Acta non verba
Акција, не зборови, така е озаглавено ова писание (инспирирано од употребата на латинскиот во писмата на „нашето” ОЈO)
Во наши, македонски услови, погоре напишаното не се сфаќа како предупредување, повеќе е желба, стремеж, цел, надеж дека само првиот дел од предупредувањето ќе биде реалност.
Но, како во сите криминалистички новели, подобро или полошо напишани, во кои идентитетот на главниот негативец ни е откриен уште на почетокот, читателот (во случајов ние, граѓаните) почнуваме да развиваме симпатија кон главниот негативец.
Почнуваме да се идентификуваме со него, да сочувствуваме, да планираме со него, да се радуваме на неговите успеси и полека да стануваме соучесници.
Ние, граѓаните, ние сме тие кои го хранат тој семоќен ѕвер, таа „моќна влада” која зависно од нејзиното расположение и од степенот на моето, твоето, нашето, подаништво и понизност, зависи дали ке ни „даде или ќе ни земе се”.
МБП и парламентарните избори 2016
Непобитен е фактот дека граѓанскиот сектор во Македонија покажа и повеќе од завиден отпор кон партиско-политичкото пазарење, без оглед што некои во меѓувреме се трансформираа во политички партии, тоа не го намалува резултатот од нивното тогашно дејствување, и уште помалку треба да гледаме сега на нив со сомнение дека нивната „острица” e отапена. Напротив, најмалку што можеме е да им посакаме успех во таа поинаква форма на дејствување и да им упатиме охрабтување да ја задржат свежината на оригиналноста на идеите кои ги застапуваат.Дури и ако после изборите мнозина меѓу нас се најдат разочарани, повеќето граѓани во земјава не се членови на политички партии, или барем ако се, за среќа или за жал, како кому му одговара, не се членови на партии поради идеолошка приврзаност, политички принципи и сл. туку се (сега можам да одберам) за жал членови од чисто конкретни, материјални интереси, можеби дури повеќето од нив да не ги знаат основните постулати на партиите во кои членуваат ( ако партиите кај нас се уште имаат такво нешто). Во такви услови, овој, колку-толку силен и активен граѓански сектор, сега кога веќе има „освоено територија” нема да ја предаде без борба. Со други зборови, ако следната влада, без оглед на нејзиниот состав, без оглед на распоредот на местата во парламентот (бројките во нашиот парламент се важни само при избор на влада, еднаш кога таа ќе се формира, членовите на македонското собрание според праксата сета своја моќ ја префрлаат на владата, знам, некој можеби и се запрашува „а за што по ѓаволите тогаш ги плаѓаме”? Aко не успее во првите 100 дена од своето формирање да докаже дека сите граѓани се еднакви и имаат заштита во рамките на Уставот пред државата, дека индивидуалната слобода е пред правата на државните институции, дека ќе стори се, за да воспостави функционален и демократски базиран правен систем, овој граѓански сектор може да биде повторно ставен во функција за одбрана на виталните интереси на граѓаните. Духот е излезен од шишето и тешко дека ќе биде вратен назад.
Неколку зборови за нас, МБП или Македонско-Бугарско пријателство, да бидам попрецизен, другите за МБП.
Kако здружение, јавно се изјаснивме дека ја поддржуваме „Платформата за демократска Македонија” од причини затоа што таа „платформа” ја разбираме како порака дека дел од политичката јавност во земјава е свесен дека забелешките од “Извештајот на Прибе “ се премногу сериозни за да се игнорираат и дека сакале или не, македонската политичка елита ќе мора да покаже резултати во решавањето на проблемите кои се нотирани. Решавањето на тие прашања во крајна линија, за жал како и многупати досега, ќе биде „падни-стани” проследено со засилена медијација на „странците” кои нашите домашни политичири по потреба ги сакаат или ги мразат.
За помалку од еден месец, „Платформата за демократска Македонија” почна да се трансформира во нешто што може да се опише како „повеќе од шестмина не можат да се договорат каде да вечераат, а не пак…” Навистина, нашето здружение во таквата „гладна” дружина не остави доволно „гладен” впечаток, да бидеме искрени, ниту ни паднало на памет дека „степенот на глад” може да има било каква улога во реализацијата на цели кои немаат никаква врска со „угостителството” и кулинарските вештини.
Зборувајќи за целите, не може а да не се спомне впечатокот дека одредени Ѓозовци-Бозовци, дополнително придонесоа „Платформата” да ни ја претстават во стилот и ние „Хammerhead Милојко” за трка имаме. Зарем таквите мислат дека Македонците -македонските Б’лгари – Б’лгарите членови на Здружението за Македонско-Бугарско пријателство, поради определбата дека Македонија не смее да биде гетоизирана, ниту одвнатре во сопствените граници, ниту надвор, дека поради тоа ќе занемарат една од своите цели – релативизација и објективизација на историските случувања, таа моќна алатка во рацете на разни демагози. Зарем сериозно некој помислил дека ние нема со должна почит да се сеќаваме на Борис Дрангов командант на 5-от македонски пешадиски полк? На еден Климент Бојаџиев од Охрид, на Васил Силјановски од Крушево, на Александар Танев од Велес, или на Кирил Јанчулев од Прилеп. Или дека од овој ноември кога низ Европа се потсетуваат на жртвите од Големата Војна, ние нема да оддадеме должна почит на нашите предци.
Ако т.н. етничко- граѓанска хармонија претставува маргинализација на секој кој себеси се чувствува за бугарин во Македонија, ако „дружбата со таквите” е принуда пред секое патување надвор од земјава, дали кај ЕПП или ПЕС сеедно, имаме само една порака, ние никому и никаде не служиме за реклама. Демократијата не се распределува „пропорционално” согласно изборните резултати, исто како што тие резултати не решаваат дали некој сторил или не сторил кривично дело, демократијата ја има, или ја нема. Моделот дека „победникот носи се” се однесува на некаков средновековен воен пир, тој принцип (ако воопшто можеме да го наречеме така) ја држи Македонија предолго изолирана од современите цивилизациски текови. Затоа во нашево општество се негуваат, бујно растат, се пресадуваат и калемат, ни се нудат како врвен дострел особините кои пристоен човек понекогаш има срам гласно да ги изговори пред другите. Таквото индустриско производство на без’рбетништво се разбира дека е неспособно да развие особини како што се: одговорност, самокритичност, критичност, а со самото тоа, во таква средина е невозможна слободата како концепт и како прагма во чии рамки одново и одново ќе се преиспитуваат границите на секоја индивидуа, нејзината интеракција, улога, придонес или просто апстиненција доколку го одбере и тоа.
И така почитувани, некои прашања и понатаму ќе останат отворени, некои веќе се одговорени, а за некои секој од нас ќе треба сам да си одговори. Победите и поразите се интерпретираат понекогаш поинаку. Понекогаш победникот се чувствува поразен, а поразениот победник, и зарем има подобар пример од следново:
“Свалете знамената! Минава генерал Вазов – победителят от Дойран!”
Здружение за Македонско-Бугарско пријателство -МБП