Нора Абазли – „Светот во кој живееме е комплексен, динамичен и разновиден“

 

Мултикултурните општества како предност и основа за разменување на единствени искуства и стекнување нови знаења за разни култури

Низ годините, голем број специјалисти по хуманитарни науки на разни начини го опишувале поимот културa, иако е многу тешко да се даде една единствена дефиниција за таков сложен феномен. Британскиот антрополог Едвард Бaрнет Тајлор дава една од првите дефиниции за културата и според него таа претставува едно комплексно единство, создадено од знаења, верувања, уметност, морал, закони, обичаи и сите останати способности и навики кои ги стекнува човекот како дел од општеството.

Освен оваа колективна припадност, секој човек носи свои лични, единствени карактеристики; надворешен изглед, карактер, размислувања, образование, пол, возраст, сексуална определеност, религиозно убедување, коишто припадноста на одредена култура ја прават многу тешка за дефинирање. Припадниците во рамки на една културна целина може исто така, како и оние кои доаѓаат од различни култури, да бидат различни според расата, националноста, етничкиот идентитет или според личните карактеристики.

Светот во кој живееме е комплексен, динамичен и разновиден, секој е различен и единствен на свој посебен начин, секој има свои верувања, убедувања и различни погледи на светот. Културните разлики претставуваат значаен дел од нашиот секојдневен живот и тие треба да бидат прифатени како позитивна појава, како богатство, а не како причина за појава на предрасуди и чувство на одбивност и омраза кон оние кои се поинакви од нас. Културата не смее да претставува политички инструмент користен за потребите и профитот на одредени структури, туку таа треба да биде од отворен карактер, да ги зближува луѓето, без оглед на нивните разлики.

Берлин e еден од најразнобразните градови во Европа, мешавина од луѓе од сите раси, религии и култури. И покрај можноста луѓето да се навикнат на таа различност, сепак кај дел од населението постојат предрасуди за поинаквите од нив самите. Општествените и социјални односи во Берлин споредени со оние во Македонија, се поотворени и полиберални; луѓето полесно и побрзо ги прифаќаат припадниците од различни култури. За жал, некои луѓе тешко можат да разберат дека сите ние сме единствени и посебни на свој начин, различностите претставуваат големо богатство, сите ние треба меѓусебно да се почитуваме, да бидеме отворени кон запознавање на припадници од други култури, да научиме нешто ново од секој од нив, да дозволиме да ни пренесат нови искуства и знаења. На крајот, иако многу различни, сепак сите ние имаме едно нешто заедничко, сите сме луѓе.

Нора Абазли е родена на 24.12.1979 година.

Живее и работи во Берлин.

Образование:

Freie Universität Berlin Psychologiestudium

Universität Bremen Psychologiestudium

Freie Universität Berlin Studienkolleg Abschluss: Bestandene Prüfung zur Feststellung der Hochschuleignung

На собранието оддржано на 09.10.2016 год. Нора Абазли беше избрана за претседател на комитетот за култура на МБП.

You May Also Like