МЛАДЕН СРБИНОВСКИ: ТРИУМФ НА НИШТОТО

Многумина колумнисти во последно време ја спомнуваат и се повикуваат наТравничка хроника. Убаво. Оние неколкумина заседнати травнички првенци кои го започнуваат раскажувањето со новостите за силните турски реформатори и европските дипломати кои сакаат на Босна, секој на свој начин да ѝ стават ред и закон, на крајот на книгата задоволно завршуваат со заклучок дека само во Босна се си останува по старо и нема сили неа што ќе ја реформираат. Нашиве македонисти се токму тие одбрани травничани. Груевски владееше и вечно бараше апсолутно мнозинство за ништо да не мрдне во Македонија.

Зарем само Босна или само сврзаните садови Босна, Косово и Македонија се вечното поле со ветерници за локалните Дон Кихоти? Кој им е виновен на Босна што немаат Албанци? Албанците со децении ни се влечната служба, реморкерите на Македонија. Зашто им се лутиме постојано што поентираат над болшевичкиот македонизам кој нејќе ни за милиметар да мрдне и се трансформира во граѓански македонизам. Од Албанците го дознаваме нашето скриено минато, тие ни ја туркаат државата кон Европа и ја откочуваат од самите нас закочената работа. Заев не е опасен ако владее со Македонија, опасноста е ако дозволи нејзино движење…

Граѓанска држава со болшевички македонизам? Да не смее ништо да се преразгледа и преоцени. Налик на невоспитан гледач од публика, во тие први години на независноста, дофрлав во текстови дека таа наша желба за внатрешна употреба не ни ја прифаќаат ниту нашите сограѓани од други националности, ниту нашите соседски држави, ниту пак некој во Европа. Такво е и историското и сегашното меѓународно гледање на Македонија и тоа е причината зашто заглавивме и тонеме. Македонизмот како фанатизам на сопствениот идиотизам е во состојба државата да ја снема, само тој да опстои. Сите овие над дваесет и пет години независност ние не ја заштитувавме државата, сите економски и интелектуални ресурси беа и се фрлени во заштита на македонизмот…. И денес? Денес имаме македомизам без држава.  Европа нема  проблем со Првиот Илинден, со Гоце, Даме, Алаксандров, Миладиновци… Има проблем со Вториот Илинден, со учењето на Новаковиќ, на Мисирков, на Конески, со ставовите на Асномска Македонија и со сите нас, повоени генерации македонистички воспитани…  Македонизмот е остро спротивставен на европските стојалишта за и во Македонија. Она што е несомнена стојност од Македонија за Европа се: Кирил и Методиј, Климент, Наум, богомилите, ВМОРО, Гоце, Даме, Александров, Миладиновци, Прличев… Трета, помирувачка опција, за нивно помирување, за кое отсекогаш и секаде мојата скромност се залагала, ја нема и не смее да ја има. За македонизмот сето наше минато е бугарско бреме кое без пардон треба да се сече, да се фалсификува и на секој начин да се оцрни, не водејќи сметка дека со тоа и тој наш определен принос, дел од богатиот европски идентитет сега сами го сквернавиме. 

Се сеќавам многу убаво на една прес конференција од пред дваесеттина години на овој истиов Метју Нимиц кој со децении доаѓа како посредник од Обединетите нации во Скопје за решавање на спорот со името. Дипломатски избегнувајќи да ги спомне зборовите Македонија, Македонци или македонски и ословувајќи не со оваа држава и овој народ, нашиве сокачарско нападни новинари му се нафрлија отворено да каже која е тоа, таа држава и тој народ кај кои сега тој се наоѓа. И како што умеат само највештите дипломати, без примрднување и жиличка на лице, се сврте кон нашиот новинарски полусвет и спокојно им одговори, “Јас се наогам во република Македонија и оваа држава е на македонските граѓани“ и без прашање продолжи: “а Албанија е држава на албанскиот народ, Србија е држава на српскиот народ, Бугарија е држава на бугарскиот народ и Грција е држава на грчкиот народ“.

Го слушам затворен дома овој став за надворешна употреба искажан на наш, внатрешен терен за кој наместо дебата, никој нема ни да зуцне зашто така зборува медијаторот на ОН, и во тие времиња на најголеми напади по мене, си велам, не ти требаше да се впушташ во сето ова, Младене, како сака нека се заврши, само не се плаши, најважно, не си бупкал глупости.

