Јавноста одамна ги нарекува „Сваровски судство“ благодарение на објавените „бомби“ кои и меѓу најлојалните приврзаници на владејачката гарнитура, предизвикаа кошмари, немир, параноја и психосоматски пореметувања.
Најавата на Зоран Заев за реизбор во редовите на псевдосудството ги вознемирува духовите на длабоко вгнездените „чувари на Уставот и законите“ и ги исправи пред прашања на кои немаат сигурен одговор. -Ќе ги менуваме господарите и ништо нема да се промени? Сегашните господари се доволно моќни да излезат на крај со оваа „мала непријатност“. Ние сме незаменлив дел од овој систем, не има многу и промените се невозможни, следствено, ние сме целосно безбедни и недопирливи.
Секоја колонијална управа во историјата, порано или подоцна имала жестока конфронтација со „домородното“ население. Секоја колонијална управа има само една функција, да испумпува ресурси од територијата што е под нејзина контрола. Искуството вели дека, заради подобро функционирање на таквиот систем, потребен е одреден број на „домородци“ на кои социјалниот статус им е малку подобар од нивните сонародници, и поради таквиот статус, тие се првата одбранбена линија на колонијалната управа.
Заради одржување на привидот на ред во управуваната територија, секоја колонијална управа воспоставува казнен систем кој има обврска да ги регулира односите меѓу самото „домородно население“ и да контролира и спречува секаков облик на манифестација на незадоволство кон колонијалната управа. Таквиот псевдосудски систем има способност да се регенерира, да расте и развива, се додека ја ужива довербата на самиот колонизатор. Довербата се заработува со безусловно спроведување на наредбите од колонизаторот, кој да потсетиме има само една функција-безпоштедно исцрпување на ресурсите од територијата која ја управува.
„Сложни попови и во петок мрсат“
или „Органот никогаш не лаже“
Често слушаме или читаме од различни извори формулации од типот „неопходни се дополнителни реформи во судството…остварен е видлив напредок…судската академија во целост ја остварува својата функција…“
Забелешките од таков тип се неприменливи во овие услови, тие се однесуваат на односи во земји кои ги нарекуваме „нормални“ земји во кои поделбата на власта на законодавна, извршна и судска е функционална. Земји во кои секој граѓанин ужива заштита во рамките на уставно правниот поредок, ние пак, сеуште не сме се стекнале со статусот граѓанин, сеуште сме во состојба на „домородци“ и како на такви нам ни треба водство кое ќе не „цивилизира“ кое ќе раководи со нас затоа што ние немаме способност да управуваме ниту со нашите животи, а камоли да ни се доверат така значајни работи како „управување со државата“, идентификување на националните интереси, овозможување на принципот „еден човек, еден глас“ слободни избори и сл. Всушност, повеќето од нас како врв на својата егзистенција, професионална кариера, ја гледаме во рамките на воспоставување симбиотски однос со нашите колонијални господари. Колку повеќе напредуваме низ лавиринтот, повеќе не наградуваат, како опитните стаорци кога совладуваат одредени задачи кои им ги поставуваат во лабораториите. Во такви „лабораториски услови“ се негуваат, се развиваат и се поттикнуваат особините кои нема да предизвикуваат „клатење на бродот“. Напротив, пред потребата за „полн стомак“ простум стојат секакви морални, или помалку морални начела, идеологии и филозофии. Овој принцип е проникнат низ сите сфери на „домородечкото“ функционирање. Секој си го знае своето место според принципот „раката што дава, не се плука“. Ова подразбира, особено оние кои се занимаваат со „интелектуална“ дејност, бидејќи се во попривилегирана социјална група, од време на време да пројават „неутрален“ сомнеж во таквата реалност, ја имаа удобноста на „салонското негодување“ или дури на „дневен пуритaнизам“ и „ноќен разврат“. Така, истовремено се неутрализира секаков обид за критичко размислување, но, истовремено се негува и можноста кај некој од нас да ја игра улогата, да се поттикнува илузијата на различност, на пркос кон господарот, на мала доза на достоинство.
На социјалните мрежи, низ медиумите, дебатите со експертите, низ образованието, со еден збор ние „домородците“ имаме улоги, се разбира, повеќето од нас се статисти, најдобрите можат да се надеваат на епизодна улога, и тие ја имаат честа да го претставуваат лицето на нашите колонијални господари пред нас. Тие се секогаш на „браникот“, скриени зад своите униформи, тоги и костуми, накит и „брендирани“ парчиња, весело ја играат улогата како мајмуни за кикири пред циркуските шатори.
Преинсталација, не рестарт!
Затоа секој кој успеал, кој имал среќа да му избега на колонијалниот господар од симбиотската врска, е непријател. Независно колку таа „единка“ индивидуа, поединец е немоќен пред управувачкиот апарат, тој, апаратот, инстинктивно знае дека секоја форма на егзистенција вон неговиот дофат, треба да биде елиминирана во зародиш.
Овој спротивставен однос за среќа не може да функционира на долг рок (долг рок?)
Порано или подоцна, мора да се трансформира за да ја продолжи својата функција. Принципот на самоодржување тогаш се активира, и таквиот систем се обидува низ метаморфоза да ја продолжи својата егзистенција. Се трансформира, се маскира, се прилагодува, користејќи ги претходно акумулираните ресурси и воспоставени односи, во јавниот живот, во политиката, академската, деловната заедница… Во рамките на ова, целта е пред јавноста да се покажат што повеќе страшни сценарија, страшна, неконтролирана, неизвесна иднина, да се измисли непријател, заеднички и за колонијалната управа, и за „домородечкото население“.
Ние „домородците“ имаме само една шанса да ја оневозможиме таквата трансформација. Таа се разбира нема да биде идеално спроведена, но мораме да создадеме амбиент во кој така трансформираните креатури, ги натераме на повлекување, на криење, па зошто да не, да им создадеме опкружување во кое нема да смеат да користат електрична енергија, средства за комуникација, да им го отсечеме пристапот до ресурсите. Секое двоумење, секој компромис, калкулирање, ќе се свртат против нас и ќе добиеме „поинаква и иста“ состојба.
пишува: Ѓорѓи Трендафилов
потпретседател на МБП