МБП ја одбележа 145-тата годишнина од раѓањето на Гоце Делчев

Претставници на Здружението „Македонско-Бугарско пријателство“ положија цвеќе на гробот на идеологот на македонската револуционерна борба Гоце Делчев.

За време на официјалниот дел од прославата на годишнината од раѓањето на големиот револуционер, пригоден говор оддржа Неговата Екселенција Иван Петков, амбасадор на Република Бугарија во Македонија, присутни беа аташето за култура Антонија Велева  и воениот аташе полковник Илијан Крстев, заедно со голем број гости од Македонија и Бугарија.

Нашата организација го испочитува ликот и делото на најголемиот син на Македонија. Водени од неговите идеали, денес ние се обидуваме да држиме чекор со промените на локално и светко ниво, барајќи го според нас најдоброто за нашата земја. Како што Гоце го разбираше светот како поле за културен натпревар меѓу народите, така и ние денес се трудиме да наметнеме нов начин на размислување и делување-без предрасуди и омраза, кон сите наши соседи, а посебно со Бугарија, како наш најблизок пријател со кого имаме заедничко минато, но и јасно изразена заедничка иднина, во евро-атлантското семејство. Факт, што не е променет уште од времето кога Гоце Делчев,  учел во Военото училиште во Софија и бил задграничен претставник на Организацијата, повторно во Софија неколку години подоцна.

            Георги Николов Делчев е роден на 4 февруари 1872 г во град Кукуш, во семејството на Никола и Султана Делчеви. Основното образование го добива во родниот град, а ја завршува и Солунската егзархиска гимназија, каде раководи и таен кружок, заедно со Даме Груев и Борис Сарафов. Учи во Военото училиште во Софија, но неколку месеци пред дипломирањето е исклучен. Веднаш после тој настан одлучува да се бори за слободата на Македонија, како за темел на замислените од него комитети одлучил да ја користи образовната мрежа на Бугарската егзархија. Од 1894 до 1896 е егзархиски учител во Штип. Бил задграничен претставник на Организацијата во Софија. Заедно со Ѓорче Петров на два пати учествува во создавањето на Уставот на револуционерната Организација. Гоце Делчев го посветува својот живот на изградбата на темелот за понатамошната вооружена борба за примарната цел автономија на Македонија. Убиен е во вооружена пресметка со турски аскер крај селото Баница на 4 мај 1903 година. Неговата смрт се смета за најголемата загуба на Организацијата во предилинденскиот период.

            Денес 145 години после раѓањето на идеологот на Организацијата, не е лесно да се опише подвигот на Гоце и неговите соработници. Будали со идеали. Луѓе визионери, а во истото време исти  како сите нас, со доблести и маани, полни со надеж и желби за подобро утре.

            Гоце!!! Синот што имаше илјадници мајки и татковци, братот, што имаше браќа и сестри во секое катче на Македонија.

            Би било убаво секој од нас да се обиде да го најде Гоце во својата суштина. Бидејќи, ако дозволиме Апостолот на Организацијата да остане само еден лик од сликите и некакво име од книгите, неговиот подвиг ќе ја изгуби својата смисла.

            Бидете непослушни! Бидете непристојни кога некој се обидува да ви продава магла. Бидете барем за момент Гоце. Читајте за него. Барајте го во денешнината. Бидете активни. Секој чекор назад е изгубено време. Гоце ќе остане тоа што е , ако одиме напред и не се плашиме да ја дознаеме вистината, што ќе не направи слободни. Бадијала ќе биде секое парадерство со ликот и делото на најголемиот македонски син, ако заборавиме на неговите идеали и борба. Тука не се работи за нови ками и пиштоли, а за состојба на духот. Пиштолот е пенкало, камата е книга.

Времињата се други и нам ни останува должноста токму тие времиња да не го избришат споменот. Меморијата за луѓето кои без страв тргнале спроти текот на реката, борејќи се прво со своите сопствени стравови,  му кажаа збогум на својот комфорт за да дојде тоа подобро утре, што е во дното на секоја една револуција.

 

You May Also Like