Сите луѓе на светот се родени еднакви и треба да ги уживаат истите права.
Денес, со помош на огромното влијание на модерната технологија како резултат на напредниот ум на човечката индивидуа, доаѓаме до ниво каде светот станува само едно глобално село во кое е неизбежно луѓето од различна националност, раса и религија да живеат и работат заедно.
Свеста на луѓето, посебно кај младите, треба се искачи на едно многу повисоко ниво каде што принципите на толерантност и солидарност ќе бидат во основата на меѓусебните односи на микро и макро ниво. Во земјите од Европската Унија е забележително покачено нивото на одговорноста и самокритичноста, а ова повлекува и се повисока стапка на толеранцијата. Потребен ли ни е нам влез во ова европско семејство за да ги промениме своите гледишта и проекции?
Едноставно е – без непријател нема војна. Негирањето на непријателската проекција е најмоќен начин да се сруши теоријата на војната, за потоа да се истакне теоријата на мирот каде проекцијата на непријателот е заменета со толерантност, солидарност и разбирање меѓу луѓето.
Европската Унија ги гледа сите човекови права како универзални, неделиви и независни. Активно ги промовира, спроведува и брани во и вон своите граници. Таа активно се вклучува во решавањето на проблемите со човековите права, дури и кога се работи за земји кои не се нејзини членки.
Луѓето веруваат дека повредата на човековите права се почести во земјите со диктаторско уредување поради фактот дека не постои слобода на говор, слобода на своеволно дејствување, како и слобода на медиумите кои не се залагаат за демаскирање на диктатурата. Сепак, често се случуваат вакви проблеми да се појават и во земји, кои се со демократско уредување.
Европската Унија верува дека демократскиот принцип на државно уредување е единствениот политички систем кој може да ги реализира сите човекови права. Мирот, стабилноста, развојот и просперитетот се нераскинливо поврзани и не можат да постојат без континуирано почитување на човековите права и демократски институции. Според тоа и сите земји кои тежнеат кон членство во ЕУ мора да имаат демократско уредување и да ги почитуваат човековите права.
Во мултиетничко општество во какво што живееме ние, горенаведените принципи се од круцијална важност за соживот. Повикувањето на партиотизам и унитарност од една национална група, без разлика дали таа го претставува мнозинството или малцинството, не придонесува до нејзино издигнување или пак снижување на вредноста на опонентот, туку само го комплицира процесот на рушење на бариерите и создавање услови за соживот.
Време е да почнеме да дејствуваме поразлично, заеднички да ги осудиме нетолерантните и несолидарните, но на начин на кој и тие ја сфатат смислата на демократското делување. Без исполнување на овие принципи не можеме да очекуваме влез во ЕУ. Факт е дека нашите гледишта и проекции ќе се надградат под влијание на културата во ЕУ, но за надградба мора да има и основа која ќе се темели врз принципите на толерантност и солидарност. Поставувањето на токму таа основа е нашата домашна задача која мора сами да ја решиме!
Пишува:
Симеон Арсов
Претседател на МБП-Кочани