Членови на МБП на пракса во Областна управа на Софија!

За време на исклучително успешната работна посета на Софија, раководството на Здружението МБП оствари средба и со раководството на Областната управа во главниот град на Бугарија, предводено од Областниот управител – Живка Такева Прванова, заменик-управителите Петар Александров Харалампиев и Томи Младенов Николов.

Нa неа стана збор за повеќе теми од взаемен интерес, а произлезе и конкретен проект – членови на МБП да бидат практиканти во Управата!

Целта е членовите на МБП да добијат ретка можност да се стекнат со значајно искуство во менаџирањето на проекти во интерес на граѓаните, во рамки на еден сложен систем како што е Областната управа на Софија. „Здружението МБП има пријател во Областната управа Софија“, беше порачано од страна на надлежните во Управата.

На средбата се разговараше за повеќе можни заеднички иницијативи во иднина, во повеќе облсти, кои би претставувале мост на пријателство меѓу двете земји. Од Областната управа на Софија изразија подготвеност во целост да го споделат нивното искуство во аплицирањето за грантови од европските фондови. Конкретно беше посочено дека студентите се целна група која најбрзо и најлесно може да ги користи многубројните проекти што стојат на располагање од ЕУ. 

На крајот на средбата, надлежните во Управата упатија порака до сите граѓани на Македонија, кои имаат некаква потреба од софиската администрација, дека вратите на Управата се отворени за соработка.

МПБ изразува исклучителна благодарност за овозможената средба и досегашната соработка со Областната управа – Софија, која особено се должи на несебичното залагање на Заменик-областниот управител Петар Александров Харалампиев.

Истовремено ја користиме приликата да им ги честитаме Божиќните и Новогодишните празници!

You May Also Like