Македонија и Бугарија договорија соработка во туризмот

Денес министерот за економија Беким Незири и бугарската министерка за туризам Николина Ангелкова остварија деловна средба на која присуствуваа и осум градоначалници од туристички најатрактивните македонски општини, како и претставници на туристичкото стопанство и градоначалниците на Сандански, Смолјан, Благоевград, Чепеларе и Банско.

Македонија лани била посетена од 25 илјади бугарски туристи, а пак 470 илјади Македонци ја посетиле Бугарија. Целта на оваа деловна средба е надминувањето на разликата во овие бројки, но и на изготвување квалитетни туристички услуги кои ќе привлечат туристи од трети земји.

“Бројот на туристите од Бугарија во Македонија последниве три години се зголемува во континуитет и лани достигна 25 илјади, но оваа бројка во споредба со бројот на македонските туристи кои ја посетиле Бугарија е многу мала. Нашата тенденција е да изнајдеме начин како да се зголеми”, изјави министерот Незири по средбата.

Според него, формирани се три мешовити работни групи кои за 15 дена треба да соопштат конкретни предлози за заеднички атрактивни туристички понуди.

“Ќе ги поканиме и другите соседи од регионот да се приклучат кон нашиот заеднички производ”, рече бугарската министерка Ангелкова.

Таа оцени дека денешната средба е потврда за добрите односи меѓу Македонија и Бугарија во областа на туризмот.

Поврзани вести