Столе Велков: Романија во мало!

Романија во мало !!!!!

 

Гледајќи и анализирајќи ја моменталната политичка состојба во Република Македонија, не можам а да не го споменам фактот дека безобразно многу ми наликува на Романија од 1989 година. За тие што не се на јасно со споменатата ситуација еве ќе се обидам да ви ги покажам сличностите. Најсликовито ќе го разбереме ако пребараме на интернет Nicolae Ceausescu LAST SPEECH (english subtitles) и го споредеме текот на настаните од неговиот говор со македонската моментална политичка состојба.

Поради се полошата ситуација во Романија, водачот Николае Чаушеску, се одлучува на голем народен собир за да покаже дека „народот одлучува“ и дека народот го сака и поддржува. Во првите редови на неговиот говор се сместени најважните членови од неговата кумунистичка партија. Во текот на неговиот говор секоја негова реченица е пропратена со громагласен аплауз од своите најблиски луѓе и секое тоа воодушување задолжително се снима и прикажува во живо на телевизија. Гледаме луѓе во првите редови, среќни и задоволни, од начинот на управување кои со цинични насмевки ја проследуваат целата ситуација а потсетуваат на тоа колку се тие моќни и безстраншо самоуверени. Но, знаејќи дека луѓето лошо живеат и дека не сите се дојдени од возхит, за да си ја осигури потребна  „љубов“ поставува големи звучници на кои се слушаат аплаузи и скандирања на неговото име. И така почнува целата манифестација, Чаушеску почнува да зборува, да покажува и раскажува колку и што тој има напревено, а публиката треба да стои, да слуша, да се восхитува и да верува во тоа што и се кажува.

На што алудирам со сето ова, каде ми е споредбата ? Не можам, а да не забележам дека користењето на фразата народот, народот, народот се користи како најсигурна карта за покажување на моќ. Кога ќе е тешко, ајде да се собереме за да видат другите дека ние и НАРОДОТ сме заедно и дека НАРОДОТ не поддржува во нашите идеи. Но, да не излезе дека напаѓам некого или заземам позиција, да ја погледнеме и другата страна на политиката во Македонија и да ја споредеме со натамошните случувања од говорот.

Народот присутен на говорот на Чаушеску, непозициониран во првите неколку редови полека почнува да го покажува своето незадоволство. Мала група на луѓе почнуваат преку скандирање на навреди да го демонстрираат своето незадоволство. Колку ли е било тогаш незамисливо обичен „смртник“ да крене глас против државата знаејки дека тогашниот систем бил заштитен од најсуровата комунистичка полиција „Секуритате“, но сведувањето до точка на нема полошо ги натерало на други размислувања. Во таквите моменти на безредица почнуваат проблемите кои се случуваат пред самите очи на Николае. Самиот паѓа во шок и неможе да поверува на тоа што се случува, како нешто безгрешно и неуништливо почнува да губи и да паѓа. Пробува да ги смири страстите и почнува да наредува да седнат сите и да се смират, но без успешно. Тогаш доаѓа до моментот на разбирање дека се има крај и дека е блиско. Во ситуација на немоќ пробува да нареди нешто но единственото нешто што излегува од неговата уста се само зборот, АЛО, кој го повторува непрекинато. Во еден момент во целата ситуација се вмешува и неговата сопруга, Елена Чаушеску, која освен што му е жена и му е и најголем советник. Дрско го советува  „зборувај со нив кажи и дека ќе има покачувања од 20 леи, зборувај со нив“. Николае, ја послушува и почнува да набројува дека пензиите, платите ќе се зголемат, на секој млад човек ќе му се овозможи добра иднина со парична помош од државата. Навидум во мирна и смирена ситуација, говорот е ислушан до крај и завршен.

И сега, после оваа мала историска приказна сакам да ги споредам настаните: ГОЛЕМИОТ НАРОДЕН СОБИР НА ЧАУШЕСКУ, со во последниве неколку години, БЕЗ ПРИЧИНСКИТЕ И СО ПРИЧИНСКИТЕ СОБИРИ НА ВЛАДЕАЧКАТА ВМРО ДПМНЕ. Би Ве замолил господа, од владеачката партија, да престанете со вашите популистички собири на кои ни покажувате дека вие сте тука за народот, да ни објаснувате колку  ВИЕ сте направиле за нас народот. Да престанете да ги собирате докторите, полицајците, учителите, пожарникарите и од Струмица, Гевгелија и сите други далечни места од главниот град, кои место да се на работа мораат да дојдат да ви дадат поддржка на собирите. Ако сакате да сме успешни како држава оставете ги лугето да си работат тоа што најдобро го знаат, а истите тие кога ќе треба да избираат, ако се задоволни од вашата работа, од вашите услови кои сте и ги пружиле, тие пак ќе ве изберат. Трудете се навистина да е така како што зборувате, а не да се собирате за да покажете колку ве има и на тој начин да докажувате тазата – како не не бива, видете колку сме.

Не треба да дозволеме да се чувствуваме врзано-зависни од владеачката гарнитура, ниту сега ниту утре ако дојде до промена на власта. Треба да запомнеме дека со многу вложени напори се достигнува посакуваната цел, и не треба да дозволеме со целта да управува некој друг. ОБИДОТ СО 20 ЛЕИ ПОКАЧУВАЊЕ НА ЕЛЕНА ЧАУШЕСКУ – СО ПЛАНОТ ЗА МЛАДИТЕ НА СДСМ. Оваа страна на споредбата ако не беше смешна, ќе беше трагична ( смеа низ солзи ). Опозициската партија СДСМ јавно, на скоро секој настап излегува со тезата „НИЕ ИМАМЕ ПЛАН ЗА МЛАДИТЕ“. Што е тоа план за младите? Вие имате план за секој млад човек и имате напишано дефиниции што треба да прави секој поединечно за да успее во животот и дека ја пронајдовте книгата на успехот?

Другото нешто е – Поради се поголемото иселување на младите од државата е решено на секој млад човек да му се доделат по 10 000 евра за започнување на сопствен бизнис. Колку ли ова звучи познато? Се извинувам, но мислам дека навредувате многу млади поединци со зборовите ние имаме план за младите, како тоа може да кажете дека имате план? Вие можете да имате политика и со водењето на таа политика да овозможите напредок на младиот човек. Докажете ни, дека можеме овде, не спуштајте не на ниво дека вие сте ни лидери, водачи, ментори, идоли. И како тоа на секој млад ќе му дадете ете така 10 000 евра. Сами се негирате, од една страна кажувате дека условите за започнување на бизнис во Македонија се катастрофални, дека не може да се размислува за бизнис за иновации, а од друга страна ќе давате по 10 000 евра на секој млад човек за почеток ( округло па на ќош излегува работата ).

И после целата оваа компарација, жално но вистинито,  е тоа дека и на двете наши први виолини диригентот е еден ист. Каде и зашто згрешивме, за да, начинот на водење на политика толку многу наликува на последниот европски диктатор. Не сакам да навлегувам во пострашна историја за тоа што  му се случило на Чаушеску и сакам да верувам дека ова се само потези што наликуваат на неговите и дека историјата ги научила нашите политичари дека тие се создадени за да му служат на народот, а не обратно, бидејќи ако не е така „ЛОШО ДРУГАРИ, ЛОШО“.

 

Столе Велков

Образование: Сoфиски Универзитет  „Св Климент Охридски“ – Пoлитoлoгијa

Живее и работи: Софија

 

На собранието оддржано на 09.10.2016 год. Столе Велков беше избран за член на управен одбор на МБП.

You May Also Like