ПРОФ-ДР ГОРАН СТОЈКОВСКИ: АКО МАКЕДОНИЈА ПЛАМНЕ ЌЕ СЕ ЗАПАЛИ ЦЕЛА ЕВРОПА

Горан Стојковски е бугарски политиколог, роден во Македонија во 1969 година Денес живее и работи во Бугарија. Доктор е по политички науки и професор по политички науки во Пловдивскиот универзитет “Паисиј Хилендарски” и универзитетот “Св. св. Кирил и Методиј “во Велико Трново.

 

Од септември 2014 до јануари 2017 година е член на политичкиот кабинет на министерот за надворешни работи (експерт-советник за регионална политика во Министерството за надворешни работи на Република Бугарија).

 

Специјалист е за надворешна политика, дипломатија и национална безбедност, регионалните односи и безбедносните проблеми во Западниот Балкан, вклучувајќи ги културолошките  прашања за идентитетот, етномалцинската проблематика и политичкиот развој на земјите од Западен Балкан и Југоисточна Европа. Магистер за надворешна политика и национална безбедност на Софискиот универзитет “Св. Климент Охридски “. Во 2008 година брани докторска дисертација на тема “Перспективите на меѓуетничките односи и државното уредување во Република Македонија”. Женет, со две деца.

 

– Како дојде до сегашната криза во Република Македонија? Дали можете да ја објасните таа појава во поширок историски контекст од последните години? Каде треба да се бараат корените на конфликтот?

– Во четвртокот вечерта, за жал, како гледачи ја имавме можноста во директен пренос да гледаме во живо, како реално изгледа драматичниот неуспех на една држава. Ова е крај на Македонија таква што ја знаевме и каква постоеше до “црниот четврток” на 28 април 2017 година. Од тука натаму ништо веќе нема да биде исто: македонската република влегува во процес на значајна промена и редефинирање на карактерот на државата.

Пред да кажам нешто за конкретните причини и околности, да почнеме од “малку од подалеку” – од глобалната промена како поширок контекст во кој се случуваат и локалните „нереди“. Пред јавната и политичка криза да ескалира, Македонија настрада и од тешка социјална криза, таква, од каква меѓу другото моментално страдаат и сите останати општества.

Моментално наместо граѓаните, токму корпоративната моќ е потрошувач на либералната слобода и демократските права. Поделбата на еден народ, демократската несозреаност на едно слaбо граѓанско општество, неодговорната и зависна политичка елита, во суштина ја доведоа земјата до колапс.

Нестандардното однесување на македонските политичари е резултат на воспоставениот политички модел во земјата. Овој политички модел сепак е производ на политичко размислување, карактеристично за политичка култура со ограничена демократска вредност. Македонската демократија, за жал, продолжува да биде несозреана, слаба и непродуктивна. Македонското општество и политичката елита патат од поставторитативен синдром и многу бавно и тешко се ослободува од авторитарните навики и манири. Специфичноста на македонскиот случај е дека таму политичката поделба е многу јасно изразена, тоа може да и нанесе непоправлива штета на македонската државност како целина. Со други зборови: во овој случај овие огромни политички и општествени разлики можат да ја уништат македонската држава. Во моментов токму тоа и се случува.

 

– Имаат ли вина големите сили – САД, Русија и ЕУ, за сегашната ситуација во Македонија?

– Историјата на меѓународните односи нè учи дека во светот ништо не се случува и ништо не може да се случи покрај волјата на главните протагонисти и фактори во глобалната политика. Секако, од позицијата на моќниот тие никогаш нема да се согласат да преземат одговорност за случувањата. Во поширок план два главни фактори негативно влијаат врз развојот на меѓународните односи и глобалниот политички поредок. Едниот е кризата на меѓународното право, што не важи за силните и моќните, а се наметнува на послабите. Вториот се двојните стандарди,  кои им се наметнуваат на послабите, без да се мисли на елементарната принципиелност во ситуација на арбитража и интервенција.

Македонија во овој момент има потреба од меѓународна дипломатска солидарност за спречување на понатамошната ескалација на тензиите и продлабочување на кризата.

Мислам дека ќе биде корисно ако Западот помогне и го поддржи дипломатскиот процес за стабилизација на политичката ситуација во Македонија.  Крајно време е ЕУ и САД да дејствуваат заедно на Балканот, нешто што ќе овозможи да се контролира и регионалната рамнотежа на силите.  Македонија не смее да попадне во сеопфатна изолација, бидејќи изолирана и неинтегрирана во ЕУ и НАТО Македонија значи дестабилизација на Балканот.