Ниеден систем не израснува од ништо, карактеристиките на една држава ги определуваат нејзините внатрешни посебности и не е единствено во прашање само нехуманото, шовинистичкото гледање кон различните и поинакумислечките од нас. Покрај интелектуалното македонистичко симулирање, во Македонија е во прашање и класично незнаење на природата на нашата држава. Сакаат да ја управуваат, ја владеат, ги ползуваат облагите на власта, а не ја знаат природата на оваа држава. Затоа удираме во секое столбче по пат.

Случајот со еден друг професор, правник, Љубомир Фрчковски е моја лична преживелица и само напишана изгледа обично. Баналноста на секојдневието кое ни го крои животот не зборува повдигнато. Сум читал и претпоставувам: секаде и отсекогаш, од сите министерства, најтивко и најздодевно е во Министерствата за внатрешни работи и не треба посебна писателска инвенција за тапо опуштените полициски разговори и наврапито потпишаните или усните нивни одлуки. И биолог повеќе се возбудува преку памбуче штом инсект со шпенадла ќе боцне и ќе го стави во инсектариум од полициски службеник кога некого става во картонче или на машина за прислушување…

Ќе се узминеш случајно во Трговски со Верушески и раступотената селска важнотија нафрлена на надворешното со најскапото, чекори подзинато шефот на тајната полиција со заканувачко ситење и намерно не го трга погледот од мене, не внимавајќи дека оди во еден од столбовите…

Тогаш, за време на министерувањето со полицијата на Љубомир Фрчковски ни беа отворени полициските досиеа… Нека не им е на атер, како и Маријановиќ, и професори нека се, не ја знаат работата со Македонија. Го гледав тоа и кај Фрчковски од неговите колумни понеделнички што му ги читав во “Дневник“. Интересен и провокативен, полициски несомничав, не гледа некогаш предметот дека го промашува, и во промашувањето, со најголема сласт врши пресметка со оние врз кој не увидел дека грешел.

Невозможно е неделно забрзано да си и најточен и инвентивен за секоја тема и старо правило е: најлесно е да се нападне колумна и колумнист. Но тогаш овде си во опасност да станеш цел на оркестрирани удбашки напади во кои крв ти бараат. “Нова Македонија“ и “Пулс“ преку мене покажаа дека е можна македонистичка хајкачка демократија и прегрупираните остатоци во “Утрински весник“ и “Слободен печат“ и денес жалат за медиумски “слободните“ деведесетти.

Фрчко на сите новинари го дава бројот на мобилниот, лесно го најдов и му се јавив. Жртвата на џелатот… Нема да ширам дали се изненади кога ми го слушна името и дека му се јавувам за неговата колумна за македонските писатели. Е, мило ми е што си ја прочитал, ми вели, но во што е проблемот? Проблемот е што најдобро не ја знаеш работата за која пишуваш. Јас не ја знам? – и растегнато гласно на слушалка в уши ми се смее. Не, не ја знаеш, пак со придушена отсечност, му одговарам. Ќе се сретнеме и ќе видиш…

И, се сретнавме. По скоро една година на раскрсницата пред поранешна “Нова Македонија“. Вадејќи десет денари да купам од уличниот продавач, утрешен “Дневник“, некој од зад мене ми вели, не плаќај, јас ќе те честам весник. Се вртам и, Фрчко во каубојски високи чизми и шешир со голем обод. Чекај, штом ме читаш, јас плаќам. Секогаш се потребни компетентни читатели. Ми подава еден весник, се свртевме и веднаш ми вели, добро, ајде, каде е проблемот, кај се најде ти во колумната за која што ми се јави?

Од кај да почнам?… Јас ли треба да му кажувам што е проблемот? Има една книга од самиот Берѓаев за неговото сослушување лично од Ѓержински по кое наместо да биде затворен, со распитот си ја откупува токму од врховниот иследник својата слобода, го добива пасошот и заминува за Париз. Освен што сме ограничени за силата на моќните мисли и судбини на големите паталци, тие моќно ни изгледаат и по здобиената болка која што не ги кочи и неа во книга да ја срочат. Нашата болка и судбина затоа што е малечка и паланечка, сама од себе е крастава и најмалку личи да ја типосаш како книга.

