во Македонија“. Промоторот додаде дека ова дело би било интересно и за политичарите од организациона смисла, бидејќи Хаџи Кимов успеал за само 11 дена да ги создаде поголемиот дел од ограноците на Бугарскиот Централен Акционен Комитет на територијата на Вардарска Македонија.
Оригиналните материјали од Хаџи Кимов се чуваат во Централниот Државен Архив во Софија.
Книгата е пишувана точно онака како што стои во самите документи, без притоа да се менува нешто во нив.
Целта на издавањето на овие спомени е да се обедини стручната и научната јавност од двете земји, Македонија и Бугарија, да се донесат заеднички заклучоци кои ќе придонесат за решавање на нерешените дилеми и прашања и конечно да се решат споровите кои стојат на патот на нашиот заеднички напредок во еден европски Балкан.