 

Дали постои ризик за територијалниот интегритет на земјата, ако Албанците бидат отстранети од учество во власта?

Еден важен дел од факторите во македонската државна политика долги години ја фаворизира етномалцинската проблематика – и особено албанското прашање во Македонија – во духот на југословенско-српскиот концепт за статусот, местото и положбата на Албанците во државата. По албанското востание од 2001 година, што заврши со Охридскиот договор и промена на уставот, правата на Албанците беа значително зголемени и оттогаш тие се во процес на постојано подобрување и подем. Обид за евентуално отстранување на Албанците од учество во државното управување, ќе го постави почетокот на редефинирањето на формата на државното управување. Таквиот потфат сепак е ризична авантура која со себе ќе донесе директен конфликт меѓу заинтересираните страни.

 

– Можно ли е помирување на завојуваните страни, или единствениот излез се нови избори? Нови избори ќе го сменат ли соодносот на силите во парламентот?

– Мислам дека во моментов,нови избори не се најповолно решение и не би го промениле суштински соодносот на силите. Кризата во Македонија е доста длабока, таа е системска, таа предизвика сериозни последици и поделби. За запирање и отстранување на последиците од кризата е потребен процес на мирна координација, на компромис, на обединување и интеграција.

 

– Кој ја носи најголемата вина за заострувањето на конфликтот?

– За жал сведоци сме на два апсолутно различни ставови, некомпатибилни перцепции и поинакво толкување на истата визија за една иста држава, бидејќи: Албанците во проектот за евроатланска интеграција на Македонија гледаат својата шанса за демократско и беспрекорно   всеалбанско регионално обединување; додека повеќето Македонци во истиот интеграција проект гледаат механизам за разединување и загуба на македонската република, и особено важно за нив: укинувањето на македонскиот идентитет.

 

– Како го оценувате однесувањето на бугарските институции во однос на случувањата во Македонија?

– Ако објективно ги земеме во предвид реалната општа состојба на бугарската политика и воопшто потенцијалот на државата за евентуално влегување во геополитичка игра кон актуелниот историски момент, очигледно е дека можностите на Бугарија се ограничени. Она што во овој момент државата може да си дозволи во врска со новонастаналата ситуација е да се ограничи до апели за мир и демократска разврска. За посериозен ангажман е неопходна конкретна државна стратегија со поставени јасни и остварливи надворешнополитички цели. Колку што јас знам таква конкретна стратегија сеуште не е формулирана. Во таа смисла декларацијата изгласана во бугарскиот парламент е доволна за моментот.

 

– Може ли Бугарија да и помогне на Македонија во оваа ситуација и како?

– Кризата во Македонија ја загрозува регионалната безбедност, предизвикува регионална дестабилизација и ја изложува на ризик глобалната безбедност. Изолацијата на Македонија ја фрла земјата во прегратките на Турција. Тоа ќе биде искористено од Албанија и ќе ги вовлече Грција, Бугарија и Србија во еден нов ривалитет. Ако Бугарија и помогне на Македонија, всушност на пракса стратешки и долгорочно го брани својот национален чисто бугарски интерес.

 

– Албанците се борат за голема Албанија, а Македонците за што се борат? Кои се нивните цели?

– Македонија веќе долго време не се помирува со исчезнувањето на Југославија и со сите сили се бори да чува духот на една одамна веќе непостоечка држава. На Македонија и ‘се наметна на тежок и болен начин да се раздели со македонизмот, титовизмот и југословенството. Сеништето на Голема Албанија се содржи во т.нар. Платформа од Тирана. Мислам дека со некои од максималистички барања Платформа од Тирана стана реинкарнација на духот на Призренската лига, која е par-excellence концепт за големодржавен проект.

Сеуште не е доцна, со одредени модификации сепак, Платформа од Тирана да се трансформира во Платформа од Скопје, зад која да застанат и Македонците, и Албанците, за мирот и напредокот на заедничката држава Македонија.

 

– Ќе стане ли Македонија  Украина на Балканот?

Тешко е да се прават такви прогнози. Лично се надевам таквиот излез ќе биде избегнат. Според мене не би требало да се дојде до таква геополитичка ситуација, особено ако земеме во предвид дека сепак Македонија е кандидат за ЕУ ​​и практично е “неофицијален” член на НАТО, односно спаѓа во западната геополитичка сфера. Конечно,  палење на Македонија би значело и официјалниот почеток на пожарот во Европа.

 

Извор:  www.glasove.com

Поврзани вести