Проблемот со македонската литература, му велам, не е со тоа што во неа го има, а многу малку во неа нешто има, таа е срамно празна, умртвеноста на македонската литература е што таа како литература тесно кроена бега од себе, од литературата како проблем и станува литература без четиво проблематично небитна. И затоа што е свесно небитна е опасна, вие цели децении таа нејзина небитност како општествена опасност ја позлатувате и форсирате и сега плачеш зашто писателите молчат. Тие се дебело платени такви да бидат, тие што не молчат меѓу другите и ти ги замолчуваше и што е важно што не сум се препознал во колумната кога дупло сум навреден… Во таква колумна само двајца без тројца можат да се најдат, и тие од вонлитерарни причини. Кој добил награда, колку добил овој, колку зел оној… Во Македонија тек – тук ќе најдеш достојна литература, ја нема, овде пишувањето е тегнење локуми, забрането е да се пишува полнокрвно. Нашите писатели се создадени да ги бркаат читателите, а  јас, со моите книги ги враќам. Прости, ама така е.

“Така е, навистина многу те фалат“, – ми вели пријателски. Изгледа човечки. Стамен во срдечноста и одмерен во љубопитноста најпосле застаната пред него. “Ајде, испрати ме на кај дома, па ќе збориме“. И тргнавме по “Водњанска“.

“А бе, тоа е нашава работа, знаеш, ние немаме во многу области луѓе што ќе ни фрлаат полнокрвни парчиња, човек не може сенешто докрај да следи. Не гледаш, ние немаме еден историчар за асол што ќе не храни…

 Небаре рофја ме удри, па, па за тоа, затоа му се јавив! Ти го збориш тоа јас што требаше да ти го кажам. Сам ме донесе на битното…

“Види Фрчко, многу нешто не сме прочитале и не ќе прочитаме, ама кажи ми искрено, те молам, искрено, дали си ги прочитал “За македонцките работи“? Ама, искрено…

Фрчко долго замолче и не рече ништо. Прво ме погледна в очи па се загледа преку зградите на Државна болница. Добро, му велам, јас ќе ти го дадам мојот од мене подвлечен примерок. Може, вели. Идниот вторник во Александар Палас има трибина за политички проследувања во дванаесет напладне, подготви се и дојди. Јас те канам…

Идниот вторник пред почетокот на трибината, на Фрчко му ги дадов “За македонцките работи“ и мојот роман “Шашма“. Еден месец, месец и половина отпосле, беше направен полицискиот упад во А1 телевизија. И нив јавно, дали го заслужуваа како телевизија баш од мене, на нивната програма ги поддржав…

Да живееш и размислуваш по некои критериуми на луѓе што ви биле многу битни е да помислиш на нив при своите постапки дека тој фиљан човек лично и да не те познава, ќе ти се намурти или ќе те одобри е најисконската за човека топлина или прекор како врзивност од својата средина што секого урамнотежува, на која човек по едно време со воздишка се сеќава. За обичните луѓе тоа е некој примерен домаќин од соседството или неговите родители, а за пообразованите тоа се најчесто поистакнатите нивни бивши професори.

Со полно стрпливи пријатели по полиците, апатридски повлечен настрана, одамна, одамна немам личности кои и да ми се превсенат пред мене, не би имал потреба да се правдам за (не)стореното. А сепак, без тоа нема, нема општествена средина, нема држава. Токму обратно, сега понепријатно ми е безобразници од мене кога црвенеат и ми честитаат дека, “сепак“ испаднало по “моето“..Нашиов македонизам изнаштанца развратници што ни ги продаваше за икони и сега кога сето се распаѓа и се е на ачик, самонаметнатите авторитети, човечки корупки, седат на страна и молчат пред од нив збодинатиот триумф на ништожноста нив прво што ги голта. И, и кога за тоа никој не го тера, тогаш, трогаш некој ќе се појави нешто да извади, (ако го забележиш), нешто и уште нешто, пред сите… А тоа нешто, е уште нешто од себе. Ако нешто во него има.

На ми бил професор Денко Малески и не сум имал ни некој посебен однос кон него. Слично, што ми беше отпосле мило, со години како студент, но и потоа, сум читал извонредни текстови за економијата и филозофијата, на втората страница од белградските “Књижевне новине“ од некој Владимир Глигоров. Без самољубиво парадерство својствено за интелектуалците, па тој, (мислев е некој од Војводина), беше најдобар од сите југословенски автори во весникот што објавуваа. Многу подоцна дознав дека е син на Киро Глигоров и кога почнаа при осамостојувањето со кампања за Глигоров да го вратат во Македонија, во некој од тогашните текстови имам речено, не Киро, син му Владимир нака дојде.

