Мигрантската криза допрва почнува, бидејќи во непосредна близина на надворешните граници на Европа се наоѓаат меѓу 20 и 30 милиони потенцијални мигранти.
Ова го истакна денеска македонскиот претседател Ѓорге Иванов во Бугарската академија на науките во Софија, каде одржа предавање на тема „Миграциите и мигрантите: предизвици за третиот милениум“.
– Како што бројот на бегалците ќе се зголемува, така волјата и подготвеноста на Европската унија да ги прифаќа и интегрира ќе се намалува. Истовремено, мигрантската криза придонесе кон дополнително затегнување на односите меѓу државите. Но, цената што ќе ја платиме за несоработката е прескапа, бидејќи колку е послаба соработката меѓу државите, толку е посилна соработката меѓу криминалците, рече Иванов.
За разлика од политичките елити и безбедносните служби, како што додаде, шверцерите на Балканот немаат никакви етнички, јазични или религиски предрасуди. Целите наши животи, како што нагласи, ќе бидеме сведоци на бегалци и мигранти кои ќе се обидуваат да дојдат во Европа, бидејќи тоа е дел од поголем процес. Во тој контекст ги посочи податоците на Обединетите нации, според кои во светот има околу 232 милиони меѓународни мигранти и 740 милиони внатрешни мигранти.
Според шефот на македонската држава, во наредните пет години во однос на мигрантската криза ќе се соочиме со два предизвика. – Додека првиот предизвик е да се обезбеди контрола на коридорите преку кои се префрлаат мигрантите, вториот предизвик е да се обезбеди контрола врз слободното движење на мигрантите кои веќе се наоѓаат на Шенген територијата. Доколку Брисел продолжи со примента на бирократските мерки, тогаш ќе се зголеми ризикот за опстанок на Шенген зоната, додаде Иванов.
Пред присутните на предавањето во Бугарската академија на науките, македонскиот претседател нагласи дека Европската унија за да биде успешна мора да се дебирократизира и заедно со меѓународните организации да излезат од бирократскиот лавиринт прилагодувајќи се на реалноста на 21 век, јави известувачот на МИА од Софија.
– За успешно да одговорат на овие предизвици, носителите на одлуките мора да се потпрат врз науката, која треба да не запознае со сложената и динамичка реалност на 21 век. Од демографската експлозија на Африка и Азија, преку константната миграција кон урбаните центри, па се до растечката различност на градовите и мегалополисите. Само науката и нејзините институции, како што се универзитетите и академиите може да ги подготви европските институции за третиот милениум, нагласи Иванов.
На свечена церемонија во Бугарската академија на науките денеска на македонскиот претседател Ѓорге Иванов му беше доделена титулата „Почесен доктор на науки“ на БАН. На доделувањето присуствуваа голем број амбасадори, претставници на дипломатскиот кор во Бугарија, академиците од МАНУ, Таки Фити и Владо Камбовски. Претходно Иванов оствари средба со претседателот на БАН академир Стефан Воденичаров.
Во рамки на дводневната работна посета на Бугарија, утре македонскиот претседател ќе оствари средби со неговиот бугарски колега, Росен Плевнелиев, и со новоизбраниот претседател на Бугарија, Румен Радев. На средбите ќе стане збор за севкупните билатерални односи меѓу двете земји и можностите за унапредување на билатералната и регионалната соработка.