Непокорени букви – 102 години од раѓањето на Венко Марковски

    Денеска се навршуваат 102 години од раѓањето на големиот македонски и бугарски поет и интелектуалец од највисок ранг Венко Марковски. Човек што беше од двете страни на „рововската војна“ меѓу идеологиите на  Југославија на Тито и Бугарија на Живков. Венко Марковски се смета за основоположник на современата македонска поезија, воедно со тоа е нарекуван и дводомен автор (бидејќи пишувал на македонски и бугарски јазик). Истите тие што го нарекуваат Марковски дводомен, забораваат дека се „адвокати“ на антимакедонската власт, која го избрка големиот поет во Бугарија.

 

            Венијамин Миланов Тошев, познат како Венко Марковски е роден во Скопје 1915 година, во сиромашно, скромно семејство. Татко му, Милан, бил курир во општината, а мајка му, Љубица, продавала ситници на тезга. Освен Венко, тие имале уште три ќерки.

Основно училиште завршил во Скопје, а образованието го продолжил во скопската машка гимназија, каде 1931 година, заедно со неколку свои соученици го формираат Литературниот кружок. Таму се воделе дискусии за создавање на македонскиот литературен јазик, како и за подобро запознавање со македонската историја, традиција и фолклор. Овој кружок, по приемот во Комунистичката партија прераснува во илегална организација Македонска ослободителна револуционерна организација (МОРО), подоцна преименувана во Македонска младинска револуционерна организација (ММРО). Пред матурирањето, организацијата е разбиена, а нејзините членови се затворени. Венко поминал 31 ден во затвор, а потоа бил отстранет од училиштето и не му било дозволено да полага матура. Избегал во Софија, Бугарија, каде е примен на Филолошкиот факултет, во катедрата за Словенска филологија. 

            Во Софија, Венко Марковски му се приклучил на Македонскиот литературен кружок во кој членувале: Никола Јонков Вапцаров, Ангел Жаров, Кирил Николов, Ѓорѓи Абаџиев, Митко Зафировски, Стефан Нанов, Коле Неделковски и Димитар Митрев.

Истата, 1938 година се оженил со Филимена, а прв сведок им бил Коле Неделковски.

            Марковски е дел во сите три комисии за кодификација на македонскиот јазик. Бил противник на прифаќањето и примената на Вуковата азбука за македонскиот јазик. Ја предложил употребата на буквата Ѕ и бил застапник за употребата на  ъ (големиот ер).

Оттогаш започнува неговиот судир со власта. Подоцна, ќе биде исклучен од партијата заради „предавање партиски тајни“, односно зашто зборувал дека Македонија се србизира,  бил затворен, а неговото семејство интернирано во Кичево. Две години поминал во домашен притвор, а 1956 година е осуден 5 години робија на Голи Оток заради пишување и дистрибуирање на памфлетот со поемата „Сувремени парадокси“ каде ја критикува власта. За жал, и во Друштвото на писателите, неговите пријатели, го осудуваат и никој не застанува на негова страна. По враќањето од робија, животот во Македонија му станува неподнослив. Од еден од најголемите поети на своето време тој станува непочитуван, необјавуван, отстранет од општеството, прогласен за граѓанин од втор ред. Згора на тоа, бил принуден во весникот Нова Македонија да даде изјава во која се оцрнува себеси, а како награда му објавуваат збирка песни „Стихови“, а драмата „Гоце“ се поставува на сцената во Македонскиот народен театар.

            Hо, односот кон него не се сменил, тој во Македонија, односно СФРЈ бил непожелен и 1965 година, практично е екстерниран во Бугарија. Од другата страна на границата добива разни признанија и привилегии, именуван е  за академик на Бугарската академија на науките, неколкупати е народен пратеник и добитник на највисоката награда за литература „Ѓорѓи Димитров“, прогласен за херој на Бугарија и јунак на социјалистичкиот труд.Умира во Софија, 1988 година. Четириестина години, од политички причини, е избришан од македонската (литературна) сцена.

 

Литературно творештво

 

Со своите две збирки песни „Народни бигори“ и „Огинот“ напишани на македонски јазик, а издадени во Софија 1938 година, Венко Марковски е еден од основоположниците на македонската современа поезија.

Освен нив, на македонски јазик ги напишал делата:

„Илинден“, „Луња“, „Елегии“, „Гоце“, „Чудна е Македонија“, „Гламји“, „Робии“, „Климе“, „Над пламнати бездни“, „Сказна за резбарот“;„Робии“ од Венко Марковски

а на бугарски: „Орлицата“, „Вистината е жестока“, „Легенда за Гоце“, „Крвта вода не станува“ (Одговор на „Историја на македонскиот народ“ во три дела), „Преданија заветни“, сонетните венци: „Бунтовни воштеници“, „Вековни врвулици“, и „Судбовни маченици“; „Голи Оток – островот на смртта“.

           

“Од един народ ние создадовме два народа. Од еден јазик направивме два. Во името на вистината браневме заблуди. Стар јарем разбивавме. Ковавме нов омот. Над Бугарија без жал го делевме небесниот свод. Одвраќавме поглед од мајка со мајчинско слово…

(„Предания заветни“, песна втора)

 

            Денес кога зборуваме за овој голем поет, не можеме, а да не го спомнеме терминот рехабилитација во неговиот политички контекст. Тажен факт е во 21 век се уште да се зборува за рехабилитации… На луѓе, на творештво. Марковски не е поштеден од црнобелата манија- „Ако не си со нас, значи дека си против нас“. Поетот е дел од комисијата за кодификација на македонскиот литературен јазик, токму поради фактот дека се побунил против србизирањето на јазикот, Марковски влегува во еден отворен конфликт со тогашната југословенска власт. Ставот, кој се разликува од идеолошката матрица наметната од југословенскиот културно-политички систем на вредности и идеи, е во основата на прогонот извршен врз поетот.

            Не биле еден и двајца тие што се одрекле од секој добар збор што кажале за вредноста на творештвото на Марковски. Тој бил заборавен и жив „погребан“ за културниот живот во СР Македонија. Можеме само да погодуваме колкав гнев и болка се насобрале во душата на големиот поет, кога сите тие што до вчера го признавале неговиот талент, денес се натпреварувале, кој по прв да го плукне, со цел да му се додвори на титовистичкиот режим.

            Марковски е избркан од Македонија. Тој е уништен психички и морално од довчерашните свои соработници и колеги. Никој од неговите духовни џелати не добил осуда. Напротив, некои од нив и до последните свои денови, се радувале на почит од македонската јавност. Судбината на Венко Марковски е како потсетник за секој непокорен дух. Пораката е јасна, а имено, ако го риташ раженот ќе се изгориш. Ситните души никогаш не се горат, тие само бавно согоруваат.

 

Насловната фотографија е превземена од www.weni.com и личниот блог на Вени и Игор Маркоски, внуци на големиот поет.

You May Also Like