Сега сè е во рацете на политичката класа во Македонија. Ова вчера го изјави премиерот на Република Бугарија, Бојко Борисов во емисијата “Слободна зона” на бугарската телевизија ТВ +. Повод за изјавата беше врачениот од претседателот на Македонија Ѓорге Иванов мандат за составување на влада, на лидерот на Социјалдемократскиот сојуз, Зоран Заев.
Oткако Европската унија го поздрави доделувањето на мандатот на Заев, Борисов истакна дека единствено стабилната власт во Македонија може да ги смири политичките страсти во земјата. Тој додаде дека дури потоа ќе биде организирана билатерална средба за европската иднина на Македонија.
“Во моментов, во кој тие ќе ја состават Владата ќе направиме билатерална средба со колегите од Македонија, заедно со министрите за надворешни работи, за да го направиме планот за Македонија, бидејќи нам ни претстои претседателство на ЕУ и претпоставувам дека на дневен ред ќе биде темата за проширувањето на Унијата, па сите треба да си ги решат домашните задачи, исто како што тоа го направи Бугарија “- изјави Бојко Борисов.