Од Денко Малески можеби одамна и сум прочитал некој негов текст во “Погледи“ и толку. Како да се чувал за овие времиња. Сите кога молчат, да имаме што да прочитаме. Убавината на неговите колумни е подголтнувањето како кажување, не експлицитноста на кажаното. Мудроста лебди над неговата шлајфна сроченост. Потсетува на добросовесен шофер кој сепак, се нафатил да пренесе преполн автобус пробисвети, откаченици и многумина платени да изигруваат луди кои при возањето му го дрпаат воланот, а тој смирувачки ветува и советува, само не докршувајте го возилово, само уште една кривина, само уште еден мост и на станица сме во Европа. После ве пуштам колку сакате да стискате на свирката.

 Особено колумната, “Дилемата на македонското национално единство“ од пред неколку години, за баба му и дедо му, македонски Бугари од Струга, за татко му, со младост и студирање во време на пропагандната диктатура на кралска Југославија и тој, повоена генерација родена во новата држава… Стожерна колумна подоцна многупати превземана и препечатувана. Безвремена. Познавајќи ги нашиве удбашко македонистички ѕвериња, за мене откритие на длабока човештина и чесност. Тој очигледно е врвен, како што сега модерно е да се вели, тинк тенк менаџер на политичките проблеми, но тој со оваа колумна откажува да биде и македонистички менаџер на вистината. Зар има и такви меѓу македонистите?

Нашето аутсајдерство ова многу години порано го пишуваше, но тоа е неспоредливо со тежината на зборот од етаблираниот професор, првиот министер за надворешни работи на независна Македонија. Што сакаме повеќе? Кои сме ние бе, нам јавно да ни се исповеда? Само и само во нас самозатруените да го подраствори македонистичкиот отров. Во неговите колумни нема друго освен, човечка благородност од највисок ред. Од татко на не баш најталентиран писател, исползувајќи ја можноста за сјајно образование кое што му овозможува да се издигне над генерациски збеснатите ќерки и синови на комунистичките властодршци, Денко Малески одамна и на нив, и нам служејќи ни на чест, огноотпорно со години се оцртува во најпрофилираната интелектуална фигура на непотрошената и непотрошливата Македонија.

Немаме толку многу кораби за сите, уште незапловени, да ги потопуваме…

Доцна но не предоцна, од некаде треба да се почне… Група професори, ако не целиот Правен факултет од Скопје како институција што подготвува кадри кои што, пред се, во општествено – политичкиот, судскиот и полицискиот систем во најголем дел ја управуваат Македонија, треба сами, тие најдобро знаат тоа да го изведат, да се извинат за сите до сега носени и спроведувани нехумани закони и на сите политички репресирани граѓани по секоја основа. За да покажеме дека се има одвнатре сила и визија за системско наше поевропејчување.

ПРОДЛЖУВА…

 

Младен Србиновски е писател од Република Македонија и публицист. Роден е во 1958 година во село Вруток, Гостивар.Високото образование го стекнал на Филозофскиот Факултет при Универзитетот „Св Климент Охридски“, на катедрата по социологија. Сепак, и покрај тоа што е дипломиран социолог, неговото професионално дејствување досега било насочено повеќе кон новинарството и пишувањето книги. Така, тој работел во Македонската Телевизија како новинар во редакцијата за наука, сè до 2000 година, кога станува директор на Народната и универзитетска библиотека „Св Климент Охридски“. На ова работно место тој не се задржува долго, па така веќе во 2001 година почнува да работи како помошник на генералниот директор на Македонската Телевизија, Љупчо Јакимоски. Функцијата на помошник на генералниот директор на МТВ ја врши до 2002 година, а во периодот што следи повторно се враќа во новинарските води, но овојпат тоа е во секторот а истражување и развој на Македонската Телевизија.

Тој пишува и издава повеќе новели, од кои ги издвојува Година со тринаесет месеци и Чувар на виножитата. Освен овие новели, тој ги има напишано и книгите есеи Македонските Авгиеви штали и Обеди Ништожност, како и повеќе драмски текстови, меѓу кои Марко КралеИтар Пејо и Македонски Фауст. Претставата Македонски Фауст, според текстот на Србиновски, а во режија на Сашо Миленковски, ја имаше својата премиера во јули 1999 година на Самуиловата тврдинаво Охрид, како дел од манифестацијата Охридско лето. Потоа следуваат романот Грабнувањето на мртвиот Дизни и најновото дело на Србиновски насловено Приказни од Долна Земја. Овој роман кој излезе од печат во 2005 година е инспириран од историските и животни вистини за (не)возможниот соживот меѓу Албанците и Македонците. Неговиот роман „Шашма“ излезе во 2010 година и ја разработува македонската шашма од 1913 година до сегашните денови. Него критиката го споредува со Орхан Памук и со Иво Андриќ.

Поврзани вести