Во почетокот на март, Европскиот парламент усвои резолуција во која инсистира ЕУ да воведе визен режим за граѓаните на САД. Во моментов американските државјани патуваат без визи во земјите на ЕУ. Резолуцијата ја потсетува Европската комисија дека е обврзана да воведе визни ограничувања за граѓаните на САД, бидејќи Вашингтон сеуште бара визи од граѓаните на Бугарија, Хрватска, Кипар, Полска и Романија, кои веќе се дел од Унијата. Пратениците потенцира дека веќе е истечен двегодишниот период на чекање и сега Комисијата треба да дејствува “во рок од два месеци”.
Резолуцијата од 2 март е со необврзувачки карактер, но и покрај тоа ги растревожи бизнис-круговите.
Претседателот на парламентарната комисија која ја подготви резолуцијата, британскиот европратеник Клод Морејс потсетува дека Американците имале две години на располагање, за да го решат ова прашање.
“САД, чии граѓани имаат право без визи да доаѓаат во ЕУ, дејствуваат неправедно, бидејќи изолираат пет земји членки на Унијата”, вели Морејс за британските медиуми и објаснува дека сега е уште поважно да се реши прашањето, бидејќи никој не знае како ќе се развие политиката на Трамп и неговата администрација кон влегувањето на странски државјани во земјата.
Европратеникот очекува Европската комисија да го разгледа проблемот со САД на следниот самит во јуни. Ако до тогаш не се најде решение на проблемот, Комисијата е должна да воведе визен режим, во рок од една година, освен ако нема приговори од страна на Европскиот совет или на Европскиот парламент. Морејс признава дека евентуалното воведување на визи ќе влијае сериозно врз политичките и економските интереси на ЕУ, но ја подвлече својата убеденост дека Унијата не треба да се откажува од барањето за реципроцитет.