Денови на современа бугарска книжевност во Македонија

Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје заедно со Националната библиотека „Св. св. Кирил и Методиј“ – Софија, организира Денови на современа бугарска книжевност во Македонија.

Манифестацијата ќе сеодржи на 15 и 16 ноември, во просториите на НУБ – Скопје и ќе ги содржи следните активности: потпишување нов Договор за соработка меѓу двете библиотеки, изложба на книги преведени од бугарски на македонски јазик во последните две децении, книжевна средба со тројца бугарски автори и трибина на тема „Читаност и афирмација на македонските и бугарските автори во други културни средини“.

Со овој настан сакаме да иницираме продлабочување на книжевните врски и запознавање на македонската јавност со книжевните достигнувања на авторите од Бугарија. Покрај тоа, со конкретна комуникација да го поддржиме меѓусебното приближување, размената и преводот на врвни книжевни дела, како и отворањето нови можности за уште поголема културна соработка.

На свеченото отворање на изложбата ќе се обратат д-р Иван К. Заров и д-р Красимира Александрова, директорите на двете национални библиотеки и Н.Е. г. Иван Петков, амбасадор на Р. Бугарија во Р. Македонија.

На книжевната средба извадоци од своите дела ќе читаат почитуваните гости од Бугарија, Силвија Томова, Вања Аврамова и Поли Муканова, а осврт за бугарската книжевност ќе има поетот и книжевен критичар Бранко Цветкоски.

Трибината на тема Читаност и афирмација на македонските и бугарските автори во други културни средини ќе биде отворена за сите заинтересирани, а ќе учествуваат писатели, преведувачи, издавачи и други.

You May Also Like