МБП ПРОМОТОР НА ЕВРОПСКИТЕ ВРЕДНОСТИ

Со Здружението за Македонско-Бугарско пријателство во следниот четири годишен период ќе раководи Петар Колев, воспитаник на Правниот факултет при Универзитетот Св.Климент Охридски во Софија. Родум од штипско Ново село, оженет, татко и носител на црн појас во карате. Очекувањата на МБП се дека младите во организацијата треба да бидат моторната сила, пред се поради стандардите кои ги имаат прифатено преку образованието, стекнатите искуства според современите норми на живеење, работа, професионална етика…

Собранието на МБП за претседател го избра Петар Колев, пренесуваме дел од неговото излагање пред делегатите.

Почитувани пријатели, пред се сакам да Ви се заблагодарам за довербата! Таа за мене претставува истовремено и чест и одговорност.

Пред нешто повеќе од 6 години, кога со неколкумина ентузијасти размислувавме за идејата за Македонско-Бугарско пријателство, ни на крај памет не ни паѓаше дека нашето здружение ќе изгледа како денес.

Тоа е благодарение на Вашата работа, упорност и верба во идејата. Денеска МБП е една од најголемите невладини организации во Македонија, и тоа е така благодарение на сите Вас!

Денеска нашето здружение има 14 официјални претставништва и структури низ земјата, а до крајот на годината ќе ги официјализираме и останатите со соодветна инфраструктура. До крајот на оваа година во секој град во Македонија ќе има официјални претставништва на МБП, каде граѓаните слободно ќе можат да се обратат за совет, идеја или помош.

Нашето мото: секогаш блиску до граѓаните, мораме да го исполниме со содржина до максимум.

Во изминатиот период реализиравме низа проекти во сферата на трансграничната соработка, културата, спортот, младите, образованието, работилници во кои ги предизвикувавме стереотипите во нашата средина. Наши членови беа во посета на неколку европски инситуции. Помогнавме на инвеститори да инвестираат во нашата земја. Генериравме и промовиравме позитивна енергија за соработка и заедничка почит. И сметам дека и во наредниот период треба и ќе продолжиме во истиот дух.

Почитувани колеги, Р. Македонија се наоѓа на исклучително сензитивна и сериозна раскрсница. Нашето општество се тресе од скандали и нестабилност, а младите луѓе секојдневно се борат, не за да се реализираат и да работат во својот роден крај, а за тоа како полесно и побрзо да ја напуштат Македонија.

Правото на самоопределба, на работа, на квалитетно образование и здравство се гарантирани права од уставот на Р. Македонија.

Тие почитувани, не зависат и не треба да зависат од волјата на една или друга партиска централа. Партиската книшка не е вредност која определува колку добар учител, лекар или економист си. Индивидуалните способности на секој еден од нас, образованието, желбата за унапредување  и интелектуален развој се билетите за успешна кариера насекаде во светот, но за жал кај нас, во нашата земја тоа не случај.

Почитувани пријатели, кога човек е болен, неговото закрепнување, неговиот живот, зависат од способноста на лекарот, а не од неговата партиска книшка, националност, или каква религија исповедува.

Кога за Бајрам или Велигден, внучињата на нашите мајки не се покрај нив, а се некаде во странство. Тагата ги погодува исто, без разлика дали се муслимани или христијани.

Детето што е одличен ученик и сака нов велосипед, а родителите не се во можност да му ја исполнат желбата затоа што се невработени, се тажни на ист начин. Детската, како впрочем и тагата на човекот воопшто е истата тага, без разлика на каква етничка група или заедница и припаѓа.

Затоа почитувани пријатели, ние се залагаме и апелираме до сите граѓани на Р.Македонија да ги обединиме силите и да создадеме стабилна, слободна и просперитетна Македонија. Да ги издвоиме фундаменталните  приоритети кои се заеднички за граѓаните на нашата земја и да ги реализираме за подобра сегашност и  иднина на нашите деца. Од нашите одлуки, од нашето општествено, индивидуално, професионално, нашето приватно ангажирање зависи каква Македонија сакаме сега и каква Македонија ќе им оставиме на генерациите по нас.

Ако политичките субјекти се грижат за слободата, благосостојбата и просперитетот на општеството,  невладините организации би требало да се грижат за душата на истото, да го облагородуваат, но и да алармираат кога основните човечки и граѓански права се доведени во прашање од истите оние кои се избрани да ги бранат и унапредуваат тие права. Барем во нашава земја ја гледаме силата на граѓанскиот сектор кој не се двоумеше да влезе во отворена конфронтација со сите можни последици, токму со оние субјекти кои се избрани да ги бранат темелните граѓански вредности врз кои почива Република Македонија.

Македонското општество е заболено општество. Проблемите кои испливаа на површината покажаа дека институциите не се во состојба да ги решат, или ги решаваат тешко, затоа што се затруени од корупција и некомпетентост на кадрите кои ги раководат. Затоа лесно посегаат кон примена на сила, кон агресија, со токмаци и чекани нашето општество нема да се излечи.

Почитувани пријатели, ниту порано, ниту сега, а најмалку во иднина сакам мојата земја да биде препознавана како таква. Јас сакам Македонија да биде земја со институции во кои граѓаните ќе имаат доверба, земја во која институциите навистина ќе се однесуваат и ќе работат во духот на нашиот Устав во кој пишува-Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Почитувани пријатели, со позитивна енергија, цивилизациските вредности  ќе ги победат балканските рецидиви и  комплекси во нашата земја, тоа е благороден предизвик кој заеднички се нафативме да го реализираме.

И затоа сум убеден, Македонија ќе биде дел од евро-атланското семејство, не затоа што само ние овде тоа го посакуваме, тоа го мислат и посакуваат мнозинството граѓани на Р. МАКЕДОНИЈА!

Ние почитувани пријатели, непочитувајќи ги правото и правдата, кршејќи ги законите и уставот во нашата земја не добивме ништо, единствениот резултат е тоа што ја загубивме слободата. Дозволивме група луѓе да бидат над Уставот и законите-дозволивме правдата да ја напушти Македонија.

И потоа се прашуваме зошто младите заминуваат од Македонија?

Причината не е невозвратената љубов како што некои квази интелектуалци не убедуваат, туку желбата и борбата за подобар живот, образование, работа желбата за нормален живот. Зарем младиот човек не заслужува да има квалитетно образование и фер шанса за реализација во сопствената држава како што тоа го имаат неговите врсници от Германија, Франција, Шведска и другите држави од ЕУ? Зарем за да ја добие таа шанса треба да замине во тие земји и никогаш да не се врати назад во Македонија?

Почитувани пријатели, сите сме свесни за тежината на околностите во кои се наоѓа нашата земја, но верувам во убедувањето дека може и треба да биде поинаку, може и треба да биде подобро е една од работите поради кои денеска сме собрани овде. Знам дека ние нема да отстапиме затоа што нашите уверувања се темелат на човечкото достоинство, на слободата, на прогресот и напредокот.

ДА ЖИВЕЕ СЛОБОДНА, ОБЕДИНЕТА И ЕВРОПСКА МАКЕДОНИЈА, ТАТКОВИНА НА СИТЕ НАС.

 

You May Also Like